30 Април, 2024
0.0280

Дали Панама ќе ги открие тајните за вртоглавиот раст на буџетот?

Објавено во: Економија, Колумни 11 Април, 2016

Добивај вести на Viber

Цунамито од скандалот со истекување на документи од „даночниот рај“ во Панама за нечесни и незаконски постапки на стотици политичари, бизнисмени, спортисти, уметници од целиот свет, кај нас поминува како „развигор“.  Освен што сериозно сеирџиски му пријдовме на овој настан, да видиме кои тоа „ѕверки“ отвориле свои сметки и фирми на рајските острови, прикаската полека но сигурно згаснува на ова ниво. За разлика од кај нас  во светот се крена голема „прашина“ со барања да се стави крај на евазијата на даноци и перењето на пари кои ги загрозуваат националните економии. Една премиерска „глава“ веќе падна и допрва се очекува  да паѓаат, а кај нас, ниту власта ниту опозиционите партии не најдоа за потребно да ги осудат таквите појави. А состојбите во земјата се такви што една јасно дефинирана определба  може да значи и пресврт во распоредот на политичките сили, доколку некоја се определи да стави крај на раширениот арамилак во земјата.

Разбирливо е дека пресврт од власта  и не може да се очекува, бидејќи е сериозно ангажирана во опструкцијата на работата на Специјалното обвинителство за да ги спаси од кривична одговорност обвинетите од врвовите на владејачката партија за организирање злосторничко здружение за фалсификување службени документи и кражба на демократските избори. Нејзиниот однос кон криминалот во земјата најпластично го изрази осомничената министерка за внатрешни работи кога,  враќајќи се од распит кај судија, арогантно рече дека не е важно  колку истраги ќе се покренат, туку колку ќе се завршат. Притоа,  на судијата  му се слошило при  распитот! Да не беше жално ќе беше комично.

Не верувам дека на осомничената не и’ е познато дека слично, но, за тоа кој ќе ги добие изборите, и Сталин рекол дека не е важно кој гласа, туку кој ги брои гласовите. Притоа, не е битно дали била инспирирана од диктаторот или само од реалната „газдинска“ позиција на власта во  однос на  обвинителството, судството, па и на Уставниот суд. Просто е неверојатно како може да се изустат такви зборови, со надменост дека „се’ е под контрола“ и увереност дека осомничените нема шанса да ја почувствуваат силата на правдата. Како тие да се недопирливи и покрај јавно презентираните аргументи за бројни нерегуларности во нејзиното работење и во работењето на нејзините соработници. Се фалат со поддршка од узурпираните правосудни институции и отворено ги користат (доведувајќи ги и до бламирачки ситуации и судиите), а притоа, занемаруваат дека токму со тоа ја признаваат вината за нарушувањето на демократските начела за организирање на самостојната држава, за газење на уставот и човековите права и слободи.

Од досега истечените информации од „Панамските документи“ нема личност од Македонија која би го привлекла вниманието на пошироката јавност. Тоа не значи дека и нема да се појави со оглед на проценките за одлив на 5-6 милијарди евра во периодот од 2003 до 2013 година. Можеби такви ќе се откријат откако слични информации ќе се обелоденат и за другите „даночни раеви“, како на пример, од Белизе со кој Македонија имаат поинтензивни трансакции.

Колку се реални таквите проценки? Може да се дискутира за бројката, меѓутоа, нема сомнение дека е сосема реално голем  износ на средства да се извлечени  и од   буџетската потрошувачка и од прераспределбата на БДП меѓу трудот и капиталот во изминатиот период. Логиката е неспорна. Рапидно растат средствата за буџетот, а потрошувачката  не резултира доволно ниту во стандардот на населението ниту во динамиката на растот на БДП. Тоа значи дека дел од средствата се извлекуваат од буџетските намени. Во овој контекст, веќе никој не треба да се убедува дека во буџетската потрошувачка има бројни канали за извлекување на средства во полза на поединци и групи. Да почнеме од  набавките по неколкукратно повисоки цени од пазарните. Некој тука прави огромни екстра добивки и веројатно ги дели со тој што му го овозможил тоа. Не е непознато дека за добивање на определени тендери треба да се плати определен процент. Слушнавме дека  за добивање на кредит за автопатиштата се бара и висока провизија. Притоа, се знае дека колкава и да е таа, се исплаќа од кредитот кој се зголемува за износот на провизијата. Тоа значи дека се зголемува цената по километар автопат за некој од власта да оствари незаконска добивка. Затоа не треба да се чудиме што со многу пари остваруваме помалку. Дел од нив се прелеваат во приватни џепови, а оттаму, секако,  и во земјите даночни раеви.

