ЧЕСТО МЕНУВАЊЕ РАБОТНИ МЕСТА: Предност или мана за работниците?
Објавено во: Економија 21 Февруари, 2024
Дел од граѓаните често менуваат работни места, поради различни причини, како ниска плата, лоши услови за работа, лоша работна атмосфера.
За исти работни места аплицираат и кандидати кои често менувале фирми, па и професии, но од друга страна има и работници кои долги години биле ангажирани во една фирма и времето го посветиле да се усовршат во една област.
„Од моето лично искуство, ако има двајца кандидати и ако едниот често менувал работни места, а со другиот тоа не е случај, предност му даваат на вториот, затоа што сепак им е важна лојалноста. Ако некој кандидат не успеал ниту една година да издржи на одредено работно место, тоа укажува дека или тој поединец уште се бара себеси, што сака да работи или е темпераментен и не останува на едно место. Фактори има многу и затоа сме тука ние психолозите да утврдиме од кои причини тој човек постојано менувал работно место“, вели психологод Скопје кој селектира кадри за вработување.
Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека ретко менувале работни места. Повеќе им одговарало со години да останат на истото работно место и да обавуваат работни обврски кои им се добро познати, односно да бидат во компании каде веќе се навикнале на работните задачи.
„Младите менуваат работни места, а јас до пензија си бев на истото работно место“, рече Снежана Станковиќ, граѓанка.
Луѓето велат дека работникот треба да менува работно место ако му се понуди повисока плата.
„Јас работев во една фирма, останав без работа и сега сум продавачка. Ако работникот работи во фирма каде му даваат мала плата, а друга му нуди повеќе, може да смени“, објаснува Анета Божиновска, граѓанка.
Честото менување на работното место носи и стрес за работниците.
„Не е во ред што младите често менуваат работни места, затоа што таман ќе се навикнат на едно работно место, треба да се адаптираат на друго место. Но, ако се работи за повисока плата, тогаш е оправдано менувањето на работата или ако фирмата отиде во стечај, луѓето мораат да се снаоѓаат“, кажа Мирјана Ѓорѓевска, граѓанка.
Младите велат дека ако не се задоволни од она што работодавецот им го нуди, ќе си бараат подобра опција.
„Јас сега не работам, а кога би работела сметам дека не е добро често да се менува работно место, но ако не сум задоволна од платата, ќе барам друга работа“, рече Христина Слободановска, граѓанка.
Во светот се правени различни анализи на оваа тема. Просечното време што работниците го поминуваат со ист работодавец се намали од 4,2 години во јануари 2018 година на 4,1 години во јануари 2020 година, според податоците на американското Биро за статистика на трудот. Во тој контекст, четири години може да ви изгледаат како цел живот ако се чувствувате недоволно платени, неценети или неисполнети секој работен ден.
Се вели дека промената на работа по една година не мора сама по себе да биде лоша. Меѓутоа, ако имате повеќе од една работа со полно работно време, која не сте можеле да ја работите цели 12 месеци, тоа е лош знак за другите потенцијални работодавачи – без разлика зошто сте заминале.
Како што пренесува Mashable, ако на работното место бидете пократко од осум месеци, тоа би можело негативно да влијае на вашето CV бидејќи во иднина работодавците би можеле да се посомневаат дека не сте го поминале шестмесечниот пробен период. 18 месеци е социјално прифатлив минимум за останување на едно работно место. Тоа значи дека сте повеќе од една година во компанијата и дека работодавецот се запознал со вашите квалитети, па врз основа на нив одлучил да ве задржи во компанијата. Ако низ четири години сте постигнале добри резултати или евентуално сте напредувале, во добра форма сте. Доколку сепак не сте нaпредувале, а проектите ви се на исто ниво, имате уште две години да се придвижите.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.