ДИРЕКТОРКАТА НА ЗАГРЕБСКАТА БЕРЗА ЗА НАРОДНИТЕ ОБВРЗНИЦИ: Нашите граѓани ги сакаа, се чудевме кога запишаа дури 1,35 милијарди евра, а очекувавме 500 милиони
Објавено во: Финансии 08 Мај, 2023
Издавањето народни обврзници би бил добар тест за пазарот, да се испита како размислуваат граѓаните и инвеститорите, да се задолжи државата на домашен терен, да се испита колкава доверба имаат граѓаните во државата, а верувам дека ќе има интерес, вели во интервју за МИА Ивана Гажиќ, директорката на Загребска берза, којашто учествува со 30 проценти во сопствеништвото на Македонската берза.
Гажиќ ги споделува позитивните искуства во Хрватска со овој инструмент, истакнувајќи дека повеќе од 43.000 луѓе, односно повеќе од еден процент од целокупната популација, инвестирале во народната обврзница.
- Прогнозите беа дека интересот на јавноста ќе биде околу 500 милиони евра, додека остатокот од една милијарда евра беше планиран за институционални инвеститори. Она што се случи при самото запишување ги изненади сите. Имено, само граѓаните запишаа 1,35 милијарди евра, а фондовите запишаа дополнителни 500 милиони евра. Најмладиот инвеститор има 19 години, а најстариот 99 години, објаснува Гажиќ.
Таа во интервјуто се осврнува на работата на Македонската берза, состојбата и потенцијалите за развој на пазарот на капитал, како и претстојните реформи на нашиот пазар поради усогласувањето со европските директиви. -Овие процеси не се едноставни и безболни, но се неопходни за пазарот да влезе во елитниот клуб на оние кои сакаат да ги следат највисоките стандарди на транспарентност и ефикасност и да ја стекнат довербата и кај компаниите и кај инвеститорите, порачува Гажиќ.
Пренесуваме дел од интервјуто:
Госпоѓо Гажиќ, раководите со Загребската берза која е стратешки инвеститор во Македонската берза со 30 проценти сопственост. Како го оценувате досега ова партнерство и поврзување?
Гажиќ: Македонската и Загребската берза долги години успешно соработуваат преку размена на знаења и искуства, а поинтенизвно од 2014 година кога заедно со Бугарската берза беше основана заедничката компанија СЕЕ ЛИНК. Исто така, двете берзи имаат потпишано договор за соработка во областа на едукацијата, а македонски компании редовно учествуваат и на инвестициските конференции што ги организира Загребската берза самостојно или во соработка со Љубљанската берза.
Со сопственичката поврзаност оваа соработка дополнително се продлабочи и наша желба и цел е таа да биде уште поинтензивна. Поврзувањето на учесниците на двата пазари на капитал преку настани како што е неодамна одржаниот „Денови на македонскиот пазар на капитал“, кога во Скопје дојдоа релевантни учесници од хрватскиот пазар, односно претставници на брокерски куќи, инвестициски и пензиски фондови и инфраструктурни институции, е уште еден чекор во оваа насока.
Вие сте веќе извесно време и член на Одборот на директори на нашата берза. Како ја оценувате состојбата на нашиот пазар на капитал во последниов период? Колку е искористен потенцијалот на Берзата од страна на корпоративниот и државниот сектор? Кои се вашите сугестии за подинамичен развој на Македонска берза?
Гажиќ: Од првите денови на нашата релација со Македонската берза соработката е одлична. Македонската берза е многу добро организирана и проактивна организација. Секоја берза е одраз на економијата. Оттука, во двете земји се бориме со слични предизвици – и тоа, би рекла, доста успешно. Македонската берза за хартии од вредност функционира многу добро, во согласност со стандардите и ја има поддршката од регулаторот во напорите за понатамошен развој на пазарот. Професионалноста на вашиот регулатор ја почувствувавме и преку процесот на добивање одобрение за стекнување на квалификуван удел, за што сме многу благодарни. Сметаме дека македонскиот пазар има потенцијал, особено во однос на акумулираните заштеди, а има и добри можности за инвестирање, но како и во случајот со Хрватска, сеопфатна национална стратегија за развој би му дала дополнителен поттик на овој сектор. Исто така, приватизацијата на државните компании преку берза секогаш го дава потребниот поттик за уште посилен развоен исчекор. Државата секако би можела во поголема мера да ги искористи можностите на пазарот на капитал, во двете земји.
Работата на Одборот на директори на Македонска берза ја сметам за многу професионална, особено со оглед на тоа што имав можност да бидам или се уште сум член на повеќе надзорни одбори. Со цел мое полесно учество на седниците, почнав да го изучувам и македонскиот јазик.
Повеќе детали од интервјуто прочитајте тука.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.