Добивај вести на Viber
Денеска од 14 до 15 часот, ќе се блокира кружниот тек на влезот во Струга, објавија екоактивистите.
„Не може повеќе вака – депонијата гори, никој не презема ништо, цела општина се труе. Токму поради изборите, одговорните се најранливи и време е стружани да покажат сила. Ако не направиме притисок сега, проблемот нема да се реши ни во следните четири години. Доста беше – депонијата мора да се реши! Без разлика на националност, вера или партиска припадност – сите го дишеме истиот воздух. Дојди! Се работи за нас, се работи за нашите деца! Ги повикуваме сите оние кои се во можност да се приклучат на протестот“, повика СОС Охрид.
Реактивната Мониторинг Мисија на УНЕСКО која го посети Охридскиот Регион на почетокот на 2020 година во својот извештај даде препорака за затворање на сите нерегуларни депонии како што се Буково, Мауцкер и таа во Струга, како и сите нелегални места за фрлање отпад во рамките на доброто, и санирање на погодените области.
„Беше даден рок од три години, кој не беше испочитуван. Локалните и централните власти си ја префрлаа(т) одговорноста и купуваат време, оставајќи ги овие жаришта потенцијално опасни по живот да егзистираат до денес. Пробиениот рок го констатира наредната Реактивна Мониторинг Мисија од 2024 година, и даде дополнителни три години рок да се исполни препораката веќе дадена пред скоро шест години. Измина повеќе од една година од доаѓањето на последната мисија, а нештата не се поместени од мртва точка“,реагираат од здружението.
Од таму додаваат дека ниедна институција која добила мандат од гласачите не сака да се справи со овој огромен проблем. Нелегалните депонии ги нема во ниедна предизборна програма нити некој од сегашните (па и поранешни) градоначалници или министри се обврзал да го санира овој проблем со конкретни временски рокови.
„ Во меѓувреме, овие нелегални депонии ги загадуваат воздухот, почвата и подземните води. Правото на здрав живот и здрава животна средина се уставни права, кои населението од Охридскиот Регион ги нема, не ги ужива“, велат тие.