Добивај вести на Viber
Доказите на местото каде што се урна малезискиот авион Боинг 777-200 во источна Украина се манипулирани и контаминирани во огромни размери, тврди австралискиот премиер Тони Абот.
Она што се случило со доказите на терен, тој го нарече „заташкување“.
Ебот, чија влада ја состави предлог-резолуцијата за падот на малезискиот авион, што вчера на усвои Советот за безбедност на ОН и со која се бара целосен пристап до местото на несреќата, признава дека е направен напредок, но смета дека има уште многу работа.
„Пред нас е уште долг, долг пат. По злосторството доаѓа прикривање. Она што досега го видовме е манипулирање со доказите од индустриски размери. Тоа мора да прекине“, вели Абот.
„Луѓе се шетаа по местото на несреќата од почеток и не видовме само разни индивидуи кои лутаат и собираат остатоци, туку видовме и тешка машинерија. На најновите снимки местото на несреќата повеќе наликува на градилиште и тоа е неприфатливо“, додава тој.
Абот во изминатите денови беше особено критички расположен кон рускиот претседател Владимир Путин затоа што не интервенирал, но сега признава дека тој изгледа реагира по силен меѓународен притисок.
Проруските сили утрово конечно ги предадоа двете црни кутии од соборениот авион на малезиските експерти кои ќе ги анализираат. „Црните кутии се во добра состојба“, изјави полковникот Мохамед Сакри, шеф на малезискиот тим на експерти.
Советот за безбедност на Обединетите нации вчера усвои Резолуција со која се осудуваат постапките кои доведоа до падот на Боингот на Малезија Ерлајнс на 17 јули - несреќа во која загинаа сите 298 патници и членови на екипажот.
Со резолуцијата се бара итен прекин на огнот во регионот на авионската несреќа и непречен пристап за истражните органи кои треба да спроведат темелна, независна истрага, во согласност со меѓународните принципи на цивилната авијација.