Четири клиники си добија донација од телевизори и бесплатен интернет
Објавено во: Мои пари 07 Февруари, 2013
Сто и два телевизори и петгодишен бесплатен кабелски приклучок и интернет добија денеска четири клиники од Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“. Станува збор за донација во висина од 2,3 милиони денари, на првиот кабелски оператор во државата „Телекабел“ по повод 16-годишнината од неговото работење.
Како што беше истакнато на денешната прес-конференција на Клиниката за онкологија и радиотерапија, ТВ-приемниците се инсталирани во 65 болнички соби на Детската клиника, 15 на Клиниката за ортопедија, 12 во болнички соби на Клиниката за онкологија и 10 во максилофацијална хирургија.
- Ова е само наш мал придонес во подобрувањето на условите во дел од клиниките. Одлучивме со оваа донација на дел од Скопските клиники каде се лекуваат пациенти од цела држава да помогнеме деновите во болница да ги поминат полесно, да контактираат со своите блиски преку интернет, да ги гледаат своите омилени серии и полесно да ги пребродат тешките мигови кои секој би сакал да ги одбегне, изјави сопственикот на „Телекабел“ Роберт Димитров.
Директорот на Клиниката за онкологија и радиотерапија Милан Ристевски, заблагодарувајќи се за донацијата, рече дека во таа здравствена установа пациентите остануваат и по подолго време така што, како што истакна, моментот на поставување телевизори во собите ќе им го подобри квалитетот на живот.