Еве како може да знаете дали 600-те производи од „новогодишната кошничка“ ќе бидат навистина намалени
Објавено во: Економија 07 Декември, 2024
Повеќе од 600 производи во малопродажбата, според џенталменскиот договор што Владата го постигна начелно со маркетите, треба да бидат за десет отсто поевтини од најниската нивна цена во периодот од 15 ноември до 15 декември.
Ова е формулата по која ќе се пресметува цената на производите кои ќе се најдат во „новогодишната кошничка“. Ова ќе се води како промоција, па според тоа пазарните инспектори ќе имаат право да ги следат цените на производите кои ќе се најдат во кошницата.
Досега се 713, а се очекува да надмине 800 производи кои ќе добијат пониски цени за 10 проценти, изјави во Прилеп заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески. Според него, на една недела пред примената на мерката се пријавени 63 компании. Примената на мерката за новогодишната кошничка инаку, ќе почне на 15 декември и ќе трае до 15 јануари со сите производи кои му се потребни и ќе ги користи семејството за празниците, а до секој производ ќе стои назнаката „помалку трошоци, повеќе за тебе“, но и претходната, како и цената опфатена со намалувањето.
Граѓаните се скептични околу претстојната новогодишна кошница, дел поради, како што велат, отсуството на ефекти од претходната есенска потрошувачка кошничка и отсуство на механизми за контрола и заштита кога станува збор за трговците и начинот на формирање на цени.
Во кошницата ќе се најдат основните прехранбени производи, леб и житарици, пекарски производи, месо и преработка од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни и алкохолни пијалаци. Листата на производи и маркети каде ќе се продаваат е објавена на веб страната (www.mojakosnica.mk) мојакошница.мк.