Енергетската ефикасност –прв принцип во креирањето на енергетските и климатските политики електрани: Интервју со Валентина Страделова од Министерство за економија
Објавено во: Економија 21 Јуни, 2021
Европската Унија во 2019 година во својата Зелена агенда до 2050 година го зацрта принципот - прво енергетска ефикасност. Европа, институционално стана свесна за значењето на енергетската ефикасност и ја смени парадигмата во енергетскиот систем, третирајќи ја енергетската ефикасност како „енергенс број еден’’, вели во денешното интервју, Валентина Старделова од Министерството за економија. Посочува дека ова всушност се должи на фактот што со примената на мерките за енергетска ефикасност во последната декада во Европа беа остварени заштеди на енергија кои измерени и пресметани се многу поголеми од производството на енергија од кој било енергенс.
-И не само тоа, енергетската ефикасност е ресурс кој може да најде примена во многу сектори од економијата и е „непресушен извор’’ бидејќи широк е спектарот на новите истражувања и технологии кои можат да придонесат за се поефикасни производи, процеси и услуги. Оваа политичка определба во Зелената агенда на Европа стана правно обврзувачка за земјите членки на Унијата преку Регулативата за управување во енергетската унија и климатска акција, донесена во 2018 година. Како обврска од оваа Регулатива секоја земја членка на Унијата подготви Национален План за енергија и клима до 2030 година и го нотифицираше кај Европската Комисија. Принципот-прво енергетска ефикасност е имплементиран во секој национален план. Регулативата наметна обврски за земјите членки да го применат овој принцип и во снабдувањето со енергија, како и во побарувачката на енергија. Со други зборови регулативата им наметнува обврски на снабдувачите со енергија да нудат енергетски ефикасни решенија за потрошувачите, а на потрошувачите да можат да управуваат со енергијата преку т.н смарт решенија и како одговор на побарувачката. И последно, но не помалку важно, регулативата наметнува обврска принципот-прво енергетска ефикасност да се распространи и наметне на регионално, локално ниво и кај бизнис заедницата. Со други зборови, енергетската ефикасност требa да се земе во предвид при секое енергетско планирање, при креирање на секоја енергетска политика, како и при донесување на секоја одлука за инвестирање. Тоа е патот за остварување на Зелената агенда, вели Старделова.
Соочена со огромни предизвици, особено во последните години на полето на снабдувањето и потрошувачка на енергија, Европската Унија презема низа активности и мерки со цел да го одржи сопствениот развој. Македонија на патот кон ЕУ, во оваа насока прави еден голем чекор кон т.н. зелен раст во енергетиката. Што всушност значат ваквите активности и на што конкретно работите?
Како што веќе напоменав Европската комисија ги отслика своите заложби за зелен иден раст со усвојувањето на Зелениот договор до 2050 година и Европскиот инвестиционен план. Оваа заложба, освен за земјите членки на унијата, Европската комисија ја претстави и пред земјите од западен Балкан, по што на Софискиот самит одржан во ноември 2020 година, беше потпишана Декларација со план за подршка на инвестициите во земјите од западен Балкан, меѓудругото преку зајакнување на инфраструктурата, т.н. бран за реновирање на зградите и засилени инвестиции во обновливи извори на енергија со употреба на нови технологии. Секретаријатот на Енергетската заедница, преку работните групи во кои учествуваме, спроведе соодветни чекори за запознавање со овој план на Унијата и соодветно на тоа за подготовка за прифаќање на овој нов тренд преку одржување на низа работилници и обуки за вработените во соодветните државни институции.
