15 Мај, 2024
0.0271

Чуварот на двете свети места - во „Третиот Рим“

Објавено во: Свет 06 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

Чуварот на двете свети места, саудискиот крал Салман бен Абдел Азиз Ал Сауд, во средата вечер допатува во четиридневна посета на Москва или како што ја нарекуваат „Третиот Рим“. Станува збор за историска посета. Прва на саудиски монарх на Русија. Во Москва даваат големо значење на посетата. Патот од аеродромот Внуково до градот неколку дена пред посетата, како што пренесуваа медиумите, го красеа билборди со натписи „Го поздравуваме Чуварот на двете исламски свети места“, на фонот на насмеаниот крал Салман ал Сауд.

Првата посета на Русија на саудискиот крал Салман ал Сауд почна со мала смешна ситуација. Подвижните скали по кои кралот почна да се симнува од авионот во еден момент престанаа да се движат. И тој некое време не знаеше што да прави, па виде, невиде, почна сам да слегува по нив. Тоа за 81 годишниот крал можеби претставуваше напор, но му потврди дека идеална техника, донесена дури од Саудиска Арабија, не постои и дека може понекогаш да откаже. Можеби на тоа влијаеше и студеното време во Внуково. А можеби тоа беше и некој симбол на оваа посета. Кралот Салман Ал Сауд и неговата свита, речиси цела саудиска влада и над 100 бизнисмени го закупија хотелот Карлтон Риц.

Зошто кралот во длабока возраст се одлучи да патува во Москва, кога се знае дека тој не често и не толку радо сака да го напушта Ријад? Има различни мненија по овој повод. Но се’ се сведува на едно. Саудиска Арабија не сака да заостане во „поклоненијата“ пред рускиот претседател Владимир  Путин. Последнава година, година и пол, Во Москва се изредија речиси сите лидери од Блискиот Исток и некои од арапскиот свет. Реџеп Таип Ердоган и Бенјамин Нетанјаху со него се сретнаа неколку пати. Да не зборуваме за иранскиот претседател, египетскиот, јорданскиот крал…А причината за нив е изменетата политичка и воена архитектура во регионот, особено со војната во Сирија, која како да е пред крај. Ако картите во воената игра пред неколку години беа измешани, сега главните адути, по се се чини се кај Русите. Доколку војната заврши со победа на легитимната власт во Сирија, потпомогната од Русија, а победници ќе се сметаат и Турција и Иран, тогаш Саудиска Арабија мора на време да го превенира идниот развој на ситуацијата во регионот. Зашто и таа беше и е дел од играта. Иако во меѓувреме мораше да се откаже од некои свои адути во неа, таа сега е со „срце и душа“ против Исламската држава.

А само до пред две до три години од Ријад доаѓаа рафални стрелби против Русија и нејзиниот заштитнички однос кон сирискиот претседател Башар ел Асад.. Но, дипломатската маневра на Москва, со хемиското оружје во Сирија и отказот на САД, поточно претседателот Барак Обама, воено да интервенираат таму, си го направија своето. Особено по военото вклучување на Русија на теренот на борбите во 2015 година. Сега никој повеќе не бара заминување на Асад од власт, туку во сите варијанти за развојот на настаните тој е една од главните фигури. Улогата на Иран и на Турција во Сирија, а на првата и во Јемен, се дополнителен мотив кралот Салман да допатува во Русија. Турција ја зазеде страната на Катар во хајката од некои држави предводени од Саудиска Арабија проти таа земја. Непријателството со Иран го тера кралот да види какви се намерите на Москва по средувањето во Сирија и за улогата на Иран во таа држава. Истото она што го боли и Израел. И не случајно во отворениот дел од разговорите саудискиот крал истакна дека „ Безбедноста и стабилноста во регионот на заливот(Аденскиот) и Блискиот исток е најбараната неопходност, актуелна неопходност за достигнување на безбедноста и стабилноста во светот. А тоа бара од Иран откажување од вмешувањето во внатрешните работи на државите од регионот, откажување од активности за дестабилизација на ситуацијата во тој регион“. Тој се залага за единствена Сирија, за политичко решение на нејзината иднина, за единствен и неделив Ирак.  Што се однесува до односите со Русија , според него „тие се карактеризираат со совпаѓање на гледиштата за многу регионални и меѓународни проблеми, продолжува координацијата меѓу нас во се што придонесува за зацврстување на безбедноста  и процут на нашите држави, во се што служи на меѓународниот мир и безбедност“.

Не помал повод за посетата на кралот Салман ал Сауд на Русија е и економската соработка. Ниските цени на нафтата ги погодија двете држави. Производството на нафта од нафтени шкрилци, особено во САД ги урива цените на нафтата, а со тоа и економиите на двете земји чии приходи најмногу се темелат на извовозот на енергенси.. Затоа тој се залага за достигнување на стабилност на пазарите со нафта, кон што може да придонесе позитивната соработка меѓу двете земји. Ова особено во рамките на ОПЕК+Русија. Москва иако не е членка на ОПЕК се согласи да го намали производството на нафта. Се чини дека тој договор ќе биде продолжен до крајот на 2018 година. Како резултат од разговорите двете држави потпишаа речиси 15 спогодби и меморандуми, со кои се оди кон продлабочување на економската соработка во многу области, од вселенското пространство, развојот на атомска енергија, Русија планира да изгради атомски централи во кралството во вредност од десетици милијарди долари. Потоа агрокомплексот, воената индустрија, инвестиции во секторот на високи технологии во Русија, во инфраструктурата.., а исто така и создавање на аза заеднички инвестиции во вредност од една милијарда долари. На Русија и се отвора простор за учество во програмата за развој на кралството до 2030 година.

