Добивај вести на Viber
Купувач на 9,2% од капиталот на Топлификација во ТЕ-ТО е Балкан енерџи груп, фирма од групацијата Синтез- веќе мнозинскиот сопственик на комбинираната гасна електрана, неофицијално дознава Фактпор. Со тоа, Синтез груп ја истиснува Топлификација од ТЕ-ТО и го зголемува доминантниот капитал што досега изнесуваше 80%. Дополнителниот пакет акции Балкан енерџи груп (поточно Синтез) ги купи од НЛБ Тутунска која што претходно ги стекна како обезбедување на кредит даден на Топлификација во вредност од 48,76 милиони денари (околу 800.000 евра). Токму за таа сума и беа продадени овие 23 акции со право на глас по почетна цена од 2,12 милиони денари по акција. Фактор веќе објави дека на берзанската аукција имаше само еден заинтересиран купувач, а трансакцијата помина преку брокерската куќа Еурохаус. Промената на сопственоста официјално треба да биде објавена во среда идната недела кога ќе се изврши порамнување во Централен регистар.
Во сопственичката структура на ТЕ-ТО сега Синтез учествува со околу 90% од капиталот, а на Топлификација и останаа уште околу 10%.
ТЕ-ТО и Топлификација во клинч!
Иако комбинираната гасна централа е “чедо“ на Хаџимишев, сепак Топлификација објави дека ќе поднесе тужба против ТЕ-ТО поради неплаќање на долгот врз основа на вложувањето од 22 милиони евра, ниту пак на каматите од долгот. Овие средства Топлификација ги вложи како ко-инвеститор во компанијата за производство на топлинска и електрична енергија, при што 11,5 милиони евра од нив беа сопствени средства, а 10,5 милиони евра кредит од Комерцијална банка.
- Дел од заемите преку кои се инвестирани овие 22 милиони евра во „ТЕ-ТО АД“ достасаа за наплата во текот на 2012 година, а сите заеми достасуваат за наплата до крај на 2013 година. Во текот на 2012 година почна обврската за отплата на кредитот во висина од 10,5 милиони евра кој преку заеми „Топлификација АД“ го инвестираше во „ТЕ-ТО“. Топлификација започна и судска постапка за наплата на дел од овој долгот бидејќи „ТЕ-ТО“ за достасаните заеми не ги плаќа фактурираните камати и не ги продолжи договорите за заем. Наплатата на дел од достасаните заеми кои „Топлификација“ ги дала на „ТЕ-ТО“ е неопходна и поради обврската за враќање на кредитот кон Комерцијална Банка во висина од 10,5 милиони инвестиран преку заеми“ – стои во соопштението од Топлификација објавено на Македонската берза.
Што требаше, а што стана со ТЕ-ТО?!
Оваа електралана за производство на топлинска и електрична енергија беше најавена како значаен енергетски проект вреден 110 милиони евра. Како погонско гориво користи природен гас и може да произведува до 1,8 милиони гигават часови електрична енергија, а во грејна сезона да снабди со топлина значаен дел од потрошувачите во градот Скопје. Но, иако централа веќе две години е подготвена целосно да почне со производство на електрична и топлинска енергија, се’ уште ретко се става во функција. Официјално, бидејќи производството на гас беше поскапо, а немаше сигурен пласман на енергијата.
Х.С.