На домашен план, со цел да се утврди долгорочната енергетска политика на нашата земја, на предлог на Министерството за екoномија, Владата во 2019 година ја усвои Стратегијата за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година. Стратегијата обезбедува платформа за целокупната модернизација и трансформација на енергетскиот сектор во согласност со енергетските трендови на ЕУ, придонесувајќи за зголемен пристап, интеграција и достапност на енергетските услуги, намалување на локалното и на глобалното загадување, и зголемено учество на приватниот сектор, земајќи ги предвид развојниот потенцијал на Македонија и домашните специфики. За прв пат, оваа енергетската Стратегија ги интегрираше климатските аспекти од енергетскиот сектор, при тоа предлагајќи ги приоритетитеза развој, изворите и начинот за обезбедување на потребни количества енергија и енергенси, преобразбата на енергетскиот сектор, односно свртувањето кон инвестирање во енергетски објекти во кои се користат обновливи извори на енергија, како и поттикнувачки мерки за зголемување на енергетската ефикасност, се со цел реализација на иден оддржлив енергетски сектор, кој обезбедува сигурност во снабдувањето со енергија. Стратегијата се потпира на зелениот раст и нуди решенија за справување со климатските промени, особено во зеленото сценарио.
Значајно е да се напомене дека изработивме прва Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година меѓу земјите членки на Енергетската заедница, а веднаш потоа го подготвивме и Националниот план за енергија и клима до 2030 година.
Секретаријатот на Енергетска заедница со внимание го следеше развојот на овој План и се вклучи со своја експертска поддршка. Значителен придонес во изработката на овој План имаа и регионалните состаноци, работилници и настани за регионална размена на искуства организирани од ГИЗ ORF-EE, каде експертите на Секретаријатот како и националните експерти направија презентации и дискутираа за многу теми што се од голема важност за Националните планови за енергија и клима. Планот всушност ги интегрира политиките во секторот за енергетиката и индустријата од каде досега потекнуваа во најголем дел емисиите на стакленички гасови, притоа следејќи нов пристап кон одржлив зелен развој преку зголемено искористување на обновливите извори на енергија и потикнување на енергетската ефикасност, од една страна и од друга страна политиките во земјоделието и шумарството кои помагаат во намалувањето на емисиите на стакленичките гасови. Секретаријатот ја оцени работата на овој план за многу успешна имајќи предвид дека сме прва држава потписничка на Договорот за основање на заедницата која изработи ваков план и врз основа на нашиот план изготви препораки кои се однесуваат на сите земји потписнички на договорот.
Би се осврнала накратко на новите политики и мерки. Имено, Планот во димензијата за декарбонизација опфаќа мерки за обновливи изворина енергија, како што се: внимателен избор на земјиште за изградба на нови фотонапонски централи (се препорачува користење на земјиштето кое веќе било деградирано за енергетски или индустриски цели) изградба на големи хидроцентрали, поставување фотонапонски централи на кров, повластени тарифи и премии, наводнување со употреба на енергија од фотонапонски централи, соларни колекторски системи, употреба на биогоривата и развој на пазарот на биогоривата.
Накратко, планот во димензијата за енергетска ефикасност предвидува 25 мерки за да се остварат целите за енергетска ефикасност до 2030 година како што се реновирање на зградите на домаќинствата, комерцијалниот и јавниот сектор, изградба на нови енергетски ефикасни згради, изградба на пасивни згради или згради со приближно нула потрошувачка на енергија, енергетски контроли, управување со енергијата, промовирање на поголемото искористување и проширување на системите за централно греење, стимулирање на поефикасни технологии на обновливи извори на енергија со цел постепена замена на употребата на огревното дрво, зголемување на употребата на топлинските пумпи, исфрлање од употреба на сијалиците со вжарено влакно, енергетски ефикасно улично осветлување, паметни мрежи, облигациона шема за енергетска ефикасност и/или алтернативни мерки, имплементација на технички мерки за непрекинато намалување на загубите во електропреносната и електродистрибутивната мрежа како и во дистрибутивната мрежа за топлинска енергија, замена на старите возила со енергетски ефикасни возила, електрификација на патниотсообраќај, како и модален премин од патен кон железнички товарен транспорт, од автомобил кон автобус за патнички превози повеќе велосипедизам/пешачење во урбаните средини, јавни набавки со примена на енергетската ефикасност, електрификација на железничкиот транспорт, управување со енергијата во производствените процеси, обновување на вознилата во патниот и товарниот транспорт, паметни заедници и подигнување на јавната свест за придобивките од енергетската ефикасност.
