До победа и по неа - Што со победниците, а што со победените
Објавено во: Анализа 31 Октомври, 2025 10:25
Независни кандидати кои влегоа во вториот круг јавно се откажаа од дополнителен натпревар во чест на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, во Карпош и Центар се ветува се и сешто, во Скопје се бега од втора дебата за случајно да не се промаши нешто и да се ризикува веќе стекнатата предност, а врз коалициониот партнер БЕСА од ВРЕДИ се изврши соодветен притисок за да нема експерименти во Струга, Кичево, Дебар и Тетово.
ВМРО-ДПМНЕ е решено по секоја цена да победи на овие локални избори и да се претстави како апсолутен и доминантен победник, па така со нивните и победите на коалиционите партнери, на опозицијата да не и остави практично никаква надеж дека по изборите може да излезе колку-толку со крената глава со чесниот и прифатлив пораз.
Покерашите би рекле „all in“, се на една рака, за никој да не се посомнева во апсолутната доминација на ВМРО-ДПМНЕ на овие „историски“ избори. А, всушност изборите се само локални. Но, без оглед на политичката доминација и лесната прошетка низ осоколениот јавен дискурс, следното прашање ќе биде, што по победата.
Рокот од 72 часа започнува во недела на полноќ, што значи дека веќе во четврток скопјани треба да се разбудат без реата од контејнерите под нивните згради, дека магично ќе ги снема микро депониите, дека ќе прекине прошетката на сметот од еден во друг контејнер на стотина метри подолу, дека автобуси сепак, ќе има според распоред кој е точен и предвидлив.
Со целосна власт во државата на локално и централно ниво, мнозинство во Собранието и со поддршка на претседател на републиката, ВМРО-ДПМНЕ има историска шанса да направи конечен пресврт во јавниот и политичкиот живот. А, тоа е да покаже дека државата почнува да функционира, да се врати довербата во институциите, да се зајакне одговорноста на избраните челници, а со свој удел да возвратат и граѓаните кои се гласни на социјалните мрежи и таа енергија да ја канализираат кон општествени промени.
По изборите најверојатно ќе следи реконструкција на Владата, најпрво од проста причина што неколку министри ќе станат градоначалници. Сепак, и ова е можност премиерот навистина да процени на кои министри треба да им се „заблагодари“ и да донесе можеби нови кадри кои ќе уфрлат во „петта“.
Реформа на јавната администрација, реформа на обвинителството и судството, реформи на безбедносните и полициските служби, реформи во економијата и забрзување на реализацијата на капиталните проекти. Во сите овие области ВМРО-ДПМНЕ и нивните владини партнери работеше на основниот минимум, малку поактивно и поревносно од дупката која ја создадоа СДСМ и ДУИ во владите на Заев и Ковачевски, колку да се забележи со голо око, дека ете сепак „овие барем работат“.
Но, трагедиите предизвикани од корупција и системска катанга кои доведоа до бројки на загинати како да сме биле во војна во последните десетина години, јасно покажаа дека основен минимум на работење е недозволив.
Надополнето со загубите од иселувањето и недостигот на човечки потенцијал, време повеќе за чекање нема, бидејќи сѐ води кон неповратно губење доверба во државата и иднината на македонското општество, а потоа ќе биде доцна и за реформи и за нови технологии, и нови автопати и железници.
Како власта ќе се справи со овие предизвици, и кои тешкотии ќе мора да ги понесе на плеќи, ќе зависи и од третманот врз опозицијата. Начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ ќе се однесува по победата на изборите ќе покаже дали е спремна да гради општествен консензус. Дали ќе одбере да ја „игра“ опозицијата, или наместо тоа ќе ја „гази“, и ќе оди на дополнителна конфронтација, што секако е ризик од зголемена поларизација меѓу граѓаните.
Х.С.* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот
СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени
Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?