Во право се оние кои укажуваат дека споменатиот износ на средства не е можно да се извлече само од буџетската потрошувачка. Меѓутоа, грешат ако со тоа сакаат да го доведат во прашање големиот износ на одлив на средства од земјата. Не е само тој извор на средства кои можат незаконски да се одливаат во странство за да се избегнат даноците во земјата  и да се покријат трагите на нивно стекнување. Во периодот од 2009-2013 (за кој има податоци) се случува „тивка“ прераспределба на БДП во полза на сопствениците на капитал, а на сметка на уделот на средствата за вработените. Додека во 2009 година вработените располагаа со 36% од БДП, во 2013 година нивното учество се намалува на 32%. И затоа, меѓу другото, и покрај растот на БДП, платите се како замрзнати со години. Но, во исто време, уделот на капиталистите расте од 31% на 38%. Во овие мали проценти се содржани огромни суми. Додека во 2009 година тие располагале со 124,4 милијарди денари (околу 2 милијарди евра), во 2013 година имале на располагање 188,8 милијарди денари (над 3 милијарди евра). Треба да си наивен да не помислиш дека дел од порастот на уделот во БДП завршил и во земјите даночни раеви. Особено ако се има предвид дека добар дел од одливот на средства се врши преку фактури со фиктивни цени.

Ако на наведениве извори на средства за одлив им се додадат и средствата незаконски стекнувани од рекетирање, уцени и други видови корупција од страна на раководните ешалони на власта срамотно е да се правиме немушти како да е тоа невозможно кај нас. А тоа што во „Панамските долументи“, барем досега нема и звучни имиња од кај нас не значи дека нема и одливи на капитал од различни причини- евазија на даноци, барање прибежиште за заштеди, перење на  пари  и други причини.

Затоа колку што е битно да се бара чист избирачки список и слобода на медиумите , толку е битно да се „објави“ отворена војна против криминалот и корупцијата, да се впрегнат сите сили во откривање на укратеното и да се стави до знаење, за секогаш, дека такви активности нема да се толерираат. Ваквиот пресврт, се разбира, не може да се очекува да го направи актуелната власт, која знае да распределува од шупло во празно и да „распродава“ јавен капитал. Таа е подготвена и да се спротивставува, поинаков потег од неа веќе и  неможе повеќе да се очекува.

Опозиционите сили треба да бидат свесни за состојбата и за тоа дека не им останува ништо друго како лост во развојот. Мора да ги сопрат криминалните одливи, а криминално одлиеното да се врати, за да се создаде маса на средства за остварување на побрз развој. Без тоа стагнацијата не ни бега. Борбата против криминалот и корупцијата стана и цел и средство. Цел- да се затнат сите канали на истекување на народните пари, а средство- за да се врати дел од досега „здиплените“ милијарди,  за да се олесни излезот од долгогодишната „замка на ниски стапки на раст“, кои ги одржуваме само со пораст на долговите. Од исходот зависи, дали ќе се направи пресврт во насока на демократизација на односите во општеството или ќе се продолжи со криминализацијата, во чија основа е партизирањето на државата. Затоа велам, оваа  борба е пресудна за иднината на Македонија!

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Новиот енергетски сектор во Кина е катализатор за создавање работни места на глобално ниво

Новиот енергетски сектор во Кина е катализатор за создавање работни места на глобално ниво

Економски часовник: Клучни информации од Форумот за развој на Кина 2024 година

Економски часовник: Клучни информации од Форумот за развој на Кина 2024 година

ЌЕ ИМА ЛИ ДОБАР БИЗНИС: Кој ќе го снабдува Чаир со парно греење?

ЌЕ ИМА ЛИ ДОБАР БИЗНИС: Кој ќе го снабдува Чаир со парно греење?

ДОЛАР СО ГРЕШКА ВРЕДИ ВИСТИНСКО БОГАТСТВО: Милиони вакви банкноти кружат, потрагата не запира, но досега се откриени само 18

ДОЛАР СО ГРЕШКА ВРЕДИ ВИСТИНСКО БОГАТСТВО: Милиони вакви банкноти кружат, потрагата не запира, но досега се откриени само 18

ПУТИН ПЛАНИРА ГАСЕН ЦЕНТАР ВО ТУРЦИЈА: Анкара пак размислува за најде замена за рускиот гас

ПУТИН ПЛАНИРА ГАСЕН ЦЕНТАР ВО ТУРЦИЈА: Анкара пак размислува за најде замена за рускиот гас

ЦРНА ГОРА: Наскоро воведуваат седумчасовно работно време

ЦРНА ГОРА: Наскоро воведуваат седумчасовно работно време

ПАК НА ПРОТЕСТИ: Вработените во Фондот за здравство бараат повисоки плати

ПАК НА ПРОТЕСТИ: Вработените во Фондот за здравство бараат повисоки плати

МФ: Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност бара да се стават во мирување одлуките на друштвата за осигурување

МФ: Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност бара да се стават во мирување одлуките на друштвата за осигурување

Чилеанците не можат да издржат, го намалија бројот на работни часови

Чилеанците не можат да издржат, го намалија бројот на работни часови