Интервју со Вилма Учета Дузлевска, Главен извршен директор на Кроациа Oсигурување Живот
Дузлевска: На животното осигурување му требаат стимулации, не нови даночни оптоварувања
Објавено во: Економија, Интервјуа 12 Декември, 2018
Сериозен удар за домашните компании кои нудат животно осигурување може да предизвикаат новите законски измени кај данокот на личен данок, вели Вилма Учета Дузлевска, директор на Кроациа Осигурување Живот. Во интервју за Фактор Учета Дузлевска вели дека на животното осигурување му е потребна стимулација, а не дополнително оптоварување. Целата фела бара овој тип осигурување да не се даночи. Во спротивно, може да се очекува забавување на растот во овој сегмент на осигурувањето. Инаку животното осигурување во последните неколку години во земјава расте со двоцифрени стапки. Тоа е значајна економска придобивка за целата земја, но Учета Дузлевска предупредува дека сега е важно растот да не се забавува. Даночните измени сепак, може да бидат брана за следниот раст на оваа индустрија.
Дузлевска: По одреден период на економска и политичка неизвесност во која беше Македонија во изминатите неколку години, оваа година како сектор почувствуваме одредена стабилност која секако се рефлектираше во зголемување на вкупната премија за осигурување на живот. Веднаш да потенцирам дека на премијата за осигурување на живот големо влијание имаат макроекономските фактори. Кога тие одат во нагорна линија, и самата дејност се зголемува. Тука, пред се, мислам на растот на бруто домашниот производ, на стапката на вработеност и на личниот доход, но и на даночната политика. И кога тие покажуваат одредена стабилност тогаш секако и сегментот на животно осигурување се зголемува. За првите девет месеци од 2018 година остварена е премија од 18 милиони евра. Како досега стојат работите, очекувам дека до крајот на 2018 година ќе имаме некаде околу 27 милиони евра премија за животно осигурување, односно очекувам удел од 22 отсто на животното осигурување во вкупната премија. Би кажала дека е тоа позитивна развојна импликација за сите бидејќи и степенот на развој на една пазарна економија меѓудругото се мери и по учеството на животното осигурување во вкупната остварена премија.
За нас како компанија, 2018 година, би рекла, е историска година по остварување добри финансиски резултати.Растеме во однос на минатата година со 24 отсто, додека вкупниот пазар за осигурување живот расте со стапка од 15 отсто. Кроациа Oсигурување Живот се издигна доста над пазарот изминативе две - три години. Тоа посебно беше димензионирано оваа година кога е остварен апсолутен раст на премија дури поголем од сите останати компании на животно осигурување заедно.
Фактор: Кои се вашите идни очекувања, од што ќе биде детерминиран растот на животното осигурување?
Дузлевска: Ако ги следиме официјалните макроекономски проекции, кои се доста амбициозни, тогаш би требало да очекуваме и понатамошен раст и развој на пазарот на животно осигурување. Ова е под претпоставка да нема драстични промени во даночната регулатива. Не треба да зборавиме дека во овој сегмент се зголеми и конкуренцијата изминатата година. Сега работат вкупно пет компании за животно осигурување на пазарот и ние сме оптимисти дека ќе има понатамошно раздвижување на пазарот, зголемување на вкупната премија и продолжување на трендот на развој на овој сегмент. Животното осигурување е уникатен финансиски производ, и верувам дека полека го зазвема местото да стане клучен избор на македонските граѓани кога станува збор за обезбедување на сигурност, обезбедување на стабилност и солидна заштеда за пензиски денови.Фактор: Сепак Владата најавува даночни измени. Од следната година се менува Законот за данокот на личен доход, но најавени се измени и на Законот за данокот на добивка. Со овие измени се засегнати и полисите за животно осигурување односно вашата работа. Бевте ли консултирани, што ќе значат овие измени, како ќе ве засегнат вас, како граѓаните?
