Драги Рашковски им одговарал на странските менаџери за владините мерки и за условите за стратешките инвеститори
Објавено во: Економија 04 Јуни, 2020
Не седнале на заедничка маса поради корона вирусот, но му ги поставиле сите значајни прашања околу новиот Закон за стратешки инвестициски проекти, како и другите битни дилеми за нивното работење, пред се околу владините мерки за помош на стопанството.
Странските инвеститори што работат во и надвор од зоните вчера имале онлајн состанок со генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. Од Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори, пред него отвориле две главни теми, а тие се, прво да добијат појаснувања околу Јавниот повик за стратешки инвестициони проекти, а се дискутирало и за владините економски мерки за поддршка на стопанството за справување со последиците од коронавирусот.
Токму од аспект на мерките, се зборувало за ефектите што тие ги дале или ќе ги дадат за стопанството, но и за тоа дека е ургентна потребата од прифаќање на предлозите и препораките од членките на Асоцијацијата за помош на компаниите.
Дел од странските компании сметаат дека владините мерки се премногу комплицирани, бирократски, но и лимитирачки за бизнисот.
За некои од учесниците на состанокот бил спорен условот дека за да користи државна помош, компанијата треба да има намалување на приходите од минимум 30 отсто, што може да биде проблематично за фирмите кои имале брз раст во претходниот период, пред да настапи корона кризата. За дел од компаниите, пак, спорно е и тоа што помошта треба да се врати доколку фирмата оствари профит, што го поставува прашањето зошто тогаш да се поминува целата процедура за да се бара државната помош.
Фактор дознава и дека некои од странските компании, кои се особено погодени од корона кризата, иако не премногу гласно, споменале и дека е можно кај нив да дојде до намалување на бројот на вработените, односно до извесни отпуштања, доколку не добијат посериозна државна поддршка во наредните месеци.
Една од жешките теми, секако, на која странските инвеститори постојно ја потсетуваат Владата, е нивното барање за усогласување на увозните царински стапки на материјалите потребни затехнолошки напредните производи, со оние кои важат во Европската унија. Или поконкретно, потребата да се намалат одредени царини.
А менаџерите на странските компании на состанокот учествувале и со цел да дознаат повеќе за влдините намери за старетшките инвестиции, во смисла, кој се ќе добие таква можност, кои се условите, какви повластувања ќе добијат оние фирми што ќе покажат желба да вложат многу пари, и слично.
Веќе е познато дека Владата неодамна објави Јавен повик за поднесување барање за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект, согласно Законот за стратешки инвестиции, кој го донесе пред неколку месеци.
Како што соопштија и од Стопанската комора на Македонија, Рашковски ги информирал странските бизнисмени дека целта на овој закон, кој е целосно усогласен со директивите на Европската унија, е поттикнување, привлекување и создавање услови за спроведување на стратешките инвестиции во земјава. Тој нагласил дека со овој закон ќе се отвори можност за голем инвестициски циклус во земјава, не само на државно, туку и на локално ниво, и сето тоа со поддршка директно од државата, бидејќи стратешкиот инвестициски проект може да користи државна помош согласно Законот за контрола на државната помош.
„Кој проект ќе биде стратешки инвестициски проект, ќе одлучува Комисија составена од девет постојани членови од Владата и министерствата, и тројца привремени членови од министерствата во чија надлежност е проектот, од општината и од регулаторно тело“, објаснил генералниот секретар на Владата.
Како што веќе е познато, за стратешки инвестициски проекти ќе се сметаат оние со кои се реализира инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територијата на земјава, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во Градот Скопје и Градот Скопје и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село. На јавниот повик ќе можат да аплицираат сите заинтересирани домашни или странски инвеститори, со проекти кои согласно условите на јавниот повик ќе се смеатат за стратешки, а повикот е отворен 365 дена во годината.
Според сознанијата на Фактор, состанокот бил коректен и Рашковски објаснил дел од отворените прашања кои постојат кај странските инвеститори.
Генералниот секретар на Владата дал објаснување дека за секој инвеститор кој би почнал еден ваков голем стратешки проект во земјава, би се носел посебен закон во Собранието, со кој би се дефинирале посебните услови, со аргументација дека тоа би придонело за поголема правна сигурност на инвеститорите.
Но, како што е познато, јавниот повик треба да заврши до крајот на јануари следната година. За дел од странските инвеститори кои работат во земјава се поставило прашањето што тие и сега можат да аплицираат на јавниот повик, но проблемот би настанал во неможноста да се донесесе посебен закон за одредена инвестиција, односно апликант, бидејки Собранието е распуштено!
Исто така, дел од инвеститорите се интересирале и зошто со
Законот се предвидува компаниите што ќе аплицираат, да треба да приложат
банкарска гаранција од три отсто од вредноста на инвестицијата. Односно, ако
како земја сакаме да ни дојдат такви мега стратешки инвеститори, за кои со овој
закон практично би се воспоставила брза лента, зошто за нив да се поставуваат
вакви услови. Одговорот бил дека гаранцијата е потребана
за да се покријат загуби за државата или општините што би настанале од евентуално нереализирање на инвестицијата.
Познато е дека во делот на државната помош што една земја им ја доделувана странските
инвеститори, постојат јасни правила во рамките на националното
и европското
законодавство, кои мора да се почитуваат, без разлика дали и во какви закони
или програми
тие ќе бидат ставени.
Поранешниот премиер Зоран Заев, лидер на СДСМ, неодамна, на едно телевизиско гостување, објасни дека со овој закон се отвора патот за пет нови, како што ги нарече, мега инвестиции од странски компании. Според него, целта на законот е да се обезбеди брза лента за странските големи инвеститори. Заев откри дека секоја од нив во земјава ќе инвестира по стотина и повеќе милиони евра, што доаѓа благодарение на членството во НАТО. „Овој закон дава брзи ленти на големите инвестиции, имаме пет - кои би вложиле 100 милиони, 140 милиони, 200 милиони, 240 и 350 милиони евра. Тоа се пет конкретни инвестиции кои се надеваме дека ќе одат по таа брза лента“, рече поранешниот премиер.
Според тој закон, предложените стратешки инвестиции, кои на предлог на Владата ќе ги усвојува Собранието, мора да бидат усогласени со стандардите за животна средина утврдени во законите на земјата.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.