Добивај вести на Viber
Оваа мерка нема никаква епидемиолошка смисла, затоа што сега имаме работа со делта сојот, кој во одредена мера го заобиколува имунитетот стекнат природно или со вакцина, вели во објавен став професорот Драган Даниловски зборувајќи за барањата за потврда за извршена имунизација од новите мерки на Владата кои ќе важат од 16 август. Имено од тогаш се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани).
Даниловски прво вели дека ако биде потребна потврда за извршена имунизација, најмалку со една доза, тоа ќе се коси со Резолуцијата 2361 (2021) на Парламентарното собрание на Советот на Европа (2), иако таа, наводно, „не спречува имплементација на вакцинални пасоши“ (3).
„Меѓутоа, на сите нас, после година и пол постојан стрес, ни е дозлогрдено од притисоци, поделби, дискриминации. Со вакви мерки само непотребно тие би се потенцирале. Зошто? Зашто потврдите дефинитивно значат дискриминација! И може да попримат мирис на „жолти ленти“... За мене, многу поважно е што оваа мерка нема никаква епидемиолошка смисла! Зошто? Затоа што сега имаме работа со делта сојот, кој во одредена мера го заобиколува имунитетот стекнат природно или со вакцина. Оттаму, подеднакво опасни ширачи на вирусот се и невакцинираните и вакцинираните со една доза. Вакцинираните само со една доза имаат заштита од симптоматска болест само од 33 отсто, односно 36 проценти А тоа е исто како да се невакцинирани! Која е, тогаш, логиката на комисијата за заразни болести што дале таков предлог, прашува Даниловски.
Подолу и другиот дел од неговиот став
Од друга страна, дури и кога би се барала потврда за две примени дози и тоа не е гаранција дека тие не се заразени! Во студијата 1 (Public Health England)(4), заштита од заразување на две дози Фајзер е 80 отсто, а во студија 5 (Израел) е 64 отсто. (4) Да потсетам, цело време зборуваме за делта сојот!
Ова се бројки за Фајзер! За сите други вакцини – логично е – бројките се сигурно многу помали. Ако земеме предвид дека кај нас преку 70 отсто од вакцинираните се со кинески вакцини, можеме да замислиме колкава им е заштитата на вакцинираните само со една доза...
Има и нешто друго. Ако потврдите се замислени со нив да се направи притисок за вакцинирање, тоа веќе нема смисла. Зошто? Затоа што сега и да се вакцинираат поголем број, полната заштита со Синовак ќе ја добијат после 9 недели (3 недели меѓу двете дози, плус 6 недели после втората доза – додека почнат антитела да се формираат). Значи, тоа сега не е приоритет.
Сега треба да биде приоритет израмнување на епидемиската крива преку рестриктивни мерки – засега – на места каде што е најголем интензитетот на ширење на вирусот - свадбите, веселбите, угостителските објекти, обложувалниците, јавниот сообраќај итн. Затоа што сега императив е намалување на забрзувањето на бројките. Ако периодот на удвојување во овие градови е три дена (бидејќи имаме експоненцијален раст со Rt = 4,2 - не сакам ни да сметам колку случаи – само во овие градови – би имале до крај на месецов...
Среќа во несреќа е што немаме хомогена дистрибуција на ризиците низ целата територија на државата! Практично, буквално насекаде - освен Скопје, Тетово и Гостивар - имаме очекувана, умерена динамика на ширење карактеристична за алфа. Сѐ уште имаме „локално ширење“, а не „ширење низ заедницата“ (community spread).
Вакцинацијата нема промптен ефект... Нека тече таа како што тече. Низ личен опит, сите скептици полека сами ќе увидат дали треба или не треба да се вакцинираат – без принуда, без барање било какви потврди! Во пресрет на есента, треба да се фаворизира вакцинацијата на постарите граѓани и хроничните болни. Процентот на вакцинирани само со една доза во возрасните групи преку 50 години од околу 60 отсто е недоволен. А колку меѓу нив се со две дози?
Кога станува збор за делта сојот, на сите во светот им стана јасно дека не може да се смета само на вакцинацијата, која мора да се интензивира. Но, неопходни се и повремени рестрикции во ситуации каква што е нашата актуелна.
По мое скромно мислење, целисходно може да биде барање на негативен антигенски (рапид) тест за – и вакцинирани и невакцинирани и прележани! Зошто? Бидејќи концентрацијата на вирусот е повисока, таа спаѓа во опсегот на детекција на рапид антигенските тестови.
Или, може да се бара потврда со број на антитела – независно дали се работи за прележани или вакцинирани со една или две дози! Зошто? Затоа што, многумина кои формално имаат потврда дека се вакцинирани со две дози, може да се случи да имаат НУЛА антитела! И со потврдата ќе одат на свадба, во кафеана... и ќе го шират вирусот - подмолно...
На објавата реагираше и епидемиологот Никола Пановски кој напиша
„Секоја чест Драган. Особено со референците, за да прочита министерот „што навистина е научно докажано". Дали оваа мерка е добра треба да коментираат психолози, социолози, политичари. Истата нема цел и не може да спречи ширење на вирусот, туку целта е да се натераат луѓето да се вакцинираат. Инаку, на 16.08. примаш една доза вакцина и веднаш стануваш "слободен" човек. Имунитет здравје по два месеци, пишува и Пановски.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.