24 Ноември, 2024
0.0271

ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО МИЛЧО МАНЧЕВСКИ: Убаво ми е во моја кожа и со никого не би се менувал

Објавено во: Македонија 12 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Не знам точно што ме влече постојано да се враќам, ама не е ни важно. Доматите веќе ги снема, освен оние од старо семе, или оние во Чамо. Ме радуваат нови познанства, ама и стари слики. Секако летото, а не зимата – зимата е депресивна тука, и не само поради загадувањето, туку и поради анти-цивилизациските ретро зачадени кафе-барови, сиви улици, сиви фасади, сиви коли, маглишта... Летото е друга димензија, насмеана – вели Манчевски

Со Милчо Манчевски разговараваме непосредно пред азиската премиера на филмот „Врба“на 13 ноември во Тај Пеј, Тајван. Откако се спушти постпремиерната прашина во Скопје, Манчевски отворено и опуштено зборува за процесот на заокружување на оваа филмска приказна, за македонскиот табиет, за радоста кога се враќа дома, но и за урбанистичкото силување што му се случуваше на Скопје последниве децении.

По премиерата на која беше испратен со овации филмот „Врба“, се прикажува пред полни сали во Македонија. Кое е чувството по една голема добро завршена работа – задоволство, празнина или нешто трето? 

- Секако дека е задоволство. Убаво е кога добро ќе си ја завршиш работата и кога ќе направиш да им биде убаво и на други луѓе. Убаво е кога сме благородни едни кон други.  Би сакал тоа да го има повеќе. Мене ми беше особено мило што овој успешен проект го сработив со феноменален тим – и за време на снимањето, и за време на дистрибуцијата. Мерак е да се работи со посветени професионалци како Јане Ќортошев, Ивана Тасев, Слободан Јаќоски, Ник Пауел, Иан Прајор...И да се поставуваат нови професионални стандарди. Се радувам што кај Јане, Ивана, Цобе, Милка, а и кај повеќе други луѓе во екипата гледам и професионална зрелост и фокусирана лојалност кон проектот какви што порано немам видено кај нас. Се надевам дека ова ќе помогне барем малку да се унапреди односот кон работа кај нас. Да не биде веќе Итар Пејо професионалниот урнек. Извршниот продуцент Ник Пауел се фрли на „Врба“ со посветеност како да му беше прв проект – и тоа по скоро 50-годишна кариера со огромни успеси на глобално ниво. Од него учев како од постар брат и многу ме растажи што умре шест дена по македонската премиера. Ќе сретнеш феноменален човек – и после ќе остане дупка.


Ликот на мајката е присутен во речиси сите ваши филмови: пожртвувана, бескрајно посветена и полна љубов,ама и неврамнотежена, површна, фриволна... На кој начин профилот на мајката огледално се пресликува врз профилот на целата заедница?

- Да, има мајки во сите мои филмови, ама не е тоа намерно. Јас пишувам по интуиција и со занает, ама никогаш со агенда или со намера. Никогаш не седнав да си кажам: „E, сега ќе направам филм за мајки“ или „Сега ќе направам филм за тоа каде ни оди гласот кога веќе нѐ нема“ или „Сега ќе направам филм за обични луѓе фатени во ураганот на историјата“. Во процесот на правење на филм темите сами израснуваат од базичниот заплет и од тонот, атмосферата, на филмот. Што се однесува до односот мајка - општество, мајката е секогаш прво засолниште и треба да биде убавото лице на заедницата пред детето. Арно ама, сите ние сме само луѓе, никој не е совршен, па и мајките можат да бидат и несовршени, и себични, и монструми.



Овој филм исфрли на површина неколку врвни актерски остварувања. Која е состојката, која актерскиот потенцијал го става во полн погон? Важите ли за благ човек кој им остава целосна слобода на актерите или повеќе верувате во цврста структура и водство?