Секако ова ќе претставува добар стимул на соработката, но ако се има предвид дека Доналд Трамп со една посета на Саудиска Арабија продаде оружје во висина од 100 милијарди долари, останува горчливиот впечаток дека Саудијците сепак си се држат до САД. Впрочем и како многу други држави чии лидери во сегашната ситуација одат во Русија, но сепак се поблиски до скутот на САД.

Што значи посетата на саудискиот крал за Русија? На економски план може да придонесе доста, особено сега кога Русија е под санкции од Западот. Според Путин, тоа е значаен настан и добар поттик во развојот на меѓудржавните односи. Тој му напомена на својот гостин дека историјата на односите меѓу двете земи гледајќи наназад оди се до 1926 година, кога Советскиот Сојуз станал прва држава која го признала кралството, формирано од таткото на  сегашниот крал. Секако задоволството од посетата е на Путин. Уште еден играч од регионот доаѓа на гости, а до вчера ја сметал Русија за непријател. Некои експерти сметаат дека Путин сега е новиот господар на Блискиот исток и сите трчаат кон него. Впечаток од разговорите, барем оние во отворениот дел, колку и да се церемонијални е дека Саудијците кон Русија се однесуваат како кон важен играч во меѓународната политика, особено на Блискиот исток. Секако Саудиска Арабија сега ќе се обиде со своите пари да ја купи, колку толку, наклоноста на Русија. Но не може да смета дека таа ќе се откаже од Иран и Турција.

Во Русија е популарен еден афоризам, позајмен од САД. „Не менувајте ги коњите на средината од потокот“, рекол Абрахам Линколн на конгрес на републиканците во далечната 1864 година во Балтимор, кога сакал да се кандидира за втор мандат, во смисла дека колата(државата) со коњи(луѓе) може да биде однесена доколку ги извадите нив од запрегата сред поток. Па така и Русија се додека не се заврши работата со Сирија онака како што таа ја замислува нема да се откаже од Иран и од Турција.

Инаку генералот Александар Лебед овој афоризам го дополнил, па вели: „Не менувајте ги коњите во средината на потокот, а магарињата може и треба да се менуваат“. Ова заслужува посебен текст.  

Во исто време со посетата на саудискиот крал беше и посетата на претседателот на Венецуела Николас Мадуро. За жал таа падна во големата сенка на посетата на Салман ал Сауд. 

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ГЕРМАНЦИТЕ ВО ШОК И КАУФЛАНД ЗАТВОРА: Дел од неговите филијали во Германија заминуваат во историјата

ГЕРМАНЦИТЕ ВО ШОК И КАУФЛАНД ЗАТВОРА: Дел од неговите филијали во Германија заминуваат во историјата

Зеленски ја откажа посетата на Шпанија и Португалија

Зеленски ја откажа посетата на Шпанија и Португалија

МНОГУ СЕ ОБИДУВАА ДА МЕ УБИЈАТ, ГЛАВАТА МИ ВРЕДЕШЕ 4 МИЛИОНИ ДОЛАРИ Исповед на синот на Пабло Ескобар - ова беа последните зборови на неговиот татко

МНОГУ СЕ ОБИДУВАА ДА МЕ УБИЈАТ, ГЛАВАТА МИ ВРЕДЕШЕ 4 МИЛИОНИ ДОЛАРИ Исповед на синот на Пабло Ескобар - ова беа последните зборови на неговиот татко

БЛАГОДАРЕНИЕ НА НЕГО, НОРВЕЖАНИТЕ ЗНААТ КАДЕ ИМ СЕ ПАРИТЕ: Кој е Николај Танген?

БЛАГОДАРЕНИЕ НА НЕГО, НОРВЕЖАНИТЕ ЗНААТ КАДЕ ИМ СЕ ПАРИТЕ: Кој е Николај Танген?

ОЛИМПИСКИ ИГРИ: Koлку ќе заработи Париз?

ОЛИМПИСКИ ИГРИ: Koлку ќе заработи Париз?

САКА ПОБЕДА ВО УКРАИНА СО МИНИМАЛНИ ЖРТВИ: Што друго планира новиот руски министер?

САКА ПОБЕДА ВО УКРАИНА СО МИНИМАЛНИ ЖРТВИ: Што друго планира новиот руски министер?

Бактериите отпорни на лекови можат да направат „Ковид-19 да изгледа ситно“

Бактериите отпорни на лекови можат да направат „Ковид-19 да изгледа ситно“

ВАКА ММФ ГО ГЛЕДА СВЕТОТ ДО 2026 ГОДИНА: Каде оди глобалната инфлација?

ВАКА ММФ ГО ГЛЕДА СВЕТОТ ДО 2026 ГОДИНА: Каде оди глобалната инфлација?

НОВИОТ ШЕФ НА КРИПТО ГИГАНТОТ ТЕТЕР СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ГЛОБАЛНА АПОКАЛИПСА: Еве што се случува

НОВИОТ ШЕФ НА КРИПТО ГИГАНТОТ ТЕТЕР СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ГЛОБАЛНА АПОКАЛИПСА: Еве што се случува