ЕДЕН ДЕН ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ УКИНАТ КОВИД МЕРКИТЕ, НО УШТЕ НЕ Е ТОЈ ДЕН, НЕСЕРИОЗНО Е НАМЕРНОТО ЗАРАЗУВАЊЕ-епидемиологот Стојанов и д-р Стевановиќ за Фактор
Објавено во: Македонија 21 Јануари, 2022
Се очекува ли
последниот бран на ковид оваа пролет, експертите по ова прашање имаат поделени
мислења. По најавите дека од следнава недела дел од европските земји ќе ги
укинат сите антиковид мерки, научната фела вели дека можеби засега тоа ќе биде
привилегија на побогатите држави, онаму каде што има опфат на вакцинација
повеќе од 80 отсто и онаму каде што први ќе имаат пристап до надградените
вакцини против варијантата омикрон, мутација која успешно го заобиколи
имунитетот стекнат по природен пат со прележување, како и антителата создадени
по вакцинацијата.
За отсранување на маските, прогласувањето на ковид сретификатите дека се непотребни, и за укинување на останатите мерки донесени со цел спречување на понатамошното ширење на корона вирусот во Македонија е прерарано, сметаат епидемиологот Александар Стојанов и директорката на Клиниката за Инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ.
-Можеби еден ден ќе треба укинување на сите мерки кои се на сила, но како епидемиолог сметам дека уште не е тој ден. Кај нас опфатот на вакцинација е се уште мал, но за разлика од земјите во регионот Македонија се уште добро се држи во однос на епидемиолошката крива. Официјално регистрирани има околу 2.000, а неофицијалната бројка е дефинитивно поголема бидејќи луѓето сами купуваат брзи тестови и се тестираат, па сами се лекуваат ако се заразени и така. Но, во однос на соседството, нашата држава има подобра епидемиолошка состојба. Сепак, во ниту еден моментн сега не смее да се помисли на укинување на мерките. Проблемот е што тие никогаш во целост и не се почитуваа. Сигурно немаше да се доведеме во ситуација да нема слободен болнички кревет во ланскиот пролетен бран кога имаше и над 1.500 хоспитализирани ако свеста и дисциплината кај луѓето беа на навистина повисоко ниво. Освен тоа, вакцинацијата се покажа дека е навистина многу важна. Оние што се вакцинирани, а особено и оние кои ја примија бустер дозата, можеби не успејаа да не се заразат со последниов сој, со последната мутација на корона вирусот, но кај нив инфекцијата поминува за 2, 3, 5 дена најмногу. Од друга страна пак, луѓето кои уште не се вакцинирани поминуваат многу потешко, уште имаме и висока бројка на починати. Затоа, кај нас е рано инфекцијата да се смета за ендемична и не смее да дојде брзо до укинување на мерките, вели епидемиологот Стојанов.
Сосема ист став има и директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ, која во разговорот за Фактор потенцира дека е крајно несериозен пристапот со масовното и намерното заразување.
-Не мислам дека основната заштита треба да се тргне, напротив, сметам дека е неодговорно однесувањето на многу луѓе што не се придржуваат до мерките. Бројот на хоспитализирани во Клиниката за инфективни болести не е драстично зголемен како кога доминираше делта, но и сега има хоспитализации и тоа на пациенти со многу тешка клиничка слика, посебно возрасни луѓе. Инаку, клиничката слика на поголемиот дел хоспитализирани пациенти е полесна, но имаме пациенти со навистина сериозна и тешка клиничка слика. Ако имаме илјадници новозаразени, да постои и најнизок процент на оние кои треба да се хоспитализираат, болничките капацитети ќе ги исполниме. Зошто повторно да бидеме во ситуација да ги отвораме ковид центрите. Зошто да го успоруваме лекувањето на другите болни? Сметам дека е несериозен пристапот со масовно намерно заразување. Истовремено, како инфектолог сметам дека и делта варијантата се уште осцилира меѓу инфицираната популација, вели д-р Стевановиќ.
И според Светската здравствена организација премногу е рано да се размислува за укинување на мерките, иако оттаму сметаа дека кога станува збор за патувањата, ковид сертификатите не се ефикасни особено против ширењето на омикрон, па апелираат до земјите да не се потпираат единствено на овие документи.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.