- Кај нас има одлични глумци – само треба да се одберат и да се режираат. За тоа дали важам за благ човек или строг лидер треба да ги прашате самите актери. Јас мислам дека сум исклучително благ со актерите. Ги поддржувам бескрајно, правам сѐ што можам процесот да им биде комотен и – пред сѐ – да создадат најдобри свои ролји во кариерата. Дел од таа моја поддршка е и прецизното работење – јас сум многу буден и ја слушам внимателно секоја нивна реплика. Ги слушам како музика и им кажувам кога фаќаат фалш. Ама работата почнува многу порано. Соработката почнува уште на хартија, кога се обидувам да напишам богати ликови, ликови кои се неочекувани во својата суштина, кои си имаат и маани и доблести – како и сите ние. Потоа соработката продолжува со кастингот. Јас навивам за секој глумец, и после првиот или вториот круг и јас се вклучувам директно во кастинг процесот. Се обидувам секогаш да работам со одлични кастинг директори како Ејви Кауфман, Лио Дејвис, Кери Барден или Милка Анчевска. Тие имаат почит кон глумците, и одлично ги знаат предностите на секој од нив, па соработката оди во триаголник. Откако ќе ги избереме актерите кои се најсоодветни за дадените улоги, а најважен е актерскиот занает; не е важен изгледот, почнува најважниот процес – пробите. И кај нас и во светот ретко и малку се прават актерски проби на филм, ама јас не правам филм без најмалку три недели проби. Тука се оформува ликот, се наоѓаат валерите и нијансите, ама и големите работи. Имаме можност да работиме на раат, без да ти виси на врат хистеријата на филмскиот сет. Го разбираме сценариото на начин на кој инаку нема да се развие. Добар професионалец ќе умее не само прецизно да ги открие конкретностите и длабочината на ликот, туку – што е исто толку важно – да го повтори договореното за време на снимањето, еден месец после пробите. Јас мислам дека е многу тешко да се биде глумец, дека треба многу храброст, и затоа чувствувам благодарност кон актерите што ми се предале да ги режирам. Им враќам со тоа што се однесувам заштитнички кон нив, и со многу почит.


МОИТЕ ФИЛМОВИ ГИ ПРИКАЖУВАТ НАШИНЦИТЕ ПОДОБЛЕСНИ ОТКОЛКУ ШТО СЕ


Во фонот на вашите филмски приказни е речиси опиплив тој сентимент што го имате кон Македонија, кој е амбивалентен – сета ама и ужас. Како е да се живее со толку спортивставени света во себе?

- Комплексно. Мислам дека многу работи во животот се амбивалентни, и тоа им дава богатство, ги прави интересни. Замисли да живееш во црно-бел свет на бајки или холивудски филмови. Тоа би бил ужас од здодевност. Мене ми е мило да работам во Македонија, ама убаво ми е и кога снимам во Њујорк или на Куба. Мојата радост кога се наоѓам во Македонија или кога правам уметност тука е голема и таа радост многу лесно ја надвладува тагата предизвикана од загадените градови и загадениот јавен дискурс, од пакоста и простотилакот, од возилата на тротоари...



Со оглед на целосната деградација што ни се случува што е она што ве влече толку често да се враќате тука? Летото, зимата, доматите, луѓето?

- Не знам точно, ама не е ни важно. Природата, а не општеството, хахаха. Доматите веќе ги снема, освен оние од старо семе или оние во Чамо. Секако најмногу некои луѓе, мили луѓе, луѓе што ги знам со децении, ама и нови луѓе кои сега ги запознавам. Ме радуваат нови познанства, ама и стари слики. Секако летото, а не зимата – зимата е депресивна тука, и не само поради загадувањето, туку и поради анти-цивилизациските ретро зачадени кафе-барови, сиви улици, сиви фасади, сиви коли, маглишта... Летото е друга димензија, насмеана.

Во Македонија многупати бевте креван во облаци, но и критикуван. Кое е вашето резиме на овој топло-ладно однос?

