Дали туристичката такса ќе го намали интересот за патувања во Турција?
Објавено во: Македонија 12 Јануари, 2023
Дел од македонските граѓани не се информирани дека Турција во 2023 година воведе туристичка такса, но од туристичките агенции во земјава кои нудат посета на Турција, велат дека тоа нема да го намали интересот на Maкедонците за патување.
Објаснуваат дека сепак се работи за мала сума, која нема значително да влијае на буџетот кој граѓаните го одвоиле за патување. Додаваат дека Турција е доста атрактивна и интересна за нашите граѓани, посебно Истанбул.
„Таксата нема да го намали интересот за патување. Нема некои промени во тој поглед. Организираме шопинг тури и за време на викенд по еден автобус заминува во Истанбул. Имаме и патници кои повеќе пати биле во Истанбул. Им се допаѓа градот и дестинацијата им е евтина“, велат од Караџа Турс од Битола.
Од скопска агенција објаснуваат дека за 3 ноќевања, практично туристот треба да плати 3 евра плус како такса, што не претставува проблем за оние кои решиле да патуваат.
„Луѓето уште не знаат, дури сега дознаваат дека е воведена туристичка такса, но тоа не е проблем, затоа што се работи за мала сума. Ние нудиме патувања во Турција за празниците. Оној кој решил да патува и оној кој често патува, знае дека и во многу други земји се плаќа истата такса. Патувањето е најдобра инвестиција. Имаме патници кои во неколку наврати се враќаат во Турција, во Истанбул. Им се допаѓа историјата, културата на тој град. Дури посета од 2-3 дена не е доволна за да го видат градот и да ги посетат сите знаменитости. Во град како Истанбул можеби е потребно да останат месец дена за да ги видат сите убави места“, велат од скопска туристичка агенција.
Од други агенции исто така потврдуваат дека туристичката такса која Турција ја наплаќа нема да смени ништо во пракса, затоа што Македонците ја сакаат Турција, патуваат таму и тоа најчесто за Велигден, 1 Мај и Нова година.
Како што беше објавено пред Нова година, се наплаќа два отсто за сместување во хотели, туристички села, мотели, пансиони, како и туристички тури од туристички агенции. Одлуката е донесена во 2019 година, но примената на одлуката беше одложена поради пандемијата на коронавирусот. Претставниците на туристичката индустрија во Турција претходно се изјаснија против воведувањето на таксата со образложение дека тоа ќе ја ослаби конкурентската позиција на земјата, која, за разлика од многу други држави, претходно не наплатуваше туристичка такса. Пред пандемијата Турција најмногу ја посетуваа руски, германски, бугарски туристи. Туризмот креирал 4 отсто од БДП на земјата.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/frimufilms
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.