Цената на огревното дрво иста како лани, но нема да има поволности за социјалците
Објавено во: Економија 11 Август, 2013 17:00
Непроменета ќе биде цената на огревното дрво и годинава, најави генералниот директор на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџоски на денешната прес-конференција.
„Огревното дрво веќе петта години се продава по иста цена, 2.470 денари за просторен метар буково дрво и 2.570 денари за просторен метар дабово дрво во склад. Годинава нема да важи попустот од 10 до 20 отсто што го дававме лани“, рече Караџоски во одговор на новинарско прашање.
Тој истакна дека сега за сега не се најавени ни поволности за социјалците, доколку Владата не препорача во наредниот период.
Караџоски додаде дека цената на огревното дрво ќе зависи и од понудата и побарувачката и посочи дека приватните складишта можат да понудат и пониска цена.
„Во овој момент има доста понуда на пазарот така што цената може да биде и пониска, но и оваа цена што ја нудиме е задоволителна и реална“, рече Караџоски.
Очекува годинава ЈП „Македонски шуми“ да произведе 650 до 700 илјади метри кубни дрвна маса од кои 150 илјади тони ќе бидат техничко дрво, а сето останато огревно дрво.
„Тоа е нешто поголема количина од ланската со која ги задоволивме сите потреби на граѓаните кои сакаа огревно дрво да купат од ЈП „Македонски шуми“. Покрај нас постојат и приватни складови и национални паркови кои, исто така, продаваат огревно дрво за потребите на граѓаните“, појасни Караџоски.
Исто така Караџоски најави дека дел од нововработените во ЈП „Македонски шуми„ од огласот кој е во тек ќе бидат обучени и сертифицирани и вклучени во делот на производство кое опфаќа сеча, дотур и превоз со што ќе се зголеми сопственото учество на Македонски шуми за сметка на надворешните извршители.
Тој нагласи дека ако Македонски шуми во дадениов момент не ангажира надворешни извршители нема да има производство и доволно огрев за граѓаните.
„Огласот за вработување е завршен и на него за 1.600 работни места вкупно аплицираа околу 25.000 апликанти, рече Караџовски .
Тој посочи дека ќе се спроведат и проверки на терен за сериозните претенденти на конкурсот за да се види дали соодветствуваат податоците во апликацијата за членови на домаќинство и слично за никој да не биде оштетен и елиминиран заради било каква причина.
„Од 1.600-те лица кои треба да се примат на огласот поголем дел ќе биде преземен од страна на институциите на Владата, а дел ќе остане во Македонски шуми. Сите кои ќе влезат во Македонски шуми на работа, како и оние кои што веќе работат ќе имаат специјална обука и ќе добијат лиценци и потврди за секое работно место. На тој начин ќе се зголемува сопственото учество во производството, појасни Караџоски.
Тој истакна дека за да се има сопствено учество во производството не е важен само човечкиот фактор, туку и инвестирањето во опрема. Караџоски прецизира дека до крајот на годината ќе се знае колкав ќе биде процентот на учество во производството на Македонски шуми и на надворешните извршители.Можеби ќе ве интересира
Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега
КУПЦИТЕ НА СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ – повластената даночна стапка останува и следните три години
Кончар потпиша договор со позната американска компанија
ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар
Најскапиот град во светот за излегување е во Азија
Сијарто: Унгарија потпиша договор со САД за снабдување со течен природен гас




