Д-р. Милена Стевановиќ за Фактор: Дури 10 отсто од новозаразените завршуваат во болница, и модуларната на Инфективна може целосно да се наполни само за неколку дена
Објавено во: Македонија 22 Октомври, 2020
Во текот на
вчерашниот ден во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести беа
примени 15 пациенти, а синоќа во разговор за Фактор, директорката на оваа
клиника, д-р. Милена Стевановиќ потврди дека се примни уште најмалку 5 до 6
пациенти. Вели дека со вакво темпо на се повисок број на новозаразени, постои
можност и модуларната болница, која е практично резервен капацитет на
Инфективна, за неколку дена целосно да се исполни.
-Се рабира дека со ваков број на новозаразени, а последнава бројка е 641, дека ќе има и многу хоспитализации. Возилата на Брза помош кои ги гледаат и ги слушаат граѓаните, во најголем процент носат пациенти на Клиниката за инфективни болести. Искрено се надевав и верував дека нема да дојдеме до степен кога ќе имаме наплив на пациенти на кои исклучиво им треба болничко лекување, но дефинитивно вирусот зема се поголем замав и ситуацијата воопшто не ни е сјајна. Ако се преполни модуларната болница, во која доаѓаат пациенти од цела Македонија, ќе мора да се активираат и останатите болници, но поентата е во тоа што кога има толкав број пациенти, медицинскиот кадар, како и до сега ќе го дава максимумот но нема да биде исто. Тогаш ќе се нема време толку време да се посвети на еден пациент, во смисла да се пресоблечат по неколку пати, да им се сменат пелени, да ги нахранат пополека. Квалитетот секако ќе биде помал. Тоа е маката всушност и затоа сиве изминати месеци апелиравме на почитување на мерките, за да нема огромен наплив на пациенти. А, верувајте, дури 10 проценти од новозаразените завршуваат во болниците, истакнува во нашиот разговор, д-р. Стевановиќ.
Во однос на високата смртност на пациентите од Ковид-19, директорката на Клиниката за инфективни болести посочува дека најголемиот број се со најмалку 2-до 3 коморбидитети, но нагласува дека и во однос на многу други болести, Македонија е високо на врвот по смртност.
-Во Македонија 90 отсто од населението живее екстремно нездрав начин на живот, имаме низок степен на хигиена, свесноста за здравствената култура тотално не постои. Колку често луѓето прават контроли, систематски прегледи? Исхраната е крајно лоша, а сето тоа си го зема својот данок. Еден од главните фактори за смртност, независно од возраста на пациентите, е дебелината. На Инфективната клиника е хоспитализирано 12-годишно дете со прекумерна тежина и е во навистина сериозна состојба. Сакам да речам дека, луѓето со прекумерна тежина не може да имаат здраво срце, не може да имаат здрави крвни садови, и во тој случај организмот не може да се бори со многу болести, па еве сега и со корона вирусот, посочува д-р. Стевановиќ.
Истовремено, таа вели дека ниту еден пациент кој побарал помош во Клиниката за инфективни болести не е вратен туку така. Истакнува дека на сите им се направени прегледи и само доколку нема потреба не ги хоспитализираат.
-Не можам да зборувам за другите болнички установи, но за Инфективна гарантирам дека секој пациент е прегледан, па врз основа на тоа некои од нив ги хоспитализираме, а на некои, на кои на пример сатурацијата им е во ред, им велиме дека треба да се лекуваат во домашни услови. Но ние сме во постојан контакт со нив, и секојдневно ги контролираме, појаснува д-р. Стевановиќ.
Според неа, не очекува навистина тежок период, а и самата епидемиолошка слика во земјава го покажува тоа. Со вчерашните 641 нови регистрирани со Ковид-19, веќе имаме повеќе од 6.000 активни случаи. Апелира на поголема свестност кај граѓаните за почитување на препораките, зошто, како што вели, во мометов носењето маска, дезинфекција на рацете и држење растојание се единствените кои можат да ја намалат трансмисијата на корона вирусот.
Анита Буховски* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.