ДЗС: Mоментално имаме само еден функционален авион „Ер трактор“
Објавено во: Македонија 09 Септември, 2024
Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) сега има само еден функционален авион „Ер трактор“ од трите што ги поседува, вели директорот на ДЗС, Џеват Селами. Според него, иако пред три дена биле повикани механичари од Шпанија да ги поправат авионите, проблемите со опремата повторно се појавиле следниот ден.
„Едниот авион треба да се сервисира, а другиот го поправивме пред три дена во Прилеп, кога оперираа два авиони. Ги повикав механичарите од Шпанија, тие ги поправија авионите и истиот ден работеа, но пак се појави истиот проблем. Моментално само еден авион е во употреба, а за другиот мора да почекаме до утре да видиме дали ќе може да лета или не“, изјави Селами.
Септември почна, но пожари и натаму има во земјава. Деновиве голем пожар имаше во Мариово. Повеќе држави помогнаа за гаснење на пожарите летово.