Добивај вести на Viber
Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган ги поздрави денеска воздушните напади што ги спроведува коалицијата предводена од САД врз цели на Исламската држава во Сирија.
Тој најави дека Анкара би можела да даде воена и логистичка поддршка за кампањата.
„Гледам ан воздушните напади на позитивен начин. Ќе биде погрешно амко престанат. Треба да се продолжи по овој пат“, рече Ердоган во Њујорк. На прашањето како Турција е подготвена да придонесе за операцијата тој нагласи дека подразбира „секаков вид поддршка, вклучително воена и политичка“.
Американскиот државен секретар Џон Кери вели дека Турција ветила оти ќе учествува во коалицијата предводена од САД против милитантните исламисти, откако беа ослободени турските заложници што тие ги држеа.
„Турција е важен дел од оваа коалиција и Турција ќе биде многу ангажирана на линиите на фронтот во овие напори“, рече Кери, кој се сретна со Ердоган во Њујорк. Тој нагласи дека Турција во почетокот била соочена со предизвик, имајќи ги на ум заложниците, но сега кога тоа е решено, „подготвена е да спроведе дополнителни напори за успехот на операцијата да биде загарантиран“.
И британскиот премиер Дејвид Камерон се очекува утре да соопшти дека Велика Британија е подготвена да се придружи на воените напади врз Исламската држава.
Ставот на официјален Лондон по ова прашање се очекува Камерон да го објави во своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Според најавите, тој во говорот се очекува да го повика светот да се обедини за уништување на џихадистичката организација Исламска држава.