21 Ноември, 2024
0.0323

ДЕЛТА ПЛУС НЕИЗБЕЖНО ЌЕ СЕ ПРЕЛЕЕ И ВО МАКЕДОНИЈА, МУТАЦИЈАТА Е ЗА 10 ПРОЦЕНТИ ПОЗАРАЗНА ОД ДЕЛТА: Епидемиологот Даниловски за Фактор

Објавено во: Македонија 10 Ноември, 2021

Добивај вести на Viber

По Дела варијантата, во регионот е присутен и делта плус сојот, конкретно во Хрватска и во Грција, а според српските епидемиолози и вирусолози, најверојатно е присутен веќе и таму, особено поради високиот број на новозаразени со корона вирусот на дневна основа. Според еден ов врвните епидемиолози во Македонија, професор Драган Даниловски, неизбежно е кога оваа мутација ќе биде детектирана и кај нас, но во разговор за Фактор вели дека, тоа нема значително да ја влоши епидемиолошката состојба во земјава.

-Од досега расположливите податоци е заклучено дека делта плус сојот е за околу 10 проценти позаразен од делта сојот. Се претпоставува дека стекнатиот имунитет со прележување или вакцинација сѐ уште заштитува и од него. Бидејќи сите земји во светот сме делови од еден затворен систем на врзани садови, неизбежно тој ќе се прелее и кај нас. Не можам да претпоставам кога тоа ќе се случи. Но, сигурен сум дека тоа нема значајно да ја наруши епидемиолошката ситуација. Мутацијата е направена во спајк протеинот кој навлегува во клетките и токму заради таа мутација во протеинот на шилецот („спајк протеин“) е причина за неговата поголема заразност, која грубо е проценето дека е за околу 10 проценти поголема од онаа на делта. Сѐ уште не може да се согледа дали предизвикува потешки симптоми, вели епидемиологот Даниловски.

Во случај бранот на делта плус варијантата се засили, професорот Даниловски посочува дека бројот на заразени ќе оди во нагорна линија, но смета дека досега создадениот колективен имунитет кој го имаме во Македонија, што од опфатот со вакцинација, што по природен пат, нема да направи оптоварување на здравствениот систем повторно, како што тоа беше случај во пролетниот период, кога имаше и повеќе од 1.500 хоспитализирани пациенти поради компликациите од ковид-19.

-Според некои мои пресметки, вкупниот процент на имуност, стекнат со прележување или вакцинација, веќе е околу 70 проценти или близу 1,3 милиони жители, земајќи го предвид неофицијалниот број на население од 1,8 милиони, според последниов попис. И тој број и понатаму расте – што со заразување (доминантен начин), што со вакцинирање.  Тоа ниво на колективен имунитет е единствената брана што, засега, сѐ уште спречува да не дојде до експлозивен пораст на бројките, имајќи предвид дека било какви други мерки практично не постојат. Мерката со задолжителни потврди за вакцинираност со две дози мислам дека нема големо значење, имајќи предвид дека делта делумно го заобиколува стекнатиот имунитет, а тоа овозможува да се заразат и дел од вакцинираните, особено оние кои не развиле доволно антитела – и во помала мера прележаните – и да бидат подвижни извори на зараза. Затоа, неодамна, се заложив да се воведат потврди за имуност – независно дали е стекната со прележување или вакцинирање - а не потврди за вакцинираност.  Меѓутоа, т.н. ефективен репродукциски број веќе е околу 1,2, што значи (штом е над единица) дека е отпочнат експоненцијален раст на бројот на нови случаи. Тоа подразбира сѐ поголемо забрзување на порастот на бројките. На пример, на 12 октомври 7-дневната подвижна средина изнесуваше 297, а на 8 ноември веќе беше 504. Забрзувањето ќе биде уште поголемо есенва и зимава, заради зголемување на интензитетот на социјалните контакти. Сепак, мислам дека колективниот имунитет што го имаме ќе спречи преоптоварување на болниците. На 8 ноември имаше вкупно 548 хоспитализирани. Се разбира, никогаш не може ништо со сигурност да се тврди. Недозволиво високата смртност е посебна тема. Како може да се дозволи болничка смртност (леталитет) од 61,5 проценти? За споредба, таа во САД изнесува 10 проценти. Мислам дека причините треба сериозно да се анализираат во некое второ време.

Добро би било да се вратат оние рестрикции што непотребно беа подигнати некаде околу 20 октомври, нагласува во разговорот професорот Даниловски.

Што се однесува, пак, до вербата на граѓаните во вакцините, кои секојдневно добиваат информации дека дури и оние кои се вакцинирани со две дози, се заразуваат со вирусот, а има дури и смртни случаи на млади пациенти кои немале претходни коморбидитети, професорот појаснува дека луѓето мора да се свесни дека ефикасноста на вакцината се намалува по неколку месеци и дека граѓаните во ниту еден момент не смеат да забораваат на мерките за заштита.

