07 Мај, 2024
0.0280

ЕДНА ТРЕТИНА ОД УЧЕНИЦИТЕ ЖРТВИ НА НАСИЛСТВО - говор на омраза најмногу се шири на социјалните медиуми

Објавено во: Македонија 10 Мај, 2022

Добивај вести на Viber

Речиси две третини од анкетирани ученици во средните училишта во Скопје сметаат дека има врсничко насилство во нивното училиште, а околу една третина биле жртви на некоја форма на врсничко насилство изминатата година. Ова го покажало истражувањето спроведено од Институтот за човекови права, кое било спроведено од декември 2021 до февруари 2022, при што биле анкетирани 995 ученици и 255 наставници за  темата булинг, говор на омраза и дискриминација. И учениците, и наставниците сметаат дека говорот на омраза е најраспостранет на социјалните мрежи.

Според истражувањето, мнозинството испитаници сметаат дека мал дел од булингот се пријавува, а најмногу се случува во основно училиште. Во однос на полот, девојчињата за разлика од момчињата, сметаат дека врсничкото насилство е поприсутно во нивното училиште. Учениците сметаат дека говорот на омраза најчесто го има на социјалните мрежи и во изминатата година oколу една четвртина од нив биле изложени на некоја форма на говор на омраза.

Истражувањето упатува на заклучок дека постои голема тешкотија да се зборува за личното искуство со говор на омраза од перспектива на жртва. Додека голем број ученици сметаат дека омразата е изразена преку говор во училиште е честа појава, само мал дел се спремни да зборуваат, а оттука и да пријават ако биле жртви.

Претседателка на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, изјави дека децата на различни начини се повредуваат меѓу себе – физички напади, кои може и да не се силни, но да имаат дискриминаторска намера, потоа говорните навреди за изгледот, сексуална ориентација, родовата припадност итн. Наставниците и учениците, рече таа, биле пријатно изненадени и одговарале на нивните прашања, но се неподготвени овие проблеми да ги изнесат во јавност и да пријавуваат дискриминации, булинг и други вознемирувања.

– Зачудувачки лоши резултати има за тоа што се случува во училиштата, и во основните, и во средните. Дискриминацијата е многу присутна, а социјалните мрежи имаат многу голема улога. Децата знаат да бидат неверојатно јаки во навредувањето, а од другата страна децата кои се навредувани и дискриминирани немаат големи можности за одбрана. Нивната единствена одбрана е тоа да го пријават, а прашање е каде ќе пријават и кој во моментот ќе реагира – дали наставниците или психолозите во училиштата кои се од голема важност. Сето тоа мора да биде многу поканализирано и да има поголема спремност да се преземат активности. Пошироката јавност да биде запозната и да можат и децата и родителите и наставниците да реагираат - изјави Николовска.

Според неа, во наставните програми треба да има содржини за препознавање дискриминација, што значи таа кај децата, како да се избегнува и како тие да се заштитат. Во спречување на врсничкото насилство, нагласи таа, голема улога имаат родителите, наставниците, а и самите деца да се охрабруваат да пријавуваат и да има инструменти за да се реагира.

Гордана Блажевска-Спиридонова, училишен психолог во скопската гимназија „Никола Карев“, истакна дека е важно децата да ги разликуваат формите на насилство и да препознаат дека има, на пример и емоционално и социјално насилство.

- Дека може да биде форма на насилство ако некое дете го изолираме, не го дружиме, не го викнеме на роденден, го исфрлиме од групата на социјалната мрежа што сме ја формирале и дека тоа дете може да има последици. Тие мислат дека имаат право на вакво однесување. Присутни се сите форми на вербално и психичко насилство и ги практикуваат. И ние сме средина која нормализира различни форми на насилство поради што децата ги читаат ваквите пораки и сметаат дека е тоа социјално прифатливо однесување. Единствен начин за справување е редовно да се зборува со децата дека ова е неприфатливо однесување, да се развива емпатичност/сочувствителност, која е основна бариера пред суровоста. Ако не препознаваме како некој непријатно се чувствува кога ќе му  кажеме вака или онака, тогаш ќе бидеме сурови мислејќи дека имаме право на изразување - рече Блажевска-Спиридонова.

Според заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу, за да се промени состојбата во која две третини од анкетираните средношколци потврдуваат присуство на булинг, потребна е поголема проактивност и на институционално и на лично ниво и дека битката за ваквата појава во општеството, рече, се почнува во семејството во кое детето ги учи моралните вредности.

Притоа соопшти дека се подготвува нова програма за психолошко советување на родителите на учениците и на самите ученици кои во текот на воспитно-образовниот процес покажуваат однесување несоодветно на нивната возраст, доживеале некоја форма на насилство, драстично го намалиле успехот во учењето итн.

Институтот за човекови права го реализира проектот со финансиска поддршка од Амбасадата на Германија  и во негови рамки се изготвени дигитални курсеви за наставници и за ученици за препознавање на овие негативни појави, достапни онлајн. 

Можеби ќе ве интересира

УРИВАМЕ „ЦРНИ“ РЕКОРДИ: Два македонски градови се на листата најзагадени во Европа

УРИВАМЕ „ЦРНИ“ РЕКОРДИ: Два македонски градови се на листата најзагадени во Европа

НА ДЕН ВЕЛИГДЕН, КЕДЕВ ОСВОИ УШТЕ ЕДЕН ВРВ - го „победи“ Макалу, петтиот највисок врв во светот

НА ДЕН ВЕЛИГДЕН, КЕДЕВ ОСВОИ УШТЕ ЕДЕН ВРВ - го „победи“ Макалу, петтиот највисок врв во светот

БОКИ 13 ЗАВРШИ ВО СТАНИЦА: „Замислете, ме пријавил дека сум му ја загрозил безбедноста и дека сум го демнел“

БОКИ 13 ЗАВРШИ ВО СТАНИЦА: „Замислете, ме пријавил дека сум му ја загрозил безбедноста и дека сум го демнел“

ЗАЧЕСТИЈА НАПАДИТЕ ОД МАЛОЛЕТНИЦИ - четири лица уапсени, ограбиле други малолентици, ќе следи пријава

ЗАЧЕСТИЈА НАПАДИТЕ ОД МАЛОЛЕТНИЦИ - четири лица уапсени, ограбиле други малолентици, ќе следи пријава

ДЕТАЛИ: Возач на „ауди“ од Сарај преполови автомобил во Влае, жена се бори за живот

ДЕТАЛИ: Возач на „ауди“ од Сарај преполови автомобил во Влае, жена се бори за живот

Двојно повеќе посети од Македонците во Грција

Двојно повеќе посети од Македонците во Грција

„ОВА ГО ЧУВСТВУВАМ КАКО ПРИТИСОК И ОБИД ЗА ЦЕНЗУРА“ - Боки 13 повикан во полиција во врска со пријавите за загрозување на безбедност

„ОВА ГО ЧУВСТВУВАМ КАКО ПРИТИСОК И ОБИД ЗА ЦЕНЗУРА“ - Боки 13 повикан во полиција во врска со пријавите за загрозување на безбедност

Тешка сообраќајка, затворен булеварот Партизански одреди во Влае

Тешка сообраќајка, затворен булеварот Партизански одреди во Влае

СОНЧЕВО И ТОПЛО, ПА ГРМОТЕВИЦИ: понесете чадори, во попладневните часови ќе има пороен дожд

СОНЧЕВО И ТОПЛО, ПА ГРМОТЕВИЦИ: понесете чадори, во попладневните часови ќе има пороен дожд