ДОСИЕ: Има ли „будала“ за јавен обвинител - Како 30 години се уриваше независноста на ЈОРМ
Објавено во: Анализа 21 Ноември, 2025 09:57
Во 2006 година, по малку и пророчки, разрешениот Александар Прчевски, ја даде легендарната изјава дека е „последната будала што се нафатила да го води јавното обвинителство“, алудирајќи дека оваа позиција постојано е напаѓана од политичките партии и дека републичкиот јавен обвинител се менува со секоја промена на партијата на власт.
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски денес е под силен притисок од премиерот Христијан Мицкоски кој јавно кажува дека е незадоволен од неговата работа, иако јавниот обвинител може да „рапортира“ само пред Советот на јавни обвинители и пред пратениците во Собранието на Република Македонија.
Меѓутоа Коцевски не е единствениот главен обвинител кој е под закана за разрешување по смена на власта. Таквата судбина ја доживеаја речиси сите негови претходници, а оваа пракса се применува уште од раните демократски чекори на Македонија во 90-те години на минатиот век.
Јавното обвинителство на Република Македонија секогаш било камен на сопнување за партијата која ќе ја освои власта, но откако ќе постави нов обвинител се соочува со критики за партизирање на функцијата. Ако обвинителот има стабилен мандат се сомничи дека за возврат ги штити од гонење актуелните функционери за предмети од висока корупција.
Ера на политички реваншизам
Во ерата на политичкиот реваншизам се истакнуваат разрешувањата на јавните обвинители Стеван Павлевски, Ставре Џиков и Александар Прчевски.
Стеван Павлевски беше назначен по предлог на премиерот Бранко Црвенковски во 1996 година, кога СДСМ имаше апсолутна власт во државата, без опозиција во Собранието, а тогаш го направи и фамозното назначување на стотина судии.
Практично во тој период јавното обвинителство и судството беа ставени на тапет за непроцесирање на случаите за приватизации на државните и општествените претпријатија и создавањето на македонската олигархија, ниту пак за процесуирање на сомнежите за корупција во пикот на моќта на министрите на СДСМ, како на пример шверцот на нафта и цигари, кршењето на економското ембарго, хероинската епидемија и злоупотребата на државните и безбедносните служби.
Циклусот на политички разрешувања на јавните обвинители започна со смената на Павлевски во 1999 година, по што тој стана редовен критичар на ВМРО-ДПМНЕ, особено на нивните политики во правосудството.
Потоа, Ставре Џиков беше назначен на позицијата јавен обвинител по предлог на Владата на Љубчо Георгиевски, по победата на ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година.
Во мандатот на Ставре Џиков беа отворени предметите против ОНА за злосторства против човештвото, но иститите никогаш не беа целосно процесуирани од македонските правосудни органи, а истите беа „затворени“ и со гласањето за амнестија во Собранието на два наврати. Исто така обвинителот Џиков ја започна и соработката со Хашкиот трибунал по воениот конфликт во 2001 година.
Сепак, неговата работа им „пречеше“ на СДСМ и ДУИ кои победија на изборите во 2002 година и преку гласање во Собранието со мнозинство го разрешија од функцијата јавен обвинител поради „нестручно и несовесно вршење на функцијата“.
Неговиот наследник Александар Прчевски исто така на позицијата се задржа само еден мандат, и веќе во 2006 година по победата на „реформаторот“ Никола Груевски беше разрешен во Собранието поради нестручно и несовесно вршење на функцијата.
Прчевски и Џиков јасно укажуваа дека се непходни законски измени кои на јавниот обвинител ќе му дадат поголема независност и заштита од волјата на владејачките партии, како на пример продолжен мандат во однос на владиниот, филтер на мислење од стручно тело кое не може да се заобиколи и поголем консензус при гласање во Собранието.
Заробена држава, замрзнато обвинителство
Никола Груевски кон последните години од неговото владеење беше обвинет за воспоставување авторитарен режим и дека неговата партија целосно ја заробила државата преку запоседнување на сите институции.
Уште по победата во 2006 година еден од првите потези беше разрешување на тогашниот јавен обвинител Прчевски, а за негов наследник беше одбран Љупчо Шврговски и покрај противењето на тогашната опозиција за негова „наклонетост“ кон ВМРО-ДПМНЕ особено со претходното негово постапување во случаите како Национална платежна агенција и неговата наводна блискост со Мијалкови.
Сепак, тој го издржа целиот мандат и во 2013 година реши да не се кандидара повторно за истата позиција, па наместо тоа кариерата ја продолжи како адвокат.
На негово место дојде Марко Зврлевски, уште еден јавен обвинител во ерата на Груевски, кој беше критикуван дека е пасивен и не „сака да ги види“ криминалите на власта. Тој не отвори ниту еден предмет по објавените „бомби“ на Зоран Заев кои произлегуваа од прислушкувани разговори, но затоа го отвори предметот „Пуч“ за обидот на тогашниот лидер на СДСМ насилно да ја сруши власта.
Зврлевски уште на самиот почеток на владеењето на Заев и СДСМ беше разрешен во Собранието иако имаше важечки мандат за уште неколку години, со образложението дека нестручно и незаконито работел и не ги исполнувал законските обврски.
Одбрана на независноста или заштита на партиските кадри?
Честите смени и разрешувања на јавните обвинители доведе до формирање на Советот на јавни обвинители како стручно и независно тело кое ќе биде „брана“ во напливот на политички реваншизам и влијание.
Но, како што е обичај во Македонија не постои институција која не може да биде корумпирана и преклопена, па така и Советот на јавни обвинители е под критики за партиско влијание и заштита на кадрите кои ги поставила претходната власт.
Актуелното владејачко мнозинство изгласа недоверба на членовите на Советот на јавни обвинители како порака дека истите треба да ги напуштат нивните позиции и да ослободат место за „нови и независни“ кадри.
Исто така Собранието негативно се изјасни и за работата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, но тој засега нема законски императив да си поднесе оставка, се додека не добие негативно мислење од Советот на јавни обвинители.
Обвинителската и судската фела возвратија на вербалните напади на премиерот Христијан Мицкоски за политичките притисоци и влијание врз нивната независност, додека пак извршната власт смета дека тие „не ја заслужуваат платата која ја добиваат“.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ мора да претстават сериозни реформи во организацијата на Советот на јавни обвинители и критериумите за избор на Републички јавен обвинител за да ја оправдаат потребата од нивна смена со нови кадри.
Но, без гаранции дека тие нема да бидат само нови партиски послушници туку навистина независни борци за правда, и оваа операција ќе биде препишана на уште еден политички театар во бескрајниот циклус на поклопување на правосудните институции, во кои и онака граѓаните имаат доверба од само „2 отсто“.
Х.С.* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот
СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени
Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?