- Неважни се и пофалбите и кудењата. Не можат други луѓе – особено оние на кои од завист и пакост им доаѓа пена на уста – да бидат релевантни во твојот живот. И пофалбите и кудењата постојат поради потребите на тој што фали и на тој што куди, немам јас зошто да ги есапам. Мојот морален систем не може да го градат луѓе, кои со себе не расчистиле. Кога ќе направиш нешто што на многумина им се допаѓа и им значи, тоа често ги провоцира завидливците. Зависта е тешка болест – од неа не се умира, ама многу боли. Да не си му во кожа на завидливецот. Има некои луѓе кај нас кои очекуваат филмот да им ги реши приватните проблеми, особено ако тој филм е успешен во светот, да ги „прикаже“ на овој или на оној начин небаре тие се кралот Филип од Шпанија, а јас сум Веласкез. Уметничко дело никого не „претставува“ и не „прикажува“, уметничко дело создава своја вселена. Комплексот на инфериорност и несигурноста ги тераат тие луѓе да ги проектираат своите психолошки потреби врз еден обичен филм и да бараат филмот да работи по нивни диктат, па ако треба и да ја фалсификува стварноста од која тој филм поаѓа. Моите филмови ги прикажуваат „нашинците“ како подобри и подоблесни отколку што тие навистина се, ама нив ги интересира да бидат видени како убави и богати – работи кои мене не ме интересираат и кои се здодевни за секоја драматургија. Ако толку многу го боли што во мојот, а не неговиот, филм има магариња, можеби треба да го преиспита сопствениот однос кон магарињата. Јас се бавам со конкретен измислен човек или жена, кој во филмот се вика Александар Кирков или Анџела Џонсон или Бикин Мун Дејвис или Вера Перкова или Родна Кузмановска,, а не со географија или со нација. Правам авторски филмови, а не прилози за Си Ен Енили за партиски портали. Треба човек пакосните луѓе да ги третира како летен дожд – летниот дожд не е непријатен, туку забавен ако така му пријдеш. Морам да кажам дека ми е сега многу убаво во мојата кожа и со ништо и со никого не би се менувал.


КРИМИНАЛНИТЕ ДУПОВИ МУ НАНЕСОА ПОГОЛЕМА ШТЕТА НА ГРАДОТ ОД ПИКОЛОМИНИ И ЗЕМЈОТРЕСОТ


Како го доживувате она што последниве години му се случува на градот, конкретно на делот од градот каде што сте пораснале? Би можеле ли со неколку збора да го опишете маалото од вашето детство наспроти  ова сегашново?

- Човек не мора да израснал во Скопје или во Центар за да види дека градот е силуван последниве 20-30 години од градските и општинските власти, од државата и бизнисите, ама и од самите граѓани. Последиците ќе ги чувствуваат генерации и генерации. Штетата што му е нанесена на градот овие 2-3 децении е еднаква на Пиколомини или на земјотресот. Еве зошто - по трагедиите што ги нанеле Пиколомини и земјотресот градот можел да никне повторно, а по криминалните ДУП-ови од 90-тите години наваму градот нема да може да се опорави, оти сите глупости остануваат. Прекршени се не само сите урнеци на цивилизирано живеење - чист воздух, сонце, простор, зеленило, бучава, окупирани тротоари, улици опасни за деца, пристап на брза помош или пожарна, туку и Уставот кој ги гарантира тие права. Тоа е како за профит да си го дадеш бубрегот или едното око. Енормната пренаселеност и загадување, кои одат рака под рака, радикално го уништуваат квалитетот на живот, ама ние со главата во песок. Да имавме нормална статистика, ќе видевме колку е скратен животниот век поради лошите ДУП-ови и неприменувањето на законските и други цивилизациски норми. За влошениот квалитет на живот веројатно нема статистика, ама си го чувствуваат луѓето.


Имате ли нешто да им порачате на градските татковци?