За да можеме да ги следиме овие мерки изготвивме нацрт Правилник за користење на платформа за мониторинг и верификација. Всушност, со претходна успешна соработка со проектот на GIZ ORF-EEизработено е софтверско решение кое е регионално применливо и чии резултати се споредливи и кое истовремено служи за подготовка на следни планови. По текстот на Нацрт правилникот се обезбедени мислења и по нивната обработка очекуваме до крајот на јуни правилникот да биде донесен. Софтверот за користење на MVP алатката е инсталиран и со него административно ќе управува Агенцијата за енергетика.
Од исклучитална важност е граѓаните да препознаат како да трошат помалку енергија, да заштедат пари, а сепак да се чувствуваат комфорно. Што содржи правилникот за енергетска ефикасност во домувањето, дали е веќе изработен или се уште го подготвувате?
Резултатите од мерките за поддршка за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност во домаќинствата кои ги спроведува Министерството за економија покажуваат дека ѓраѓаните ги препознаа овие можности. Интересот е голем иако на пример, Министерството за економија ја спроведува мерката за поставување на сончеви колекторски системи започнувајќи од 2007 година. Интересно е да се забележи дека моделирањето и проширувањето на мерките дава значајни резултати. Имено, од 2016 година започнавме со надоместување на дел од трошоците за замена на стари прозорци и купување на печки на пелети, токму од причина што според анализираните податоци при подготовката на Третиот акционен план за енергетска ефикасност приближно 70% од зградите во државата имаа стари прозорци и воедно процентот на домаќинства кои се затоплуваат на огревно дрво беше приближно 40%. Во периодот од 2016 до 2019 година со буџетски средства беше поддржана замената на стари прозорци во износ од 5,4 мил. евра, што покрај заштедата на енергија придонесе за намалување на емисиите на CO2. На оваа мерка се надоврза и УНДП за замена на прозорците на домаќинствата во општина Аеродром. Можеме да забележиме дека овие инвеститиции ги потикнаа домашните компании од градежниот сектор и од секторот услуги, да креираат нови работнии места. Оваа година за мерката за замена на стари прозорци Министерството за економија има одобрено во Буџетот 3 милиони денари за ранливите категории и лицатасо ниски примања и 19 милиони денари за граѓаните кои не потпаѓаат во овие категории. Јавниот повик е во тек. За мерката со која се надоместува дел од трошоците купување и инсталирање на печки на пелети која Министерството за економија отпочна да ја применува во 2016 година, а имајќи ги во предвид дека повеќето граѓани се затоплуваат на огревно дрво оваа мерка беше подржана и од градот Скопје и општините Гази Баба, Аеродром, Кочани, Кавадарци и Битола. За оваа мерка во периодот 2016-2019 година се инвестирани вкупно 5,7 мил. евра буџетски средства.
Почнувајќи од 2019 година, Градот Скопје и другите општини (Аеродром, Кочани, Кавадарци, Битола) субвенционираа клима уреди инвертери. Вкупно 2103 домаќинства имаат добиено субвенции во 2019 година. Во 2020 година оваа субвенција беше достапна за домаќинствата само во градовите со најголемо загадување на воздухот во земјата, вклучувајќи ги Битола, Кичево, Тетово и Скопје. Субвенции за набавка на високо-ефикасни топлински пумпи се дадени на 5.200 домаќинства во Скопје, 2.500 домаќинства во Битола, 1.500 домаќинства во Тетово и 800 домаќинства во Кичево, во текот на 2020 година. Градот Скопје и оваа година ќе ја спроведува оваа мерка.
