Четири друштва во сопственост на државата кои треба да донесат развој веќе должат 2,4 милијарди евра
Објавено во: Економија 03 Јули, 2025 07:50
Во јавниот долг, освен државниот, влегуваат и долговите на јавните претпријатија, акционерските друштва основани од државните органи, општините, институциите.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска изминатите денови рече дека државата не создава буџетски суфицит за да го намали јавниот долг, туку позајмува за да врати стар долг. Само во следните четири години, рече таа, секоја година ќе враќаме по една еврообврзница.
Претпријатијата кои во иднина ќе треба да донесат каков-таков развој или стабилност со инвестициите кои што се најавуваат, имаат огромни долгови, најмногу кон финансиските институции кои ги кредитираат тековните и идните проекти.
Државниот долг го сочинуваат долговите на централната влада, фондовите и општините. Јавен долг е државен долг плус гарантираниот долг на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост како и негарантираниот долг.
„Фактор“ ги обезбеди корпоративно реалните вкупни долгови кои ги имаат направено АД „Номагас“, Македонски железници - Инфраструктура, ЈП „Државни патишта“ и АД Електрани на Северна Македонија до крајот на минатата година. Вкупните обврски само на овие четири друштва изнесуваат над 2,4 милијарди евра.Јавното претпријатие „Државни патишта“, инаку инвеститор кога станува збор за проектот со изградба на автопатите на Коридор 8 и Коридор 10д, како и на автопатот Кичево - Охрид, но и други важни магистрални делници, има вкупни обврски од 100 милијарди денари на крајот на 2024. Тоа се 1,640 милијарди евра. Тука влегуваат одложените плаќања на трошоци кои за една година се двојно зголемени.
АД „Номагас“, операторот на системот за пренос на природен гас и наедно инвеститор на изградбата на гасниот интерконектор со Грција, што во меѓувреме започна оваа година, како и на изградбата на магистралната мрежа, има вкупни обврски од 189 милиони евра. Во текот на 2024 неколкукратно се зголемиле краткорочните обврски по заеми и кредити кои се враќаат со рок до една година и тоа од 20,8 на 91,8 милиони евра.
Македонски железници - Инфраструктура е јавното претпријатие кое ја гради пругата од Коридорот 8 кон Бугарија и најверојатно ќе биде инвеститор во најавената изградба на брзата железница која ќе треба да ги поврзе Белград и Солун. Вкупните обврски засега изнесуваат 186 милиони евра и се во некоја стабилна рамка. Кредитите кои треба да се вратата за една година се зголемиле од 51,8 на 75,7 милиони евра.
АД ЕСМ има задолжувања кај домашните банки заради редовно работење, но и долг кон меѓународните кредитори за исполнување на „зелената агенда“ за премин кон производство на електрична енергија од обновливи извори. Вкупниот долг изнесува 410 милиони евра. Најголемиот кредит што му бил одобрен на 21 октомври 2024 од минатата година е 31 милиони евра, а оваа година последниот одобрен кредит е 30 милиони евра на 12 јуни.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа
Колку дозволи издаде Хрватска за македонски работници?
Кои европски земји имаат најниски нивоа на БДП по глава на жител?
Ристески објасни како од 1 јануари ќе ја пресметуваат просечната потрошувачка кошничка
Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје




