ЕКСКЛУЗИВНО ЗА ФАКТОР, АКАДЕМИК КОЦАРЕВ: Во Европа достојно, не по секоја цена, апсурдно е барањето Македонците да се откажат од користењето на името
Објавено во: Македонија 09 Ноември, 2020
Бугарија веќе ги
постави трите услови кои Македонија треба да ги вклучи во преговарачката рамка,
а тоа се: добрососедските односи да
бидат критериум за членство на Македонија во ЕУ, да се користи официјалното
уставно име на државата, а не краткото, и формулацијата за јазикот наместо
„македонски јазик“ да биде „официјален јазик“ на земјата-кандидат. Во текот на
викендот, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов
предвидува дека бугарското вето за преговарачката рамка ќе претставува „ладен
туш“ за земјава, нагласувајќи дека тоа ќе ги натера властите да ги напуштат
илузиите.
-Очекувам да се свестат и да седнеме на маса и со искрен дијалог како луѓе кои имаат заедничка историја и зборуваат на истиот јазик. Очекувам да биде така. Ако не – нема проблем, ние не брзаме. Тие 28 години спореа со Грција. Ние сме подготвени за толку долг разговор, изјави Каракачанов.
Во однос на овие барања од страна на Бугарија, и во однос на оваа реторика од страна на политичкиот врв во Бугарија, Фактор побара одговори од највисоката научна институција во Македонија, односно од претседателот на Македонската Академија на науките и уметностите, Ману. Разговаравме со академик Љупчо Коцарев, кој лично смета дека треба да продолжиме во Европа, но достојно, а не по секоја цена.
-Пред неколку дена, на 28 октомври 2020, по повод Свечениот собир „Димитрија Чуповски и Македонското научно литературно другарство во Петроград“ се заложив Македонија да најде сили да излезе од состојбата во која се наоѓа дел од македонскиот народ – поделеност, разнебитеност и разочараност, со цел достојно, но не по секоја цена, да продолжиме во Европа. Според МИА, амбасадорскиот состанок на ЕУ одржан на 6 ноември 2020 во Брисел, не донесе напредок во позициите на Бугарија за усвојување на преговарачката рамка со Македонија, понатамошниот исход за започнување на преговорите за членство во ЕУ ќе зависи од билатералните разговори помеѓу Скопје и Софија. Што понатаму? Како да се водат тие разговори? За Крлежа, книгата „е единственото нешто што човекот досега го смислил како оружје во одбрана на своето човечко достоинство“. На оспорувањето на македонскиот јазик, во МАНУ, со целосна поддршка и вклученост на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик, од печат четири книги: „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“, колективна монографија во којашто е даден синтетски преглед на историскиот развој на македонскиот јазик од IX век, па сè до неговата кодификација; „Погледи за македонскиот јазик“, меѓународен зборник на трудови во којшто над 40 странски и македонски лингвисти имаат свои прилози за различни аспекти на македонскиот јазик; „Македонска хрестоматија“, избор на позначајни македонски текстови од IX до XX век; и „Лингвистички атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА)“ кој дава продлабочен увид во лексичкото богатство на македонските дијалекти, вели академик Коцарев.
Понатаму, тој појаснува
дека пред појавата на државите нации, јазиците разбрани како лингвистички
разновидности (дијалекти) имаат просторна и временска димензија, при што се
зборува за просторно-временски јазичен/дијалектен континуум. Така, за разлика
од државите нации, кои се формираат во точно определено време и имаат точно
дефиниран суверенитет на определен простор, јазичните разновидности, кои се
комплексни и адаптивни структури, се формираат во определен временски период,
во период од повеќе стотици години, многу пред формирањето на државите нации и
не познаваат граници.
-За жал во последните неколку години се случи токму спротивното: со Преспанската спогодба и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, македонскиот јазик доби точно дефинирани граници (во рамките на денешна Македонија), додека Рамковната позиција на Република Бугарија, услов за влез во ЕУ, има за цел да го определи точниот момент на сознавањето на македонската јазична разновидност (македонските дијалекти). Во споменатите четири книги, на повеќе од 1400 страници, ќе најдете доволно научни аргументи за македонскиот јазик, неговата посебност, и неговиот развој од IX век до денес. Овие книги се поставени во дигитална форма на главната страница на МАНУ и се достапни до сите. Би сакал да ја издвојам и дополнителната иницијатива на МАНУ, која е во завршна фаза, за објавување научно и современо колективно издание кое третира одредени моменти од македонската историја, кое што треба да излезе од печат во декември 2020 година. Во книгата се поместени повеќе труда од областа на историјата, историскиот дел на книжевната наука, историјата на уметноста, археологијата, класичните студии, фолклористиката и др, потенцира во нашиот разговор претседателот на МАНУ.
Во пресрет на Самит за Западен Балкан во рамки на Берлински процес кој ќе се одржи во Софија, утре, на 10.ноември, а со кој ко-претседаваат Македонија и Бугарија и која поради актуелната состојба со КОВИД-19, ќе биде организиран без физичко присуство на медиумите и поголемиот дел од предвидените гости и европски лидери ќе учествуваат онлајн, академик Коцарев вели дека токму на тој ден во светот се празнува денот на науката.
-Се чини дека, за жал, науката не учествуваше доволно во пишувањето на Спогодбата од Преспа и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. По мене, МАНУ треба, што поскоро, да иницира различни активности за научна и објективна анализа на двете и Спогодбата и Договорот. Барањето од Македонците да се откажат од користењето на името Македонија или придавката македонски (или нејзино користење само во определен временски интервал и просторен домен), на пример во: Македонска нација, Македонски јазик, Македонска Академија на Науки и Уметности, да набројам само неколку примери, е апсурдно и бесмислено. Тоа е исто како што, на пример, Германија да го оспори и државното и националното и јазичното име на својот сосед Франција, чие има потекнува од називот „Франк“, термин кој изворно означува германска народност. Или, како што пишува неодамна д-р Игор Радев, Узбекистан, Казахстан, и Азербејџан, на пример, официјално да побараат бугарскиот јазик да не се ословува како „бугарски“, затоа што „името Булгар е од туркско потекло, коешто првобитно означувало конкретна туркска народност, која говорела на еден од туркските јазици од огурската група, чијшто современ изданок како потомок на тој изворен бугарски јазик е чувашкиот јазик што денес се зборува на Волга, во Република Чувашија, која е во склоп на Руската Федерација, заклучува во разговорот за Фактор, академик Коцарев.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.