Оваа година во програмата предвидовме и нова мерка за поставување на фотонапонски електрани на кров кај домаќинствата за која се издвоени 8 милиони денари, при што за истата се надоместуваат трошоците во износ од 30% од вредноста на инвестицијата, но не повеќе од 60.000,00 денари. Мерката е нова, но нашата држава има голем потенцијал за искористување на сончевата енергија. Според анализите имаме потенцијал да бидат инсталирани 82 MW фотонапонски електрани до 2025 година.
Промовирањето на енергетски ефикасни технологии за домаќинствата беше подржано и преку Регионалната програма за енергетска ефикасност (РЕЕП) за Западен Балкан, која беше основана во јуни 2017 година од страна на ЕБОР, а со поддршка на Европската унија и во партнерство со Секретаријатот на енергетската заедница. Вкупниот фонд кој беше пласиран преку кредитни линии беше 85 мил. евра наменети за шесте земји (Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија). Кредитните линии се наменети за технологии, материјали и решенија за подобрување на енергетската ефикасност и се поддржани со грант до 20% од трошоците за инвестицијата. Исплатата на кредитите се врши преку четири комерцијални банки во земјата (Охридска банка, Шпаркасе банка, Прокредит банка и НЛБ банка). Според извештаите од ЕБОР, нашите граѓани имаат искористено најголем дел од средствата 35% од овие кредитни линии или 6.8 милиони евра, во ооднос на останатите земји од регионот, а претпријатијата имаат искористеност од 11.8 милиони евра или 14%. До крајот на 2020 година имаше околу 1.670 проверени проекти од сите партнерски комерцијални банки во Северна Македонија, со над 12 мил. евра реализирани. Просечната сума на кредитната линија беше околу 7.200 EUR.
Да резимираме, резултатите од собраните податоци покажуваат дека со примената на сите овие мерки кај домаќинствата се постигнати најголеми заштеди во потрошувачката на финална енергија при затоплување на становите, потоа следат заштедите во подготовка на топла вода и сосема мал дел е за ладење.
Заокружувањето на правната рамка за енергетска ефикасност го направивме на почетокот од 2020 година кога беше донесен Законот за енергетска ефикасност. Со овој закон беше отстранета и последната бариера од претходниот Закон за енергетика и тоа на пазарот на енергетски услуги, односно издавањето на сертификати за енергетски карактеристики на зграда (стан/куќа) при нивна продажба или при издавање под закуп. Секако оваа обврска не се однесува на станови кои се со површина помала од 50 m2, како и станови кои не се посетени континуирано во текот на целата година (викенд куќи, домови за рекреација и слично). Цените за издавање на сертификатите се определени со правилник кој е донесен од министерот и објавен на веб страната на министерството. Ова не е, и не треба да се смета за дополнителна обврска за граѓаните, затоа што ако купувате стан преку сертификатот за енергетски карактеристики вие знаете каква е неговата состојба во однос на потрошувачката на електрична и топлинска енергија и знаете дали ви се потребни дополнителни инвестиции во енергетска ефикасност за да го добиете комфорот кој го очекувате и да знаете колку во иднина ќе ви бидат трошоците за потрбната енергија. Истото се однесува и на новите станови кои се градат и се предмет на купопродажба. На купувачите треба да им биде даден на увид сертификатот за енергетски карактеристики на зградата, пред ставањето во употреба на зградата. Затоа законот ги обврзува инвеститорите кон барањето за издавање на одобрение за градење на нови згради или при значителна реконструкција на постојни згради, како составен дел на основниот проект да приложат потврда за усогласеност на енергетските карактеристики на зградата. И уште повеќе, одобрение за градење не може да се издаде без поднесена потврда за усогласеност. Потврдата за усогласеност ја издава носител на лиценца за вршење на енергетска контрола на згради.
Транспортот во Македонија е главно посочуван како еден од најголемите загадувачи на воздухот, пред се заради старите возила, автобуси, камиони кои во најголем дел ги користат нафтените деривати како гориво. Емисиите од фосилните горива пак се одговорни за стакленичките гасови. Како тука може да се делува за да се постигне нов зелен раст кој обезбедува здрава животна средина?
