17 Ноември, 2025
0.0371

Доналд Трамп до „мир со сила“!

Објавено во: Колумни 20 Октомври, 2025 07:59

Добивај вести на Viber

Американскиот претседател Доналд Трамп одново го промени приодот кон решавањето на војната во Украина. Особено сега по „мирот“ во Газа. Од него и од неговите соработници често пати се слушаше изразот „До мир со сила“. Лесно му е тоа да се обидува да го направи со Хамас. Но не и со Русија и Украина. Со последнава особено, бидејќи зад неа упорно стојат воено настроените европски земји и лидери.

Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, само што стапна минатата недела на американска почва, беше изненаден од веста која го затекна за време на летот кон Вашингтон, дека Трамп и рускиот претседател Владимир Путин имале телефонски разговор и дека е најавена нивна средба „за две недели“ во Будимпешта.  Сигурно го облеала студена пот, особено што во Вашингтон замина да разговара за ракетите „Томахавк“, а за кои претходно му ги „запали гаќите“ самиот Трамп, во претходните средби и телефонски разговори во два дена. Трамп беше тој кој зборуваше дека Украина може да се врати на границите од 1991 година, дека таа може да гаѓа цели длабоко во внатрешноста на Русија.

Тоа беше периодот кога Трамп го промени ставот по средбата со Путин на Аљаска. А на која се согласи со барањата на Путин за мир во Украина. Главното, Донбас Украинците да го отстапат во целост на Русија, па членството на Украина во НАТО и правата на Русите и УПЦ в Украина. Европа, повикана од Зеленски, крена рачна, па притисна на гас. Рачна за барањата на Русија, а гас за што побрзо создавање план за разубедување на Трамп во неговиот приод кон Русија после Аљаска.  Европа успеа да го смени ставот на Трамп, а тој одново почна да ја обвинува Русија за сите несреќи на Украина. Се’ до последниот телефонски Разговор со Путин.

Во петокот, после средбата со Зеленски, Трамп изјави дека со нетрпение ја чека средбата со Путин. Упати порака дека е за мировен договор, кој би значел Русија да ги задржи освоените територии, и да дојде до прекин на огнот на сегашните линии на фронтот. Ништо од „Томахавките“. Не знаеме што е договорено и дали е договорено нешто за другото оружје. Русите му ја расипаа забавата на Зеленски. А Европа, како што вели Трамп, ќе плаќа за оружје доколку сака да и’ испорача на Украина. И на тој план работите не одат како што се очекуваше. Нема доволно пари во посебниот механизам за набавка на оружје од Америка. Неделава Зечленски ќе се среќава со некои европски лидери за да поразговара на таа тема. Доколку не се преземе нешто итно Украина тешко дека ќе може да се брани од руските напади вдолж фронтот.

СРЕБА ВО БУДИМПЕШТА

Овде треба да се каже дека и Путин и Зеленски , како и цел свет, осознаа дека во разговорите со Трамп треба да има многу ласкање. Па обајцата неизоставно, го пофалија за „успехот“ околу Газа. Путин ја спомна и првата леди, Меланија Трамп и соработката со неа, околу украинските деца на руска територија. А Зеленски смета дека тој пример, Газа, треба да биде и водилка кон решавање на војната во Русија. „До мир со сила“. Путин ги отвори темите за економска соработка по завршувањето на војната и можностите САД да имаат предност во неа.

Резултатите од овие разговори се очигледни. Русија и Америка, како што најави Трамп, веќе почнаа да работат на подготовката на средбата во Будимпешта. Се очекува средба меѓу државниот секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Вчера во интервју за ТАСС, портпаролот на руското МНР, Марија Захарова, изјави дека за подготовка на средбата на Путин со Трамп, сега во тек е „продлабочена и вистински сериозна“ дипломатска работа. Како што доликува на секоја средба на врвот подготовките треба да донесат конкретен резултат, кој шефовите само официјално ќе го потврдат. Прво работат дипломатските експерти, па потоа доаѓаат министрите, а круната ја ставаат претседателите. Ваквиот приод бара  време. Па може да се случи средбата во Будимпешта и да се одложи за една до две недели. Се ќе зависи што се очекува од неа.