- Би сакал на лице место да ни покажат како ќе функционира градот и општините со дополнителни десетици илјади граѓани и илјадници коли предвидени со нивните ДУП-ови и ГУП-ови. На дело да ми го покажат тоа – каде точно ќе бидат паркирани тие коли, од каде ќе доаѓа сонцето во тие станови, по кои тротоари ќе одат тие деца, како ќе пријде таа кола на брза помош кога ќе има потреба... Да ни го покажат на терен, да излезат на улица и тука да се сликаат. Не верувам дека се злонамерни, ама нив ги советуваат луѓе кои се во најдобар случај неуки, а во најлош корумпирани – и во самата администрација, и надвор од неа – а цената која ја плаќаат идните генерации е огромна. Градските татковци не ги слушаат граѓаните, туку лакомоста на градителите и на своите службеници. Ние ги плаќаме да се грижат за општо добро, а не за лично добро на поединци. Нека направат вистински анкети... На пример, мене никогаш не ми одговорија на забелешките од претходниот ДУП со што го прекршија законот, нека организираат вистински отворени дебати, нека поканат урбанисти, планери и архитекти од светот, нека се угледаат на современите трендови каде што на колите им се ограничува влез во центарот на градот, им се одземаат сообраќајни ленти, им се наплаќа за влегување во центар, а се прави сѐ за пешаци, велосипедисти и јавен транспорт, наместо да градат автопат низ центарот на градот – нешто што е размислување старо половина век кога автомобилите биле неприкосновени наместо граѓаните. Направете јавни трибини и семинари за овие важни прашања, објавете ги на прес конференции, вистински поканете визионери и паталци, дајте директен пренос на Собранискиот канал... Немојте вакви важни прашања да ги решавате под маса, во четири очи со лакомите градители или со „јавни дебати“ додека се сите на годишен одмор.

Што искрено и го посакуваш на оваа земја и луѓето во неа?

- Повеќе добрина и љубов.

Што е она што на крајот од денот му дава смисла на постоењето и ти изнудува насмевка на лицето?

- Уметност, хумор, љубов и добри луѓе.

Мимоза Петревска Георгиева


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ШИЛЕГОВ СПОДЕЛИ РАДОСНА СЕМЕЈНА ВЕСТ: Тој е горд татко на дипломката Симона Шилегова

ШИЛЕГОВ СПОДЕЛИ РАДОСНА СЕМЕЈНА ВЕСТ: Тој е горд татко на дипломката Симона Шилегова

Во Клиника Жан Митрев повторно успешно примената наградуваната метода за хирургија без рез

Во Клиника Жан Митрев повторно успешно примената наградуваната метода за хирургија без рез

МАКЕДОНСКИ АВТОБУС ЗАГЛАВИ ВО СНЕЖНИТЕ НАНОСИ ВО СРБИЈА, УДРИЛ ВО БАНКИНА: Невремето со снег направи хаос

МАКЕДОНСКИ АВТОБУС ЗАГЛАВИ ВО СНЕЖНИТЕ НАНОСИ ВО СРБИЈА, УДРИЛ ВО БАНКИНА: Невремето со снег направи хаос

ПУСТОШ ВО ДЕБАР, БИТОЛА, ШТИП, ВЕТРОТ ОТКОРНА 100-ГОДИШНИ ДРВЈА: Неделава со поларни температури

ПУСТОШ ВО ДЕБАР, БИТОЛА, ШТИП, ВЕТРОТ ОТКОРНА 100-ГОДИШНИ ДРВЈА: Неделава со поларни температури

МИЦКОСКИ: Ќе излеземе со нов предлог-проект за набавка на 100-120 електрични автобуси кои нема да бидат само за ЈСП

МИЦКОСКИ: Ќе излеземе со нов предлог-проект за набавка на 100-120 електрични автобуси кои нема да бидат само за ЈСП

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се одржа протест поради проблемите со јавниот превоз во Скопје

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се одржа протест поради проблемите со јавниот превоз во Скопје

ВЕЧЕРВА ПОЛЕСНО СЕ ДИШЕ: Куманово и Струмица се средно загадени

ВЕЧЕРВА ПОЛЕСНО СЕ ДИШЕ: Куманово и Струмица се средно загадени

ПО ШТИП, НА УДАР И БИТОЛА: Силниот ветер направи штети

ПО ШТИП, НА УДАР И БИТОЛА: Силниот ветер направи штети

ОШТЕТЕН ПОКРИВ НА УЧИЛИШТЕ И ПАДНАТИ ДРВЈА: Силен ветер направи хаос во Штип

ОШТЕТЕН ПОКРИВ НА УЧИЛИШТЕ И ПАДНАТИ ДРВЈА: Силен ветер направи хаос во Штип