Еден од начините за да се намали загадувањето на воздухот предизвикано од употребата на фосилни горива е да се стимулира производството на биогорива и намешувањето на фосилните со биогоривата. За таа цел отпочнавме да работиме на нов Закон за биогорива. Имајќи предвид дека целите за биогоривата согласно изменетата Директива за обновливи извори на енергија се однесуваат до 2030 година, потребно е детално да се одреди индикативната траекторија за користењето на биогоривата во Акциониот план за биогорива. Директивата вели дека учеството на обновливите извори на енергија во транспортниот сектор во 2030 година за земјите членки на Унијата треба да биде минимум 14%. Според Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година се предвидува учеството на биогорива да биде околу 9%, додека останатите да се обезбедат преку учество на електричните возила во транспортниот сектор. Согласно директивата при пресметувањето на учеството на ОИЕ во транспортот не се зема предвид потрошувачката на керозинот. Ова законско решение треба да ја стимулира употребата на биогоривата. Според податоците за потрошувачката на горивата во транспортот кај нас дизелот учествува со 85% во вкупната потрошувачка на моторни горива. Во нашата држава постојат одредени капацитети за производство на биодизел, па од овие причини реална е претпоставката дека во 2022 година, на пазарот треба да биде пласиран само биодизел. Потоа се планира постепено да се воведе биоетанолот, како замена за бензинот. Процентот на воведување по години дополнително треба да се утврди врз основа на детална анализа за ефектите и начинот на спроведување. Едно е сигурно, дека до 2024 година речиси целото домашно производство на биодизел може да се обезбеди од производните капацитети во државата, додека по 2024 година ќе треба да се градат нови капацитети или да се увезува. Затоа, по детална анализа која во моментот се подготвува, очекуваме дека со законот ќе биде предложено решение кое ќе ја промовира и финансиски ќе ја поддржи изградбата на нови капацитети за производство на биогорива, намешувањето и употребата на биогоривата, како чисто гориво во транспортот.
Резултатите од подготвените извештаи покажуваат дека се уште е мал бројот на нови хибридни возила кои се купуваат, од причина што сеуште нема ефективни мерки за поддршка, иако во изминатиот прериод имаше иницијативи за буџетска поддршка, но не беа усвоени.
Во однос на обврските на јавните институции за набавка на возила со ниски емисии на СО2, побаравме подетална анализа од тимот на Светска банка која треба да се изработи во наредниот период и која треба да го покаже најсоодветниот пристап за реализација, потребните финансиски средства и начинот на нивно обезбедување за јавниот сектор.
Мерките кои вклучуваат спроведување на кампањи, како и обезбедување на субвенции на нови или изнајмени велосипеди, тротинети, промовирање на пешачење и воведување на политики за паркирање што ги спроведуваат повеќе општини исто така имаат за цел да се намали употребата на автомобили во градското подрачје. Повеќето општини во своите Програми за енергетска ефикасност имаат зацртано посебни програми и во изминатиот период најактивни беа следните општини:Град Скопје, Центар, Карпош, Аеродром, Чаир, Неготино, Битола и Кавадарци.
Во однос на обврските на јавните институции за набавка на возила со ниски емисии на СО2, побаравме подетална анализа од тимот на Светска банка која треба да се изработи во наредниот период и која треба да го покаже најсоодветниот пристап за реализација, потребните финансиски средства и начинот на нивно обезбедување за јавниот сектор.
Мерките кои вклучуваат спроведување на кампањи, како и обезбедување на субвенции на нови или изнајмени велосипеди, тротинети, промовирање на пешачење и воведување на политики за паркирање што ги спроведуваат повеќе општини исто така имаат за цел да се намали употребата на автомобили во градското подрачје. Повеќето општини во своите Програми за енергетска ефикасност имаат зацртано посебни програми и во изминатиот период најактивни беа следните општини: Град Скопје, Центар, Карпош, Аеродром, Чаир, Неготино, Битола и Кавадарци.
