EФН со проект ќе ја враќа медиумската слобода во Македонија
Објавено во: Македонија 24 Септември, 2016
Медиумската слобода во Македонија е во лоша состојба. Место медиумите да се качуваат нагоре по скалата која го определува степенот на медиумска слобода тие се симнуваат.
Токму ова е констатирано на денешната средба на генералниот секретар на Европската федерација на новинари со новинарите од регионалниот центар на ЗНМ од истокот на Македонија.
Рикардо Гутиерез вели дека споредбено со балканските земји ситуацијата во Македонија во моментот е многу тешка, дуир и најлоша.
„Бев овде пред три години, кога Томислав Кежаровски беше во затвор, денеска сум овде и друг колега е во притвор и не гледам позитивно придвижување во поглед на медиумската слобода во земјата“, рече Рикардо Гутиерез.
Токму и влошената состојба е причина поради која Европската федерација на новинари започнува посебен проект во Македонија што треба помогне за подобрување на ситуацијата.
Дека состојбата е лоша потврди и последниот Извештај за медиумските содржини на Институтот за комуникациски студии.
Во него се содржани низа примери на пропагандистичко и тенденциозно известување, неосновани оркестрирани напади, фаворизирање на власта и сатанизирање на опозицијата во вестите и другите информативни содржини на јавните телевизиски сервиси МТВ1 и МТВ2, како и на приватните телевизии Сител, Канал 5 и Алфа. „Трендот на пропагандистичко известување на МТВ 1, МТВ 2, Сител, Алфа и Канал 5 во полза на власта, а особено во полза на партијата ВМРО-ДПМНЕ, продолжува. Јасно се видливи изборот на исти теми, исти цитирани извори и ист агол на обработка, така што прилозите на различни телевизии изгледаат како да се уредувани од ист центар на моќ. Продолжуваат и истите матрици на стратегиско демонизирање на СДСМ односно фаворизирање на ВМРО-ДПМНЕ, како и постојано користење на извори кои застапуваат исто гледиште.“ – се вели во извештајот. Од друга страна, кај телевизиите Телма, 24 Вести и Алсат М (македонски и албански) набљудувачите констатирале аргументирана критика кон политичките актери и кон актуелните настани. Сепак, како што стои во извештајот, нивното известување, иако пружа отпор кон дискурсот на владеачката ВМРО - ДПМНЕ што циркулира низ провладините медиуми, сепак нема моќ да создадат контра - тежа од спротивставени информации што на гледачот би му помогнале самиот да ја оформи сликата за релните настани.