Дузлевска: Осигурителите на живот веќе десет години назад пред даночните власти се залагаат за ослободување на животно осигурување од данок и давање на еден стимулативен третман поради две причини. Едната причина е бидејќи животното осигурување во секоја нормална развиена европска земја е еден од покренувачите на вкупниот развој, а Македонија е на последното место во регионот по степен на развиеност на животно осигурување и по глава на жител и според учество во бруто домашен производ. Очекувам дека 2018 година ќе ја завршиме со степен на пенетрација од 0,2 евра по глава на жител, додека премијата која би се остварила по жител се движи околу 13 евра. Значи тоа е едно огромно заостанување зад сите во регионот, а да не зборуваме за одредени процеси кои постојат во Европската Унија. Во таа насока оди и фактот дека животното осигурување во најголем број на земји е даночно стимулирано. Поретки се случајите кога нема даночно ослободување на премијата, и претежно во земји со доста висок доход по жител. Од друга страна пак, животното осигурување е една од основите на добар економски систем во секоја развиена економија. Зошто? Тоа е финансиски производ кој има уникатна компонента на осигурување но и на заштеда и во услови на неизвесност на одредени пензиски постулати секако е солиден дополнителен извор за заштеда за пензиски денови за македонските граѓани. Просечен број на полиси за животно осигурување кој граѓанин на ЕУ ги поседува е четири, додека кај нас на 25 граѓани само еден има полиса за животно осигурување. Ова се податоци на кои мора да поработиме посериозно, бидејќи корисноста ќе ја имаат граѓаните но и Државата.
Сите слични финансиски производи, на пример, заштедата во третиот пензиски столб имаат поголеми даночни стимулации отколку што досега имаше животното осигурување. И ние како фела навистина се трудевме скоро секоја година, дали низ состаноци или разни дописи да им доловиме на даночните власти колку е осигурувањето на живот важно за националната економија и посебно за македонските граѓани.
Изминатиот месец имаме предлог промена во Законот за данокот на личен доход и на наше негативно изненадување со тој данок е погодено животното осигурување. За физичките лица при исплата стапката се зголемува од 10 на 15 проценти. Меѓутоа, позначајно зголемување е направено кај правните лица коишто покрај зголемен данок на личен доход, кој според новиот предлог ќе треба да го плаќаат уште на стартот, ослободено за две просечни бруто плати кои на истекот на полисата секако се оданочуваат, потребно е да плаќаат и данок на добивка бидејќи се уште животното осигурување се третира во даночните биланси како даночен непризнат расход. Во таква ситуација ние зборуваме безмалку за двојно оданочување кај животното осигурување и непријатно сме затекнати.
Во моментов се поставени предлог измените на Законот за данокот на добивка на јавна расправа. Она што ние како осигурители на живот го бараме е дефинитивно целосно ослободување на животното осигурување од данокот на добивка поради сите импликации кои претходно ги спомнав. Доколку тоа не се случи мора да предупредиме дека ќе имаме пад на премијата за животно осигурување, а потенцирам дека тоа е единствен сегмент од пазарот за осигурување којшто се развива во последните три четири години динамично и расте двоцифрено. Значи може да имаме пад на премија, тоа ќе допринесе до намалување на даночната база и државата ќе постигне спротивен ефект од очекуваниот. Ние како фела на овие работи мора да предупредиме. Очекувам и верувам дека даночните власти ќе имаат слух за овие наши барања. На крај на денот ние поддржуваме зголемување на даночната база, но секако не врз оние развојни сегменти кои изминативе години имаат добро движење, а сепак морам да кажам дека сме на некоја минимална база во споредба со сите други земји членки од Европската Унија кон која тежнееме.
Фактор: А во услови на продолжена политичка криза и слаб економски раст во земјава, се чини, повеќето финансиски сегменти доста беа ограничеени, освен се разбира банките. Како го толкувате растот на интересот на граѓаните за животното осигурување?