Освен транспортот, кој сектор според вас би бил на приоритетната листа каде што треба да се имплементираат мерки и активности од областа на енергетската ефикасност со цел обезбедување чиста животна средина и како тоа може да се постигне?
За секторот индустрија, Законот за енергетска ефикасност за прв пат воведува нов вид енергетски услуги - енергетски контроли кај големите компании- кои можат да ги применат сите компании кои имаат интерес да ја намалат потрошувачката на енергија и истовремено да ги применат еколошките стандарди во своето работење. Целта е компаниите да можат да направат проценка и да ја согледаат исплатливоста на можностите за намалување на потрошувачката на енергија во зградите, придружните (помошните) постројки, опремата и индустриските процеси; да утврдат колку заштеди ќе бидат остварени заштеди како резултат од примената на мерките и да ги намалатемисиите на стакленички гасови. Ова решение од законот е правно обврзувачко за големите трговци, тоа се претпријатија со над 250 вработени и со приходи над 10 милиони евра, годишно. Големите тровци имаат можност да изберат како ќе го применат ова решение. Всушност, тие можат да ангажираат лице кое ќе подготви енергетска контрола на производниот процес или да го применат ISO 50001 стандардот. Овој стандард ги дефинира барањата на системот за управување со енергија за една организација, со чија помош се овозможува постојано подобрување на енергетските перформанси, вклучително и енергетската ефикасност, употребата и потрошувачката на енергија. Процесот на имплементација и одржување на систем за управување со енергија, според ISO 50001 стандардот вклучува развој на самиот систем, внатрешна и надворешна контрола и сертификација.
Малите и средни претпријатија не се обврзани со законот, но Агенцијата за енергетика има задача да го промовира овој начин за економско управување со енергијата кој треба истовремено да понуди финансиски можности за остварување на овие цели.
Во изминатиот период преку проектот на UNIDO –REC, проектната канцеларија во Скопје, беа спроведени низа активности за обуки на експерти преку овој проект. Првичните резултати беа постигнати во 12 компании и дополнително Програмата за управување со енергија според стандардот беше реализирана во 5 компании. Истовремено беa спроведени обуки на технички лица кои се стекнаа со сертификати за енергетски менаџер.
Ова законско решение нуди можности и на пазарот на трудот, односно лицата од техничките струки треба да посетат обуки според Програма која треба да ја донесе Агенцијата за енергетика и потоа да положат испит за енергетски контролор за да можат да ја вршат дејноста. За да се допрецизираат деталите во врска со спроведувањето на овој вид енергетски услуги имаме обезбедено експертска помош од UNIDO–REC и од UNOPS и очекуваме до крајот на овој месец да отпочнеме со работа на овој правилник.
Секторот јавни згради е исто така голем приоритет. Фокусирани сме на ова подрачје со низа активности бидејќи истиот има голем потенцијал во раздвижување на економските процеси. Согласно законот во кој е транспонирана Директивата за енергетска ефикасност имаме обврска за реконструирање на најмалку 1% од вкупната површината на зградите (со корисна подна површина од најмалку 250 м2) на годишно ниво. Оваа обврска се однесува на зградите кои ги користат или се во сопственост на органите на централната власт. Работиме на повеќе активности поврзани со енергетската ефикасност на јавните згради. По сеопжено собирање на информации, како раководител на секторот за енергетика идентификував дека не постои единствена база на податоци за јавните згради (Инвентар) која би ги вклучила нивните енергетски карактеристики, во однос на потрошувачка на електрична и топлинска енергија. Всушност, моја проценка е дека се додека не се подготви инвентарот нема да имаме податоци кои згради се во најлоша состојба во однос на енергетските карактеристики и треба веднаш да се пристапи кон нивна реконструкција. Согледавме дека Инвентарот треба да има можност за прегледување и селектирање и со тоа ќе биде дадена добра основа за планирање и развивање на нови мерки и проекти кај зградите на јавните институции. Ова е сеопжена активност која треба да опфати детекција на вкупниот фонд на згради на јавните институции, теренски активности со цел попишување на состојбата на зградите и оформување на базата на податоци. Оваа активност планираме да ја спроведеме преку ИПА 2, каде на располагање има обезбедено 1 милион ева.
