Дали Мицкоски го искоментира второто писмо од Мијалков?
Објавено во: Македонија 10 Ноември, 2018
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа во интервју на телевизија Алфа изјави дека не сака да го коментира второто писмо од Сашо Мијалков и дека тоа за него и завршена книга.
Мицкоски е свесен дека секогаш постои можност некој да ја загрози неговата позиција и потсети дека еден поранешен функционер покажа намера да се кандидира за неговото место.
„Сите ние смртниците сме времени и јас сум времен лидер. После мене ќе дојде некој друг. Само прашање е само таа временска константа колку тоа ќе трае, една година, пет, десет. Но, тоа најмногу ќе зависи од граѓаните и од членовите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Мицкоски.
Вели дека тој самиот е фокусиран на вистинскиот политички непријател, СДСМ и премиерот, Зоран Заев.
Во писмото од пред два дена, Мијалков му порача на Мицкоски дека не е фактор, и дека не ја обединува, туку ја слабее партијата.
„Ниедно претходно раководство на ВМРО не доживеало ваков срам на меѓународна сцена од сестринските партии кои се дел од Европската народна партија, а се надевам дека нема ни да доживее во иднина. Се надевам и посакувам во иднина секој прв човек на ВМРО дека ќе биде фактор кој ќе биде прашан околу тоа дали ќе има една или две партиски делегации и кој ќе биде во тие делегации“, стоеше во дел од писмото.
Мијалков го обвини Мицкоски за лажен патриотизам.