-Вакцините што се користат се дизајнирани специфично за оригиналниот, вухански сој на вирусот. Сите настанати мутанти по него, вклучително и актуелниот делта, во одредена мера, го заобиколуваат имунитетот формиран со тие вакцини. Затоа, и кај свежо вакцинираните секогаш постои одреден ризик да се заразат. Тој ризик за заразување се зголемува со опаѓање на нивото на антителата со тек на време. „Добра вест“ е дека заштитата од хоспитализација и смрт останува подолго време на ниво од околу 86 проценти. Синовак е вакцина за која се покажа дека антителата траат просечно околу три месеца. Од друга страна, кај кинеските вакцини или не се создава (или се создава многу малку) клеточен имунитет кој го „запаметува“ вирусот. Оттаму, штом ќе исчезнат антителата, организмот останува „табула раза“ за вирусот и ако тогаш дојде до реинфекција, таа може да предизвика последици исто како кај невакцинирани лица.  Како да се убедуваат луѓето да се вакцинираат? После речиси две години траење на пандемијата, не верувам дека може значајно да се влијае некој да одлучи да се вакцинира, ако досега самиот не се уверил дека – сепак – вакцинацијата е подобар избор, отколку да се пречека вирусот со „голи раце“. Веќе светот е сведок дека настапи т.н. социо-психолошки крај на пандемијата. Луѓето веќе се однесуваат како да не постојат ризици од заразување. Тоа е веројатно еден вид самоодбранбен психолошки механизам, заради долготрајно изложување на огромен стрес. И – во еден момент – огромен дел од луѓето одбираат да ја „пикнат главата во песок“! И тука веќе ништо не може да се стори! Тоа било карактеристично и во минатото. На пример, во Втората светска војна најмногу цивили загинале во последните месеци пред да заврши.  Арно ама, постои и т.н. медицински крај. А тој сѐ уште е далеку. Оттаму, како последица, имаме и понатаму голем број на случаи и умирања, кои би биле избегливи, ако не беше на сцена овој феномен.

По објавата на компанијата Фајзер дека нивните научници создадоа антивирусен лек против ковид чија ефикасност против ковид е дури 89 проценти и дека веќе се бара одобрување за употреба од регулаторите за лекови, епидемиологот Даниловски смета дека секаков медицински напредок во светот кој е во насока на сузбивање на пандемијата на корона вирусот е добредојден.

-Мислам дека сега „полесно се дише“. Секое масовно јавување на заразна болест, а во случајов имаме пандемија, секогаш треба да се решава на два фронта – специфична профилакса и специфична терапија. Вакцини се пронајдоа, но специфичен лек досега немаше. Фармацевтскиот гигант Мерк го обнароди неодамна својот лек Молнупиравир, кој штити од хоспитализација и смрт со 50 проценти. За веднаш по него да направи своевиден „бум“ конкурентот Фајзер со објава за произведен лек кој штити дури 90 проценти од хоспитализација и смрт – или попрецизно, 89 проценти од хоспитализација и 100 проценти од смрт! Го давале како комбиниран третман заедно со познатиот антивирусен лек Ритонавир, под назив Паксловид (Paxlovid). Обата лека очекуваат одобрение од Администрација за храна и лекови (FDA) на САД. Навистина ретко се случува да се појават одлични лекови со речиси 90 проценти ефикасност (заштита од хоспитализација) и 100 проценти заштита од смрт! Многу земји веќе имаат резервирано огромни количини од овој лек! Мислам дека тоа треба да го сториме и ние. Сепак, треба да се истакне дека вакцинацијата ќе остане најдобрата заштита од инфекција. Медикаментозните третмани кои се лесни за употреба треба да се користат како дополнителен пристап, за оние кои ќе заболат, заклучува во разговорот за Фактор професорот Драган Даниловски.

Анита Буховски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Владата ќе позајми нафта, од утре превозот во Скопје се нормализира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Владата ќе позајми нафта, од утре превозот во Скопје се нормализира

ЗА СТАБИЛИЗИРАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ ВО ГРАДОТ: Советот предлага продолжување на дијалогот со ЗЕЛС и други јавни претпријатија

ЗА СТАБИЛИЗИРАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ ВО ГРАДОТ: Советот предлага продолжување на дијалогот со ЗЕЛС и други јавни претпријатија

МИЦЕВСКИ ЗА СКАНДАЛОТ СО АПАСИЕВ: Очаен обид на таканаречениот „универзитетски професор“ да ја задоволи својата жед за медиумско внимание

МИЦЕВСКИ ЗА СКАНДАЛОТ СО АПАСИЕВ: Очаен обид на таканаречениот „универзитетски професор“ да ја задоволи својата жед за медиумско внимание

ШУТАРОВ: Да го наведеме износот од 2,5 милиони литри коишто би биле доволни за ЈСП да јa извршува функцијата до крајот на годината

ШУТАРОВ: Да го наведеме износот од 2,5 милиони литри коишто би биле доволни за ЈСП да јa извршува функцијата до крајот на годината

СТОЈАНОВСКИ: Нафтата од државните резерви сега се доставува до базите на ЈСП

СТОЈАНОВСКИ: Нафтата од државните резерви сега се доставува до базите на ЈСП

ПО ИНЦИДЕНТОТ ВО СОБРАНИЕТО: Апасиев има порака до ВМРО-ДПМНЕ

ПО ИНЦИДЕНТОТ ВО СОБРАНИЕТО: Апасиев има порака до ВМРО-ДПМНЕ

ГРАД СКОПЈЕ ЈА ПОЗДРАВИ ОДЛУКАТА НА ВЛАДАТА: Секогаш е подобро политика да се води со разум, а не со инает

ГРАД СКОПЈЕ ЈА ПОЗДРАВИ ОДЛУКАТА НА ВЛАДАТА: Секогаш е подобро политика да се води со разум, а не со инает

ДЕТЕТО ЗАВРШИ ВО БОЛНИЦА: Ученик давел соученик во Велес и му нанел тешки повреди

ДЕТЕТО ЗАВРШИ ВО БОЛНИЦА: Ученик давел соученик во Велес и му нанел тешки повреди

ТОШКОВСКИ: Огромен е бројот на турски граѓани кои немаат одговор за добивање на државјанство

ТОШКОВСКИ: Огромен е бројот на турски граѓани кои немаат одговор за добивање на државјанство