ДОДЕКА ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА СЕ КАРААТ ДАЛИ „ВАБТЕК“ Е НОВА ИЛИ СТАРА ИНВЕСТИЦИЈА - американската компанија повторно бележи загуби, еве колку тежат тие
Објавено во: Економија 25 Октомври, 2024
Додека се најавува како една од новите инвестиции од новата Влада, и додека траат препукувањата со опозицијата дали станува збор за нова или за постојна инвестиција која само ќе ги прошири своите капацитети во земјава, американската компанија „Вабтек“ повторно извести за загуби во своето работење, за периодот од првите девет месеци од годинава.
Негативниот финансиски резултат не е новина за оваа компанија и се провлекува неколку години, но факт е дека во првите месеци од годинава тие не работеле лошо, зголемувајќи ги приходите од продажбата. Сепак, главниот нивни проблем се големите финансиски расходи, односно враќањето на кредити и камати од нив, поради претходни задолжувања.
За периодот од јануари заклучно со септември годинава Вабтек повторно работел прилично загубарски, и тоа остварил негативен финансиски резултат од 783 илјади евра, што воопшто не е малку, а единствената утеха е дека во првите девет месеци од годинава имале двојно намалување на загубите во однос на истиот период од минатата година.
И, она што е загрижувачки, е она што оваа странска инвестиција за производство на шински сопирачки најавува промени и редукции во своето работење доколку овие загуби продолжат, и можно стопирање на планираните инвестиции, иако не се споменуваат намалувања на работната сила.
Оваа загуба, инаку, а што е голема штета, е направена во истиот период кога „Вабтек“ остварил оперативни приходи во износ од 34,8 милиони евра, што е раст за дури 23 отсто во однос на истиот пресметковен период од минатата година.
Во структурата на оперативните приходи, пак, има зголемување на приходите од продажба на домашен пазар, и тоа за дури 73 отсто, но тие на компанијата и донеле многу мал приход, а всушност најзначајниот приход доаѓа од продажбата на странските пазари, кој изнесувал компанијата приход од34,5 милиони евра, и каде всушност зголемувањето е за 22 проценти.
Останатите оперативни приходи бележат зголемување во споредба со истиот период од мината година.
Вкупните оперативни расходи изнесуваат 33,1 милиони евра, и бележат зголемување за 15 отсто во однос на истиот период од минатата година.
Всушност, како што објаснуваат од компанијата, промената на вредноста на залихите во пресметковен период од деловната година како разлика помеѓу вредноста на залихите на почетокот и на крајот на пресметковниот период, генерира приходна ставка во износ од 1,35 милиони евра, така што компанијата оствари оперативна добивка од 354 илјади евра.
„Остварената оперативна добивка во пресметковниот период од деловната година е позитивна, во однос на истиот пресметковен период од минатата година каде е негативна“, објаснуваат од компанијата.
Но, нагласуваат дека финансиските расходи се поголеми од финансиските приходи за 1,12 милиони евра, што од своја страна го намалува нето финансискиот ефект од работењето на друштвото, и затоа тоа оствари загуба од редовно работење на износ од 783 илјади евра.
Друштвото за периодот јануари – септември 2024 година нема исплата на дивиденда. Вложувањата во недвижности, постројки и опрема за овој период изнесуваат 31 илјади евра.
Вкупни обврски по долгорочни кредити на крајот на септември годинава немало, додека обврските по краткорочни кредити дошле дури до 41,7 милиони евра. Тоа е огромна сума долг на една компанија, и како што велат оттаму, гтие се зголемени во однос на истиот период од минатата година.
Последиците од кризата од Ковид-19 директно влијае на оперативното и производното работење на нашето Друштво, како и врз продуктивноста, ликвидноста, наплатата на побарувањата и сл, пишуваат отааму во образложението на својот финансиски резултат.
„Доколку дојде до продолжување на кризата, друштвото наидува на размислување и за стратегиски промени во обемот на работа. Во однос на стратегиските промени главно ќе се практикуваат мерките за заштита, прилагодување и подобрување на техничките услови за работењето, се со цел да нема прекин во производствениот процес. Воедно, друштвото размислува да преземе некои финансиски мерки како што се рационализација на трошоците на работење, промена или целосно одлагање на планираните инвестиции, мерки за одржување на ликвидноста. Во однос на човечките ресурси ситуацијата не е променета, освен нормалната флуктуација на кадри и сл. Друштвото ги следи економските трендови во националната, регионалната и глобалната економија со цел да се здобие со информации корисни за процесот на одлучување. Вабтек МЗТ АД Скопје продолжува да работи во насока да го подобри производството, а со тоа максимално задоволување на потребите и очекувањата на купувачите и рационализација на трошоците на работење и да ја одржи пазарната позиција со производи на високо и квалитетно ниво со цел да ги исполни планираните активности за 2024 година“, нагласуваат од компанијата.
Инаку, во септември годинава Владата се пофали дека „за само два месеци донесени се четири странски инвестиции и нови над 1500 вработувања“, а во тие инвестиции беше спомената и амерфиканскиот „Вабтек“, за производство на сопирачки за шински возила. Инвестицијата е најавено дека ќе тежи 35 милиони евра, а ќе се отворат нови над 100 вработувања, и тоа во Технолошко индустриско развојната зона Скопје.
Веднаш потоа се огласи СДСМ, од каде реагираа дека не станува збор за нова инвестиција, туку за производител кој долго време работи во кругот на некогашен Металски завод Тито.
„Ова е целосно потценување на интелегенција на граѓаните. Наводно новата инвестиција на Мицкоски е компанија која 16 години веќе работи во Македонија.
Станува збор за барање на компанијата Вабтек за проширување на операциите во државата. За ова нивно барање се водеше постапка одамна во рамки на институциите кај нас при што заради негативно мислење на Комисијата за заштита на конкуренција тоа не се реализираше. Во рамки на овој процес имаше и судска постапка“, напишаа од СДСМ.
Околу „Вабтек“ тогаш се огласи и поранешниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски, кој тврдеше дека две години тимот на ТИРЗ работи со компанијата за новата инвестиција.
„Повеќе од две години со тимот од ТИРЗ работевме заедно со оваа компанија, која веќе вработува над 350 наши сограѓани. Се боревме заеднички со предизвиците од различни институции. Се боревме и на суд, каде добивме заедно со компанијата. Одлуката сè уште не е спроведена. Сепак, добро е што овие предизвици се сега минато. И затоа заслужува да се поздрави решеноста на Владата „да пресече“ и оваа инвестицијата која е важна за сите граѓани да се случи. Честитки за сите“, напиша Деспотовски.
Градежен институт Македонија за корпорацијата веќе изработува основен проект за нова фабрика во рамките на ТИРЗ Скопје 2. Поради големината на планираните содржини на проектот, планирано е четири парцели да се спојат во една голема парцела. Самиот објект е планиран да се гради фазно, во првата фаза предвиден е административен дел од 4700м² и производствен дел од 17100м², а во втората фаза предвидени се дополнителни 9600м².
Инаку, како што веќе пишуваше Фактор, по неколкугодишни загуби, и во минатата година на „Вабтек“ и се повтори негативен финансиски резултат, и тоа огромна загуба на сума од 3,3 милиони евра.Одборот на директори на компанијата реши дека оваа загуба ќе се покрие од идното работење на друштвото.
А, како што е познато, доминантниот акционер на компанијата е ПОЛИ С.Р. Л, со мешан американско-француски капитал, и тој акционер поседува 87,4 отсто од акциите на компанијата.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.