Дали ВМРО ДПМНЕ оствари Пирова победа?
Објавено во: Македонија 13 Декември, 2016
ДИК обелодени првични резултати, според кои ВМРО ДПМНЕ со 51
освоен пратенички мандат е победник на изборите. Најголемата опозициона партија
СДСМ со својата коалиција освои 49 мандати...Најголем губитник е ДУИ со освоени
10 мандати..
Завршија предвремените парламентарни избори, но проблемите останаа. Дали изборите кои требаше да ја извадат земјава од политичката криза, ја втурнаа земјава во нова криза? Дали ВМРО ДПМНЕ оствари пирова победа?
Бараа 63 пратеници, добија 51
Во текот на целата кампања лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, бараше од граѓаните 63 пратеници за да не зависи од никој и да не биде уценуван од никого. ВМРО ДПМНЕ на овие избори освои 51 пратеничко место.
Победи ВМРО ДПМНЕ, не како што најавуваше со 63 пратенички мандати, туку во тесна трка освои 51.
„Дајте да им покажеме на изборите,со 63 пратеници дека си го сакаме овој бисер балкански и нема да дозволиме да ја растураат државата“,изјави Груевски..
Влатко Ѓорчев од ВМРО ДПМНЕ, побара од СДСМ да излезат и да им ја честитаат победата, им порача на неговите конкуренти на дискусија внатре во партијата да разговараат дали Заев треба да остане на чело на СДСМ. Иако Зоран Заев, пред изборите најави дека доколку опозицијата ги загуби изборите ќе се повлече од функцијата претседател на партијата, сепак во овој момент никој од партијата не размислува за такво нешто.
Аналитичарите велат дека опозицијата иако ги загуби минимално изборите, Заев сепак е морален победник на овие избори, затоа што освои повеќе гласови во споредба со изборите од 2011 и 2014 година и уште повеќе, како што толкуваат политиколозите Заев практично го сруши и Груевски и ВМРО ДПМНЕ и како што велат противниците на Груевски, благодарение на Заев во Македонија се врати слободата.
Се тресе ли и лидерската фотеља на Груевски
Сепак, голем дел од познавачите, пак посочуваат дека сериозни расправи внатре во партијата треба да се случат внатре во ВМРО ДПМНЕ. Груевски мора да објасни зошто партијата не освои 63 мандати, иако беше сигурен во победата и уште повеќе како Груевски ќе успее да се деконтаминира од политичките бомби на Заев. Изминатиот период се почести беа шпекулациите дека и да победи ВМРО ДПМНЕ на изборите, Груевски сепак нема да биде премиер.
Никола Попоски за австрсики „Стандард“
Министерот за надворешни Никола Попоски во неговото вчерашно интервју за австриски Стандард изјавува дека во 2009-та Европската комисија понудила почеток на преговорите за наш влез во ЕУ, на што Грците рекле дека се согласуваат со почеток на преговори и проблемот со името да се реши во следните неколку месеци, но Попоски вели дека Македонија “направила катастрофална грешка” и во меѓувреме ниту ги отпочнала преговорите, ниту го решила проблемот со името.
Почнаа ли внатрепартиски игри во ВМРО ДПМНЕ
Дел од домашната политичка јавност веќе подолг период говори дека внатре во ВМРО ДПМНЕ се почнати игрите околу евентуалниот наследник на Груевски. Превирањата уште повеќе се разгорија по интервјуто на Попоски, вчера за австриски „Стандард“. Попоски иако не споменува имиња, сепак јасно е дека се алудира на Антонио Милошовски кој во тоа време беше шеф на македонската дипломатија.
ДУИ најголеми губитнци
Најголеми губитници на изборите е партијата на Али Ахмети, ДУИ. Од 19 пратеници во последниот парламентарен состав, ДУИ според првичните прелиминарни резултати освои 10 мандати. Ваквиот катастрофален пораз на ДУИ, според аналитичарите се должи најмногу на поделеноста внатре во самата партија, но најмногу поради коалицијата со владата на ВМРО ДПМНЕ на чие чело беше Никола Груевски, а особено после објавените политички бомби од страна на опозицискиот лидер Заев, во кои функционери на ДУИ се вмешани во големи корупциски афери.
Дали ќе има нова коалиција ВМРО ДПМНЕ - ДУИ?
Скоро целосно е невозможно формирање влада на старите коалиционери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ едногласни се во проценките дел од аналитичката јавност. Дури и во случај да добие понуда од Никола Груевски, Али Ахмети поради неколку причини ќе мора да одбие, коментираат политичките аналитичари. Тие сепак не ја исклучуваат таквата можност, но велат таква коалиција е неодржлива на долг рок. Доколку би се случило тоа, веројатно Македонија ќе мора повторно да оди на избори, уште кон крајот на април, заедно со локалните избори. Како и да е, деновиве ќе се знае дали е возможна коалиција на двете партии кои изминативе 8 години доминираа на политичката сцена. Но, кој и да биде мандатар, без разлика кој ќе состави Влада, пораките од меѓународниот фактор веќе стасаа.
Можна ли е коалиција сите без ВМРО ДПМНЕ?
Голем дел од политичките аналитичари се со став дека ВМРО ДПМНЕ нема да успее да обезбеди макар и минимално мнозинство од 61 пратеник. Во ваква ситуација не се исклучува можноста мнозинството да го превземат сите политички партии без ВМРО ДПМНЕ. Некои од политичките аналитичри не исклучуваат мнозинство во Собранието, со ВМРО ДПМНЕ во опозиција. Таквото парламентарно мнозинство би предложило експертски состав за Влада. Парламентарното мнозинство во собранието би имало за задача да го продолжи мандатот на СЈО, да овозможи формирање на пособен оддел во кривичниот суд кој би постапувал по обвинувањата на СЈО и спороведување на реформите кои ги зададе Прибе.
Штајнмајер: СЈО мора да продолжи со непречена работа
Специјалното јавно обвинителство мора да може и натаму да работи непречено во откривањето и казнувањето на злоупотребите на власта и службената положба, вели германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во реакцијата по изборите во Македонија.
„Вчерашните избори во Поранешната Југословенска Република Мекедонија се важен чекор за решавање на долготрајната политичка криза во земјата. ОБСЕ, кој процесот од почеток го следеше со бројни изборни набљудувачи и опсежна техничка поддршка, во целина зборува за мирен изборен тек.
Сега е важно брзо да се формира влада, која својот мандат ќе го користи за забрзување на итните реформи. Во областа на правната држава и судството, јавната управа, како и во слободата на медиумите и мислењето, на земјата ѝ се потребни брзи и убедливи резултати. Специјалното јавно обвинителство мора да може и натаму да работи непречено во откривањето и казнувањето на злоупотребите на власта и службената положба.
Ова е предуслов за граѓаните повторно да стекнат доверба во институциите на својата држава. Само на таков начин ќе се овозможи забрзување на евроатлантските интеграции на земјата.“
Р.Ф