Добивај вести на Viber
Регулаторната комисија за енергетика сеуште ги прави пресметките дали ќе дојде до корекција на цената на струјата. Енергетските компании во земјава, државните ЕЛЕМ и МЕПСО и австриски ЕВН веќе ги доставија трошоците.
Според информациите на Фактор единствено МЕПСО побарал зголемување на цената за пренос од 10%, но според нашите извори се очекува ваквото барање за корегирање на цената на пренос да не влијае врз цената на електричната енергија за домаќинствата. Регулаторната комисија за енергетика сеуште ги прави пресметките за тоа дали ќе дојде до намалување или зголемување на цената на струјата.
Државната ЕЛЕМ ги доставила трошоците за работењето, но нема податок дали е потребно корекција на цената на струјата, односно дали и електрани бараат поскапување. Идентично е и со дистрибутерот ЕВН Македонија и оваа компанија ги доставила пресметките со трошоци до регулаторите, но исто така без да наведе дали трошоците предизвикуваат зголемување на цената.
Според информациите на Фактор, некаде кон средината на следната недела се очекува регулаторите да ги направат и конечните пресметки за цената на електричната енергија, по што и дефинитивно ќе се знае дали се создадени услови за намалување на цената на струјата за домаќинствата или пак ќе дојде до ново поскапување. Засега, потенцираат нашите извори сеуште е тешко да се утврдат конечните пресметки.
Регулаторите ќе решаваат и за одложувањето на либерализацијата на пазарот со струја
Од Европската енергетска заедница вчера барале објаснување од македонските надлежни институции, но и од регулаторната комисија за енергетика која всушност ги поставува правилата на игра зошто се одлага либерализацијата на пазарот со струја. Регулаторната комисија за енергетика во следниов период освен со утврдување на цената на струјата, според нашите информации ќе има работа и со одлагањето на либерализацијата односно ќе мора да го подготви правилникот.
Во изјава за 24 Вести, од ЕЕЗ (Европската енергетска заедница) велат дека немаат официјална информација за одлагање на либерализацијата.
„Не сме официјално информирани.Има инфиормации само оние кои што вие ми ги обезбедивте. Ако е точно навистина, тогаш се разбира дека не сум навистина среќен, затоа што македонските власти веќе многу доцнат со роковите за либерализација на пазарот на електрична енергија“, изјави за телевизијата 24 Вести, Јанез Копач, директор на Европската енергетска заедница, додавајќи дека ова ќе било нотирано и годишниот извештај за имплементација.
„Секако ова ќе има одглас во извештајот за напредокот за Македонија, кој Европската комисија го подготвува секоја година за пристапувањето на Македонија во ЕУ, додал Копач за 24 Вести.
И.М.