ЧЕТИРИ ГОДИНИ СКОПЈЕ СО АРСОВСКА: За неуспесите најде вина во сите, освен во самата себе
Објавено во: Македонија 25 Септември, 2025 08:23
Дојде помпезно, заминува со обвинувања за блокирано Скопје, какво што не било никогаш, скарана со оние кои ја поддржаа и без донесен модерен град, како што ветуваше. Градоначалничката Данела Арсовска беше најавувана како најуспешната менаџерка, но брзо по стапувањето на функцијата, ВМРО-ДПМНЕ го смени мислењето и почнаа меѓусебните напади.
Арсовска, која во градоначалничката фотелја дојде од позицијата претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, на самиот почеток од мандатот имаше одлични односи со ВРМО-ДПМНЕ како мнозинство во градот, но и како партија со чија помош го доби мандатот. Но, „бајката“ заврши со обвинувањата дека го фатила поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ и актуелен министер за локална самоуправа Златко Перински со „рачињата во медот“, а за провизии од тендерот од 136 милиони евра за пречистителната станица во Скопје.
Откако стана јасно дека советот и Арсовска нема да најдат заеднички јазик, се случија многу работи во градот – од протести на приватните превозници, до неисчистен смет во градот и повторно, колапс на ЈСП и неисчистено ѓубре.
Арсовска ја немаше ниту кога се случуваа пожарите во Скопје. Фактор тогаш ја праша каде била додека гореа Дрисла, Вардариште и електронскиот отпад во Трубарево, бидејќи не беше активна ниту на терен ниту на социјалните мрежи, за што одговори дека бил исчистен делот од Вардариште - надлежност на ЈП Комунална Хигиена, но и дека Трубарево не било под надлежност на Градот. Одговор за Дрисла не добивме.
Додека скопските градоначалници го чистеа сметот од градот пред две години и го носеа во депонијата Дрисла, заработија казни, а Арсовска обвинуваше дека опструкциите доаѓаат токму од партијата која ја поддржа на изборите.
И при сите кризи во Скопје, Арсовска кажува едно: „Со сите управни и надзорни одбори управуваат кадри на ВМРО-ДПМНЕ“.
Сега, кога Скопје повторно тоне во смет, Арсовска повторно го кажа истото.
„4 години со 500 членови сите Управни одбори, Надзорни одбори и Училишни одбори на скопските јавни претпријатија и установи ви ги управуваат ВМРО и ВЛЕН. Обратете се кај нив за хигиената во градот, вработените во претпријатието и метачите со сите сили макотрпно работат и се борат со партиските демони на суетни самобендисани политичари“, напиша таа на социјалните мрежи.
Претходно, нападите од Арсовска беа насочени кон СДСМ. Но, како пропаѓаше соработката со ВМРО-ДПМНЕ, така нејзините гласни коментари против сега опозициската партија стануваа се потивки и целата концентрација ја сврте кон партијата на Христијан Мицкоски.
Иако јавните прозивки ескалираа одвреме-навреме, последниот период, со несобраниот смет повторно се актуелизираше тоа како Арсовска ја доби довербата од граѓаните. Вчера премиерот Мицкоски рече дека повторно се извинува на скопјани затоа што дал поддршка на Арсовска.
„Ние не правиме естрада од ништо, водиме политика, која е многу внимателна. Процесите што ги водите имаат одговорност и на крајот тој процес мора да има име и презиме. Бидете сигурни дека ќе има одговорност и ќе има име и презиме“, одговори премиерот Мицкоски на прашањето дали МВР влегло во ЈП „Комунална хигиена“, каде што очигледно нешто ги сопира камионите да излезат и да го соберат ѓубрето“, рече Мицкоски.
Таа пак, му врати во сличен стил – вината повторно не ја гледа кај себе, туку само во советот на Градот.
„Мицкоски несреќо, јас завршувам со борбата во која твојот претседател на совет на Град Скопје и твоите советници 4 години го блокираа и урнисаа градот: не гласаа за нови автобуси, не гласаа за бесплатен превоз, не дозволија да се набави нова механизација за да се чисти ѓубрето, не гласаа ништо во интерес на граѓаните за да биде задоволена твојата суета“, напиша Арсовска на социјалните мрежи, каде дополни: „Еве сега и јас им се извинувам на граѓаните што сум мислела дека си чесен, професор и интелектуалец, не знаејќи што навистина си“.
Додека го завршува мандатот, Арсовска остана на зборот дека нема да се кандидира на претстојните локални избори. Нејзината партија Нова Алтернатива на парламентарните избори во мај 2024 освои околу 2.000 гласови.
Александар ТодескиМожеби ќе ве интересира
УШТЕ ЕДНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА - МВР го гони за несовесно работење и злоупотреба на службата
МВР: Вработени од тетовското социјално одобрувале надомест со фалсификувано конзилијарно мислење
СДСМ: Неуспешен обид да се прикаже уривање одвнатре, очигледно темата со мигрантите е многу поголема
УАПСЕН БУЈАР ДАРЛИШТА, ЕКС ДИРЕКТОР НА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ НА МАТИЧНИ КНИГИ: Тошковски со детали за апсењето
Обвинение за ексдиректорот на „Комунална хигиена“ Рустеми за ѓубрето во Скопје
Обвинение за упадот во „Инфомкас“, напаѓачот бил пресметлив
Левица: Ќе доставиме докази против Томовски во Антикорупциска
Игор Ивановски и Андреј Петров отвораат фронт за преземање на СДСМ?
ВМРО-ДПМНЕ: Државниот ревизор потврди дека Груби прикрил 2 милиони евра од Лотарија