Дузлевска: Растот можам да го поврзам со голем неискористен потенцијал на пазарот. Ние како земја имаме релативно млада историја за развој на животно осигурување, мал број на граѓани се животно осигурани и тука пред се станува збор за еден голем потенцијал кој очекувам во следниот период уште подинамично да добие на значање. Она што е по мене клучно е да направиме јасно разграничување меѓу депозитно штедење во банките и животното осигурување како производ. Често знаат да не поистоветат и тоа е дефинитивно погрешно. Никако не треба да ја заборавиме компонентата на осигурување која производот за животно осигурување ја има во себе. Покрај осигурување ваквиот вид на финансиски производ обезбедува и долгорочна заштеда, меѓутоа низ целото траење на полисата за животно осигурување секако дека примарен е моментот на осигурување. Самото осигурување значи намалување на ризик и обезбедување на сигурност за некои моменти коишто се непредвидливи, а коишто можат да се случат.
Фактор: Кои продукти ги нудите вие, на што сте фокусирани во моментов?
Дузлевска: Фокусирани сме на развој на банко осигурување. Имаме успешни и стабилни соработници во овој домен, би рекла темелно посветени на овој процес и ние сме среќни од можноста да бидеме нивни партнери во процесот на осигурување на кредитокорисниците. Банките се повеќе ќе ја завземаат клучната улога во овој сегмент на успешно партнерство помеќу банка, кредитокорисник и осигурителна компанија. Тука пред се мислам на ризико производите, кои имаат само компонента на заштита, без штедење, а се исклучително погодни за кредитокорисниците. Покрај ризико проиводите, акцент ставаме и на класичното животно осигурување и во соработката со банките но и во нашата секојдневна продажба. Имајќи во предвид дека нашиот пазар е релативно млад во однос на животното осигурување сметам дека класичното животно осигурување се уште треба да има примат и засега го има водечкото место во нашето портфолио. Тоа е одлична комбинација на осигурување и долгорочна заштеда, а доколку во периодот на траење настане немил настан ја исплаќаме целата осигурена сума на корисниците, најчесто членови на потесното семејство, без разлика колку годишни рати на премија се платени кон нас како Осигурител. Секогаш препорачуваме, за мала дополнителна премија, кон ова осигурување да се додаде и дополнително осигурување од незгода, тешко болни состојби или малигни болести, и веќе зборуваме за една комплетна и сериозна заштита на Осигуреникот но и на неговото семејство.Во изминативе година – две се појавија и други видови животно осигурување на пазарот, пред се креирани да овозможат поголемо превземање на ризик од страна на осигурениците, тн. инвестиционо животно осигурување.
Фактор: Во однос на ЕУ легислативата. Македонија ќе треба да направи и некои измени во однос на законодавството иако во овој сегмент регулативата веќе се приближуваше. Кои клучни измени треба да се очекуваат со влезот во ЕУ?
Дузлевска: Во рамките на ЕУ регулативата , па и во доменот на животното осигурување спроведени се некои промени и е воведена регулатива која е наречена Солвентност 2. Ние како земја се уште работиме под регулатива Солвентност 1 која мери ниво на ризик, но претежно од аспект на квантитативна пресметка на потребниот капитал на друштвата за осигурување. Земјите членки на ЕУ веќе работат под регулативата Солвентност 2, а ние како земја аспирантка секако дека со влезот во ЕУ би требало да се прилагодиме кон новата регулатива. Кроациа Осигурување Живот нема да биде изложена на дополнителни предизвици во работењето бидејќи имаме одличен кnow how кој е пренесен од матичната компанија од Загреб. Од друга страна, ние сме дел од Групација којашто е оценета со висока капитална адекватност и како компанија ќерка сме максимално поддржани од нивна страна а тоа значи максимална поддршка во дефинирање на капиталната адекватност која новата регулатива ја бара.
Александра Томиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.