Цените на нафтата паднаа на најниско ниво во последните пет месеци
Објавено во: Економија 13 Октомври, 2025 09:53
Цените на нафтата паднаа на светските пазари минатата недела по втор пат по ред, за околу 3 проценти, како резултат на ескалацијата на трговската војна меѓу САД и Кина, најавата на ОПЕК за зголемено производство и прекинот на огнот во Газа.
Цената на барел на лондонскиот пазар падна за 2,8 проценти минатата недела, на 62,73 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 3,2 проценти, на 58,90 долари. Ова се нивните најниски нивоа од мај.
Цените најмногу паднаа во петокот, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе воведе дополнителни 100 проценти царини за увоз на кинески производи од 1 ноември, како и ограничувања за извоз на целиот стратешки софтвер во Кина.
Трамп рече дека на овој начин реагира на исклучително агресивниот трговски став на Кина и дека повеќе нема причина за средба со кинескиот претседател Си Џинпинг, која требаше да се одржи за две недели.
Пораките на Трамп дојдоа откако Кина објави зголемена контрола врз извозот на ретки метали, а потегот на Пекинг дојде откако некои американски политичари повикаа на проширена забрана за извоз на чипови во Кина.
Интензивирањето на трговската војна меѓу САД и Кина би можело да го забави растот на светската економија, а со тоа и побарувачката за енергетски производи.
Дополнително, цените на нафтата се намалија поради ублажувањето на тензиите на Блискиот Исток. Имено, претставниците на Хамас и Израел во четврток потпишаа договор за прекин на огнот, според кој Хамас ќе ги ослободи заложниците што ги држи во заложништво долго време, додека израелските вооружени сили треба да се повлечат од Газа и да дозволат влез на конвои со хуманитарна помош.
Прекинот на конфликтот би можел да означи почеток на нормализација на сообраќајот, а со тоа и на преминувањето на танкери низ Црвеното Море и Суецкиот канал.
Покрај тоа, Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници неодамна одлучија да го зголемат производството за 137.000 барели дневно во ноември, како и во октомври.
„Голем број фактори предизвикаа пад на цените на нафтата, а најавата на Трамп за високи царини за кинескиот увоз е само најновата во низата. Исто така, има зголемување на производството на ОПЕК, зголемено производство во Северна и Јужна Америка, намалување на геополитичките ризици по договорот за прекин на огнот во Газа...“ објаснува Ендру Липоу, претседател на „Липоу Оил Асошиејтс“.
Можеби ќе ве интересира
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа
Колку дозволи издаде Хрватска за македонски работници?
Кои европски земји имаат најниски нивоа на БДП по глава на жител?
Ристески објасни како од 1 јануари ќе ја пресметуваат просечната потрошувачка кошничка
Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје




