Добивај вести на Viber
Грандиозниот проект „Сончев град“ лоциран на јужните падини на Водно повторно станува актуелен. Денеска е објавен оглас за продажба на локацијата за изградба на елитната населба во општина Сопиште. Станува збор за парцела од 835.619 квадратни метрии која ќе се продава по цена од 120 денари за квадрат. Како еден од условите што ќе се бара од заинтересираните инвеститори е банкарска гаранција од 500.000 евра.
Откако пропаднаа неколкуте неуспешни обиди за реализација на овој проект , сега повторно пред изборите се актуелизра истата идеја и се смета дека ќе биде еден од главните адути на владејачката партија. Идејата за овој проект почна уште од времето кога на власт беше СДСМ со тогашниот министер за транспорт и врски Џемали Мехази а истиот проект го продолжи и сегашната влада со актуелниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Засега ниту една влада не успева да ја реализира оваа инвестиција. Но, освен неуспешните обиди за изградба на елитна населба во Сопиште заедничко за двете влади е и тоа што идејата ја актуелизраат токму пред избори.
Деталниот план за изгрдаба на елитната населба, изгласан e пред неколку дена од советниците во општина Сопиште . Планот, поддршка добил од советниците на ВМРО ДПМНЕ но и од советниците на СДСМ . Против изградбата на овој проект биле советниците од ДУИ во општината, кои не го гласале. Сепак , за овој проект кој на изборите ќе донесе адут во рацете на ВМРО ДПМНЕ , гласале и советниците од СДСМ.
Идејата за Сончев град е стара веќе 6 години. Имено уште во 2006 година со непосредна спогодба, пред избори тогашната Влада ја продаваше истата локација на Германска компанија . Тогаш министер за транспорт и врски беше Џемали Мехази, но Антикорупциската комисија веднаш реагираше и го преупреди министерството дека за време на изборната кампања не смее да го продава државниот имот, ниту по пат на јавно наддавање, ниту во непосредна спогодба.
Што пишуваа медиумите
--------
Локацијата за „Сончев град “ ќе се продава со непосредна спогодба 27. јуни 2006
Министерот за транспорт Мехази со непосредна спогодба ќе го продава земјиштето на јужните падини на Водно. Доби дозвола од владата да го реализира проектот „Сончев Град“. Мехази на германската градежна компанија Бихард Констракшн Интернешнал ќе и продаде 90 хектари земјиште во општината Сопиште за да изградат елитна населба. Ова е заклучокот од владината седница од пред две недели со кој се дава согласност Мехази да склучи договори за оттуѓување на градежното државно земјиште со германската компанија. Денеска пак антикорупциската комисија го предупреди министерството за транспорт дека за време на изборната кампања не смее да го продава државниот имот, ниту по пат на јавно наддавање, ниту во непосредна спогодба. Германците веќе имаат регистрирано и фирма во земјава, БЦИ Сопиште ДОО. Претставници на германската компанија неколкупати се сретнале со премиерот Бучковски. Барале чист терен за го реализираат својот проект.
На оваа локација спорни беа 4-ри хектари земјиште што на користење пред десетина години го добила винаријата „Сковин“ на Штерјо Наков. Тогашниот владиниот портпарол Сашо Чолаковски потрвди дека на „Сковин“ му е одземено корисничкото право за земјиштето за да се реализира проектот „Сан Сити“, вреден 120 милиони евра. Договорот за купопродажба на државната земја не е готов но, според информациите , министерството забрзано работи на негова подготовка.
Сепак во 2007 година беше објавен тендер. Првично заинтересираната германска компанија „Бикхард Бау“, се откажа од учество, поради како што тврдеа, правна несигурност во земјава и недоречености во објавениот тендер. На објавениот тендер победи Израелската компанија ИБЦ. Тендерот го спроведуваше новата Влада на чело со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Според роковите од тендерот елитната населба требаше да биде изградена до 2011 годинa.
----------
Израелци ќе го градат „Сончeв град“ 14.05.2007
Елитната населба Сан сити на јужните падини на Водно ќе ја гради израелската корпорација „Индустриал билдинг“. (ИБЦ) . На денешната лицитација за локацијата од 640.000 квадратни метри понуди 3,5 милиони евра. Од трката испадна домашната компанија „Гранит“, која понуди помала цена за локацијата. Се откажа на 300 денари за метар квадратен. Израелците понудија 350 денари. Парите треба да ги уплатат во рок од 15 дена, а за шест месеци да добијат дозвола за градба. Сончевиот град во општината Сопиште треба да биде изграден до 2011 година. Во првата фаза идните газди треба да изградат улици, јавно осветлување, водовод, канализација, гасификација, а потоа и станбените објекти. Денеска претставниците на компанијата не сакаа да ги кажат идните планови. Тоа не било во нивен интерес, оти котирале на лондонската и телавивската берза. За Владата, пак, оваа инвестицијата од 100 милиони евра ќе го поттикне економскиот раст во земјава. „Нови инвестиции, ангажирање на наши компании, вработување на луѓе, раст на економијата“, рече Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски. Корпорацијата „Индустриал билдинг“ инаку е јавно претпријатие кое е во сопственост на израелската држава. Во земјава имаат регистрирано фирма под името „Сан сити“.
Но, по објавата дека израелците од ИБЦ се победници и тие ќе ја градат елитната населба следуваа и обвинувања дека тендерот за „Сончев град “ е наместен.
----------
Тендерот за „Сончев град “ е наместен 28.10.2007
Либерално-демократската партија ја обвини Владата за „местење“ на тендерот за продажба на градежното земјиште за проектот Сончев град во Сопиште, бидејќи во процесуирањето на тендерот се направени низа нерегуларности со често незаконско и нетранспарентно менување на специјалните услови на тендерот, изјави потпретседателот на ЛДП Андреј Жерновски. Тој меѓу другото ги посочи промената на условот за сумата од годишен обрт од 150 на 100 милиони евра која компаниите треба да ја прикажат за да се квалификуваат за тендерот, извршена еден ден по објавувањето на условите за тендерот на веб сајтот на Министерството за транспорт. Жерновски посочи оти е спорно и што отворањето на понудите, спротивно на правилата на меѓународните и македонските тендери, Министерството не ги отворило јавно туку за нив информирало по неколку дена. Тој посочи дека првопласираната фирма „ИБЦ“ која според Министерството се квалификувала на тендерот во 2005 година имала обрт од 34 милиони евра, а главната добивка ја остварувала од одржување на објекти, а не од изградба на станбени објекти како што е посочено во тендерската документација. Според ЛДП ниту второрангираниот „Гранит“ не ги исполнува специјалните критериуми на тендерот. „Бараме надлежните институции задолжени за испитување и прогон на организираниот криминал и корупцијата итно да ги испитаат сите нерегуларности за овој случај“, рече Жерновски. Тој упати прашања до премиерот Никола Груевски да одговори дали изнесените податоци се точни, имало ли непочитување на тендерската постапка и дали „Гранит“ и „ИБЦ“ ги исполнуваат тендерските услови. Министерството за транспорт и врски реагираше на прес-конференцијата на ЛДП. Според нив, целата постапка е во согласност со законот. Министерството цврсто стои на ставот дека нема ништо спорно во спроведената постапка.
Само една година подоцна се јавија недоразбирањата меѓи домашните институции и инвеститорите од Израел како и првите сомнежи дека грандиозниот проект вреден 100 милиони евра нема да се изгради.
----------
Пропаѓа ли проектот „Сончев град“? 17.12.2008
Се искомплицира изградбата на Сончев град, елитната населба на јужните падини на Водно. Грандиозниот проект вреден 100 милиони евра е на добар пат да пропадне. Израелската компанија за локацијата плати 3,6 милиони евра. Но, настанале недоразбирања. Според информациите , авионските снимки од катастарот што им биле дадени на менаџерите од Израел не се совпаѓале со она што реално го добиле на терен. Побарале нови мерења. Недоразбирања има и околу инфраструктурата-патот и водата, што требаше да им бидат обезбедени. Израелците имале средба и со високи владини претставници но тоа не вродило со плод. Сега според нашите информации тие размислувале и да го затворат и претставништвото во земјава. Гиконсултиравме менаџерите на израелската компанија, велат дека за ситуација немаат коментар. Од Министерството за транспорт немаат информација дека проект е на пат да пропадне. На локација од 640 илјади метри квадратни требаше да се изгради елитен комплекс за 6 илјади луѓе.
----------
Си заминуваат ли Израелците од проектот „Сончев град“? 18.12.2008
Административни бариери го кочат грандиозниот проект Сончев град - вреден 100 милиони евра. Општинската власт во Сопиште тврди дека ги исполнила обврските. По барање на Израелците го измениле и деталниот урбанистички план. Тоа е сторено бидејќи првичните податоци за локацијата што ги дал катастарот не се совпаѓале со оние на терен. Потоа целата процедура заглавила во централната власт. „Се што се случува околу реализација на тој проект, остана во надлежност на државата, и проблемите што се во делот на инфраструктурата па и на катастарот, мислам дека не се доследно до крај направени“, изјави Љупчо Мицковски, градоначалник на општина Сопиште. Од Министерство за транспорт во писмен допис потврдуваат дека има административни бариери. Не се наведуваат конкретни детали каде е заглавена процедурата. Сепак велат нема да се откажат од проектот. Инфраструктурата требаше да ја обезбеди државата. „Самиот план за изградба на елитната населба Сончев град, предвидување надворешната инфраструктура да биде обезбедена од страна на државата, поточно, пристапниот пат до населбата, канализацијата, струјата, гасоводот, меѓудругото и водоснабдувањето, во кое заеднички договоривме да учествува и општината“, вели Мицковски. Израелците платија 3,6 милиони евра за локацијата. Според информациите тие имаат намера да си заминат од земјава. Официјално не сакаат да ја коментираат ситуацијата.
Проблемите и недоразбирањата меѓу инвеститорите од Израел и надлежните институции во земјава завршија на Уставен суд. Израелците побараа правдата да се решава на Уставен суд со став дека податоците што на хартија ги добиле за теренот на кој треба да градат не биле реални односно биле различни од она што било на фактичка состојба на терен па така целиот проект не можел да се реализира како што бил замислен и понуден.
----------
Пропаѓа проектот Сончев град? 14.04.2010
Проектот Сончев Град паѓа и пред Уставниот суд. Урбанистичкиот план за земјиштето бил донесен во незаконска постапка. До конечната одлука, судиите забранија секакви активности на локацијата во Сопиште. „Министерството за транспорт и врски дава согласност, меѓутоа таа согласност не била во општината на ден 20-ти февруари кога е одржана седницата и кога е донесена одлуката“, вели Лилјана Ингилизова, уставен судија. Иницијативата за поништување на урбанистичкиот план пред уставните судии ја поведоа израелците, кои ја купија локацијата. Проблемот настана оти сметаат дека добиле погрешни параметри за земјиштето и поради тоа не можат да почнат со градење на елитната населба, за што веќе се спорат со државата и пред Управен суд. Политичките партии побараа одговорност од Јанакиески. „Никола Груевски има само еден можен потег, а тоа е веднаш да го смени министерот за транспорт и врски“, изјави Андреј Жерновски, ЛДП. „На оваа држава и е потребно сериозно водење, доста е веќе од детски игри“, рече Соња Мираковска, НСДП. „Општината е таа која ги носи деталните урбанистички планови, а ние ќе ја почитуваме секоја одлука на Уставниот суд“, изјави Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски. Грандиозниот проект „Сан Сити“, вреден 100 милиони евра - наместо да ја покрене градежната оператива - заглави во судските лавиринти.
---------
Проектот „Сончев град“ пред Уставен 14.04.2010
„Сончев град“ е под лупата на Уставниот суд. Урбанистичкиот план за изградба на локалитетот во општина Сопиште е донесен на не транспарентен, незаконски начин. Поради што Уставните судии денес одлучија да поведат постапка. Во меѓувреме е изречена забрана за вршење на било какви дејствија поврзани со локацијата. Советот на општината во февруари 2007 година го изгласал планот и има согласност од министерството за транспорт. Уставните судии го отворија и прашањето дали урбанистичкиот план навлегува во парк-шумата Водно. Целата постапка се смета за не транспарентна со серија незаконитости кои значат повреда на Уставот. Во следниот период Уставните судии ќе треба да ја донесат конечната одлука за овој локалитет. Инаку постапката пред Уставните судии ја поведува компанијата „Санс Сити“, односно фирмата што Израелците ја основаа и регистрираа во Македонија. Во меѓувреме се води спор и пред Управните судии, а познавачите толкуваат дека доколку Уставните судии одлучат во корист на израелската компанија, тоа ќе им користи на Израелците во спорот што се води пред Управниот суд. Инвестицијата што се најавуваше како грандиозен проект, сега е заглавена во судовите.
Неколку месеци подоцна проектот „Сончев град“ падна и пред Уставниот суд . Уставниот суд потврди дека урбанистичкиот план за овој локалитет бил направен во незаконска постапка во 2008 година.
---------
Сончев град падна и на Уставен суд 23.06.2010
Освен на терен Сончев град падна и на Уставен суд. Судиите утврдиле дека урбанистичкиот план за овој локалитет бил направен во незаконска постапка во 2008 година. Ја укинаа одлуката за донесување на урбанистичкиот план што значи дека израелците кои ја купија локацијата не можат да градат. Но интересно е што токму израелците кои го купија земјиштето на јужните падини на Водно бараа поништување на договорот пред уставните судии. Проблемот настана оти сметаат дека добиле погрешни параметри за локацијата и поради тоа неможеа да почнат со градење на елитната населба, а државата почна со одбројување на роковите. Поради ова спор поведоа и на Управен суд. Веќе се најавува и дека е можно израелците да бараат и отштета од државата. Од ресорното министерство за транспорт велат дека се уште не ја виделе одлуката на Уставниот суд но откако ќе ја добијат ќе се произнесат, но нагласуваат дека ќе ја почитуваат секоја одлука на уставните судии. Во меѓувреме општината ќе мора да ги корегира забелешките на Уставниот суд. Грандиозниот проект Сан Сити вреден 100 милиони евра наместо да ја покрене градежната оператива заглави во судските лавиринти.
---------
Освен пред Уставните судии според информациите на Фактор , Израелците правдата ја бараа и пред Управниот суд. Иако во јавноста се зборуваше дека тие ќе бараат отштета од Македонија со оглед дека институциите во земјава потврдија дека Израелците добиле неточни податоци за парцелата , сепак таква официјална информација нема . Според неофицијалните информациите на Фактор , веднаш откако Уставниот суд донесе одлука во корист на Израелците , делегација од Македонија предводена од неколку министри отпатува на средба во Израел со претставници на компанија , но нема официјален одговор што таму е договорено и како ги убедија Израелците да не ја тужат земјава. Сега останува да се види дали Израелците ќе конкурираат на новиот тендер што ќе биде објавен со променети услови и помала локација .
Редакција Фактор
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.