Оттука, ќе треба со внимание да се следи што ќе се случува во наредниот период. Дали Русија до крај ќе опстојува на барањата до Аљаска? Особено целата територија на Донбас, а за возврат Украина да добие некои делови од други територии, кои сега се под руска контрола, што викендов како решение го спомна и Доналд Трамп. На средбата во Вашингтон, неговиот советник, Стив Виткоф, како аргумент за ова на Зеленски му посочил дека на Донбас живее руско население. Инаку, вчера Зеленски го отфрли барањето на Путин да се повлече украинската војска од Доњецката област. „Ние нема ништо да и подаруваме на Русија. Нема ништо да им заборавиме. Ние јасно гледаме дека агресијата е долговременска закана“, изјави Зеленски. Ова значи дека Украина и натаму ќе игра со истата карта. Освен ако Трамп не се договори со Путин за менување на некои руски барања, по кои полесно би се убедил Зеленски да влезе во играта. Што впрочем сака и Трамп. Но, првото скалило е Путин.

Интересно е што многу набљудувачи околу овие прашања, сметаат дека односот на Русија и на Украина кон нив е намерно таков-цврсто непопустлив. Категорично спротивставување и меѓусебно обвинување, се ‘со цел Америка да добие  впечаток дека спротивната страна е виновна за тоа што не одат работите како што сака американскиот претседател. Дека се спротивставува на  зделката на Трамп. Па се очекува Трамп да изгуби трпение и заземе страна во судирот.  И да почне да обвинува. Засега, Трамп на овој план се однесува поурамнотежено, за разлика од минатите месеци, кога обвинуваше дека Зеленски е виновен за војната, па дека Путин не е искрен и сл.

КАДЕ Е ЕУ?

Украинскиот претседател, веднаш по средбата со Трамп имаше разговор со неговите главни сојузници од Европа. И ним не им е сеедно што Трамп ја одбра Будимпешта за средба со Путин. Посебно што домаќин на средбата ќе биде унгарскиот премиер Виктор Орбан, кого во ЕУ многу не го мирисаат. А тој им трие нос со изјавите дека Европа е за војна, а тој е за мир. Нормално лидерите од Европа не се откажуваат од поддршката на Украина, но веќе зборуваат за подготовки на некаков план за мир. Дали Зеленски им дал до знаење дека Трамп сега е сериозен во своите намери за војната во Украина? И канцеларот Фридрих Мерц и премиерот Кир Стармер најавуваат некаков „план за мир“. Планот би бил стокмен по аналогија со планот на Трамп за Газа!  

Што може да се очекува од Европа? После Аљаска тие го убедија Трамп дека згреши што се сретнал со Путин и што ги прифатил неговите барања. По што Трамп почна да ја критикува Русија. Ним не им се сеедно што ги нема на масата за преговори. Па сега, заедно со Зеленски ќе прават некој документ за да му ја олеснат позицијата, што тој ќе ја има во некои идни преговори. Или, пак, да го блокираат самитот во Будимпешта, на што укажа и унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто. „Можеме да бидеме уверени, дека мнозинството политичари во ЕУ ќе направат се’ што е можно во наредниве недели и денови, самитот да не се одржи, затоа што тој, доколку се одржи ќе даде шанса на мирот, а тие се заинтересирани за продолжување на војната“, рече Сијарто во едно интервју.

Патем, вчера Доналд Трамп го повторил својот предлог Русија и Украина да застанат на сегашната линија на фронтот. „Русија веќе има освоено 78 проценти од територијата(на ДНР). Подоцна тие би можеле да се договорат уште за нешто“, смета Трамп. Тој, според Ројтерс, разговарал со Зеленски и за гаранциите за безбедност на Русија, а не само на Украина. А ова значи станало збор и за  членството на Украина во НАТО.

Достигнувањето на Трамп околу Газа му дава увереност дека истото тоа може да го направи и со конфликтот во Украина. Но, ако Хамас немаше адути во своите раце за  да постигне договор, кој и нему повеќе би му одговарал, тоа не е случај со Русија. Кај неа не важи „до мир со сила“, иако тоа е главното мото и на ЕУ. Русија има уште адути во играта. Нешто малку има и Зеленски. Но одбивањето на Трамп и неговите решенија сега е во рамките на теоријата.

Мирче Адамчевски

*Ставот изразен во колумната не е став на редакцијата

Можеби ќе ве интересира

Корумпираните соработници можат да го урнат Зеленски

Корумпираните соработници можат да го урнат Зеленски

Зошто е важно да знаеме колку чини нелекувањето на некоја болест?

Зошто е важно да знаеме колку чини нелекувањето на некоја болест?