Д-Р ВИКТОР ИСЈАНОВСКИ СЕ ОТКАЖА ОД СОВЕТНИЧКОТО МЕСТО ВО КАРПОШ: Приоритет ми остануваат студентите и актуелниот професионален ангажман
Објавено во: Македонија 10 Ноември, 2021
Д-р Виктор
Исјановски, директор на Здравствениот дом-Скопје се откажа од советничкото место
во Општина Карпош. Тој беше трет на листата на владејачката СДСМ, но смета дека
професионалниот ангажман кој го има како прв човек во оваа здравствена
институција, како и ангажманот како професор на Медицинскиот факултет,
остануваат негови приоритети.
-Не останувам на советничкото место. Веќе напишав изјава на нотар која е поднесена до Општинската изборна комисија во Карпош, што значи дека на мое место ќе биде следниот кандитат, односно оној кој беше деветти по ред на листата на СДСМ, бидејќи влегуваат првите осум. Јас останувам максимално посветен сега на работата во Здравствен дом Скопје, како и професор на Медицинскиот факултет, вели д-р Исјановски во изјава за Фактор.
Нагласува дека веќе од петок се зголемува обемот на работа во скопските поликлиники во насока на имунизацијата, бидејќи се стартува со вакцинација против сезонскиот грип.
-Од 12 ноември почнува имунизацијата на населениот против сезонскиот грип. Пријавувањето се одвива на сајтот: vakcinacija.mk и трае веќе неколку дена, а до вчера имаше пријавено околу 22.000 граѓани, инаку и оваа година се набавени 40.000 вакцини против сезонската инфекција. Вакцинацијата со полно работно време, од 8 до 19 часот ќе се спроведува во поликлиниките Идадија и Бит Пазар, а во поликлиниката Ѓорче Петров само во втората смена од 13 до 19 часот, бидејќи во првата смена се врши имунизацијата против ковид, вели д-р Исјановски.
Инаку, тој не е единствениот лекар кој се откажа од советничкото место во општинските совети. Директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Софија Пејкова, која беше носител на листата за Град Скојпе, уште вчера изјави дека се повлекува од Советот на Град Скопје поради зголемен професионален ангажман во установата со која раководи.
Доколку лекарите одлучија да ги задржат сиветничките места, согласно Изборниот закони ќе мораа да се откажат од директорските места.
А.Б.