И не помалку важно отпочнавме со изработка на Типологија на згради во резиденцијалниот сектор, со користење на методологијата ТАБУЛА. На овој начин ќе се обезбеди целосен увид во реалната состојба и типот на колективните и индивидуалните згради во резиденцијалниот сектор. Типологијата за згради ќе претставува појдовна основа за изработка на Стратегијата за реконструкција на згради за домување, јавни и комерцијални згради која согласно Законот за енергетска ефикасност е предвидено да биде донесена најдоцна во рок од две години од влегувањето во сила на законот. Типологијата се подготвува во рамките на проектот Комерцијализација на иновативни процеси за унапредување на енергетската ефикасност во секторот домување базирани на типологија за енергетска проценка на станбените згради во МК според метода ТАБУЛА предводен од ХАБИТАТ и кој воедно е подржан од Фондот за технолошки иновации и развој.
Покрај овие активности, финансиските механизми кои ќе бидат понудени се особено значаен фактор за стимулација на нови инвестиции во проектите за енерегетска ефикасност. Како што веќе напоменав досега финансиската подршка за мерки за енергетска ефикасност потекнува од средства од буџетот или од меѓународните финансиски институции. Потребно е револвинг решение кое ќе овозможи континуиран начин на финансирање на нови проекти за енергетска ефикасност. Основањето на ваков фонд е клучен предизвик за остваруварувањето на политиките во Енергетската стратегија, бидејќи на долг рок, инвестициите во подобрувања со мерки за енергетската ефикасност придонесуваат и кон економска и финансиска одржливост. Министерството за економија е еден од корисниците на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, поддржан со заем од Светска банка и тоа во делот кој се однесува на создавање на правна рамка за основање на револвинг Фонд за енергетска ефикасност. Во овој проект треба да се изготви законско решение со кое и развој ќе се формира Фондот за енергетска ефикасност.
Можеме ли да говориме дека во Македонија постои интерес и свест за придобивките од областа на енергетската ефикасност или сепак се потребни кампањи и на ова поле за подигнување на свеста за да се укаже дека крајната цел на сето ова е всушност создавање зелено општество?
Интерес има и тој е се поголем, како кај граѓаните така и кај јавните институции. Ќе започнам од јавните институции. Мошне често ме контактираат колеги од државни претпријатија, институти, факултети, општини и сл. Прашањето е дали имаме субвенциии за државните инстититуции. Одговорот не е едноставен. Енергетската ефикасност бара знаење за да се примени. Одговорот вообичаено е, направете енергетска контола ако имате постоечка зграда на која е евидентно дека и треба реконструкција. Извештајот од енергетската контрола ќе ви покаже што треба да направите за да ја намалите потрошувачката на енергија и колку ќе ве чини тоа. Но и кога ќе ја направите енергетската контрола ви треба проект за реконструкција и ви требаат финансии. Сето ова погоре може да биде апликативно и за граѓаните.
Со Европскиот инвестиционен план, како што споменав има можност да се искористат многу средства за зградите на јавните институции, но треба за овој процес да се подготват и вработените. Јас верувам дека Европската Комисија го има препознаено овој момент и дека ќе ни овозможи обуки за вработените во јавните институции за креирање на тендерска документација за реконструкции на зградите на јавните институции, бидејќи во овој сектор има навистина голем потенцијал за спроведување на мерки за енергетска ефикасност, кои ќе донесат бенефит на повеќе нивоа.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.