Уште 7,5 милиони евра за „Бехтел и Енка“, изградбата на автопатите уште не е почната
Објавено во: Економија 26 Декември, 2024
Министерството за транспорт пред две недели на јавното претпријатие „Државни патишта“ му префрлило уште 7,5 милиони евра за конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој со специјален закон е одбран да ги гради автопатските делници Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола.
Претходно за американско-турскиот оператор на крајот на ноември беа исплатени 21 милиони евра, што беше прва трансакција за оваа година од државниот буџет за проектот Коридор 8 и Коридор 10Д.
Во последниот месечен извештај на „Бехтел и Енка“, поднесен на почетокот на декември до ЈП „Државни патишта“ како инвеститор, се наведува дека и во текот на октомври не е започнато трасирањето и асфалтирањето.
Министерот за транспорт Александар Николоски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски и амбасадорката на САД, Ангела Агелер, во текот на минатите два месециизвршија обиколка на градежните активности за изгрaдба на автопатот Гостивар-Букојчани и Прилеп - Битола. Беше констатирано дека засега американско-турскиот изведувач работи единствено на експропријацијата и на расчистување на теренот, но дека овој проект останува приоритет за напредокот на економијата.
Владата со одлука пред два месеци паралелно со ребалансот на буџетот ги скрати парите за оваа година за „Бехтел и Енка“ од предвидените 250 милиони на само 67 милиони евра. Толку пари треба да добие Јавното претпријатие „Државни патишта“ како инвеститор до крајот на годината, а засега, иако се ближи крајот на годината, се вкупно помалку од 30 милиони евра.
Во месечниот отчет на „Бехтел и Енка“ е напишано дека засега се вршат единствено геодетски мерења, проектирање, испитување на почвата и експропријација. Се работи на дизајнирање на автопатиштата, на отстранување на неексплодирани гранати и се внимава да не се оштети постоечката комунална, енергетска и комуникациска инфраструктура.
Како што пишува во извештајот, се конструираат помошни придружни објекти, се обезбедува потребна документација и градежни материјали. Ангажирани биле вкупно 1.455 работници, заедно со оние на партнерите, а бил исфрлен над 700.000 метри квадратни горен слој на несоодветно земјиште.
А.К.