30 Април, 2024
0.0292

ЧАДИКОВСКИ: Значајно е ЗНМ да биде фактор, но многу поважно е новинарството да биде силно!

Објавено во: Македонија 14 Декември, 2018

Добивај вести на Viber

Мојата кандидатура произлезе од разговорите со повеќемина колеги, некои од нив во самото ЗНМ. Работата е многу повеќе одговорна, одошто атрактивна, особено сега кога ЗНМ е силно здружение. Но, се прашувам дали е доволно само ЗНМ да биде силна организација. Не, мислам дека е многу поважно новинарството да биде силно, новинарската професија да си ја врати атрактивноста, вели Младен Чадиковски, кандидат за претседател на ЗНМ во интервјуто за Фактор.

Зошто се решивте да се кандидирате за претседател на ЗНМ, некои велат позицијата е атрактивна, но други велат, така ќе си создадете повеќе непријатели?

Чадиковски: Видете, навистина не знам дали позицијата е атрактивна или дали ќе имам повеќе непријатели. Друго е прашањето, што ние како фела можеме да направиме за подобрување на работите. Чувствувам дека можеме многу и дека сега е моментот. Да го вратиме новинарството на вистинските патеки, седма сила. Коректор на политиките што ги практикуваат властите…

Мислите дека новинарството треба да се занимава само со властите?

Чадиковски: Новинарството треба да се занимава со сите проблеми што ги тиштат граѓаните, ако во Владата е извориштето на проблемите, или во институциите, нормално е новинарството да биде критичар на власта. Добронамерен, за да го подобруваме општеството. Затоа велам, треба да се занимаваме со суштината на новинарството, да истражуваме, известуваме, да бидеме Воч дог врз политиката и бизнисот–таму се парите, а каде што има пари има и корупција. На крајот на денот нема да е важно дали ќе создадеме непријатели, туку колку новинарите ќе имаат нови пријатели и фанови меѓу гледачите и читателите. Целта е да ги вратиме луѓето пред телевизија, да продолжат да купуваат весници, или кога ќе читаат онлајн медиуми, да знаат кому му веруваат, а кому не, кој произведува фејк њуз, а кој разработува теми, анализира, коментира.

Така што да се вратам на првото прашање, вистината е дека мојата кандидатура произлезе од разговорите со повеќемина колеги, некои од нив во самото ЗНМ. Работата е многу повеќе одговорна, одошто атрактивна, особено сега кога ЗНМ е силно здружение. Но, се прашувам дали е доволно само ЗНМ да биде силна организација. Не, мислам дека е многу поважно новинарството да биде силно, новинарската професија да си ја врати атрактивноста.

Пред нас е изборното собрание на ЗНМ, за што се залагате за да се подобрат состојбите во новинарството?

Чадиковски: Има неколку важни столба во мојата програма, донесување на закони кои се потребни за реформите во медиумската сфера, создавање на силна МРТВ со силна дописничка мрежа, саморегулација во онлајн медиумите, создавање услови за работа на младите новинари, за истражувања, за истражувања во локалната корупција, крај на политиката на неказнивост, да се расветлат сите напади на новинари и напаѓачите да се изведат пред лицето на правдата. Исто таа ослободување на медиумите од клиентелистичките релации меѓу политиката и бизнисот.

Колку дигиталната револуција има вина за ширењето на пропаганда како една од стратегиите со кои новинарството почна да го губи својот кредибилитет?

Чадиковски: Тоа е и светски проблем, не е само наш. Кај нас е дополнителен проблем што некои мејн стрим медиуми ја прифатија пропагандата како средство за политичка манипулација. Потребно е време за работа со тие редакции да бидат медиумски професионални, а не копи пејст новинари. Така што, дигиталната револуција треба да ја искористиме, преку цврста саморегулација на онлајн медиумите, да создадеме база на препознатливи и квалитетни онлајн медиуми. Има дузина такви, но треба тоа да им го признаеме, за да не биде се фрлено во ист кош.

Имаат ли младите желба да станат новинари? Чест е впечатокот дека тие оваа професија ја користат само за да се промовираат себеси, и да скокнат во некоја друга професија?

Чадиковски: Не се младите виновни, немаат добра шанса. Некои немаа време ниту да учат што е тоа професионално новинарство, затоа велам кога ќе го вратиме дигнитетот на професијата, тогаш тие нема да сакаат да излегуваат од новинарството. На младите мора да посветиме најголемо внимание.

Што е со дописништвата?

Чадиковски: Развојот на новинарството во внатрешноста на Македонија е важен од повеќе причини. Ќе овозможиме достапност на фондови до дописништвата. Развивање на секции за истражувачко и аналитичко новинарство, децентрализација. Тука голема улога може да одигра и јавниот сервис, после реформите.

Александар Кузмановски


Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Партиите изнесоа ставови со кого би коалицирале и под кои услови

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Партиите изнесоа ставови со кого би коалицирале и под кои услови

ЦРВЕНИ ЛИНИИ: Апасиев кажа кој е условот за коалицирање

ЦРВЕНИ ЛИНИИ: Апасиев кажа кој е условот за коалицирање

ТРАГЕДИЈА: Пронајдена е мртва девојка во Штип

ТРАГЕДИЈА: Пронајдена е мртва девојка во Штип

КАСАМИ: Во нашата програма има и уставни измени

КАСАМИ: Во нашата програма има и уставни измени

МЕЏИТИ: Со Левица не би сакале да бидеме дел од иста влада, таа е антиевропски настроена

МЕЏИТИ: Со Левица не би сакале да бидеме дел од иста влада, таа е антиевропски настроена

ПРЕДИСТРАЖНИ ДЕЈСТВИЈА ЗА ПОРАНЕШЕН ГРАДОНАЧАЛНИК: Тошковски објави што направил

ПРЕДИСТРАЖНИ ДЕЈСТВИЈА ЗА ПОРАНЕШЕН ГРАДОНАЧАЛНИК: Тошковски објави што направил

Финансиска полиција: Фирма платила 3,5 милиони евра за стари акумулатори без да ги добие

Финансиска полиција: Фирма платила 3,5 милиони евра за стари акумулатори без да ги добие

ЕКС ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БУТЕЛ НЕ СЕ ОТКАЖУВА: Ниту јас сум отишол од СДСМ ниту СДСМ се сели од Бутел

ЕКС ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БУТЕЛ НЕ СЕ ОТКАЖУВА: Ниту јас сум отишол од СДСМ ниту СДСМ се сели од Бутел

Гаши: Избор на претседател во Собранието не е услов за коалицирање

Гаши: Избор на претседател во Собранието не е услов за коалицирање