25 Ноември, 2024
0.0292

ФАКТОР ОД РЕПУБЛИКАТА: Како Куманово се справува со коронавирусот?

Објавено во: Македонија, Корона Вирус 23 Декември, 2020

Добивај вести на Viber

Кумановка на возраст од 57 години беше прва жртва на коронавирусот во земјава. Почина кон крајот на март. Овој податок изненади, затоа што претходно се знаеше дека заразени има во Скопје и Дебар. Денес во градот на Батко Ѓорѓија, тумбата и трите бандери, луѓето го живеат „новото нормално“. Паниката спласна, но околностите бараат поголема дисциплина.

Телефоните се вжештени и ден денес во институциите иако поминаа повеќе месеци од почетокот на епидемијата. 

Епидемиологот Јадранка Стаменковска од Центарот за јавно здравје Куманово вели дека дневно добиваат повеќе од 50 повици од граѓани кои прашуваат за симптомите, тестирањата, изолацијата. Поради епидемијата oбјаснува дека имаат обврски 24/7. Стаменковска очекува дека во зимските месеци ќе имаат уште повеќе активности.


„Нашите обврски продолжуваат и вон работното време. Значи започнува со следење на бројот на заболени, следење на пријавени заболени, нивните контакти, активно пребарување на контакти, анкетирање, епидемиолошко испитување во однос на барање на кластерите, поврзаноста на случаите, и дали навремено се преземени мерките, како од самите институции, така и во однос на самите лица коишто се заболени и нивните семејства. Се разликуваа обврските, затоа што во еден период кога ние активно учествуваме кога имавме најголем број на заболени дури 40-тина во тек на еден ден. Во месец мај ни се намали бројот на заболени, тогаш се следеше состојбата меѓутоа континуирано, секојдневно имаме веќе двоцифрен број по 20, 18, 17 случаи“, вели Стаменковска.

Епидемиолозите ја интензивираа соработката со училиштата и градинките во интерес на јавното здравје. Во Куманово пункот за земање на брисеви работи со полн капацитет.

„Имаме во просек дневно по 30-тина преку Мој термин и ние од страна на епидемиолозите во зависност од епидемиолошката состојба земаме и брисеви по епидемиолошка индикација. Секојдевно тие брисеви се земаат, се спремаат, значи нема ден во овие 6 месеци дневно, ги носиме во Институтот за јавно здравје, каде што се врши анализа на брисевите и ги добиваме од таму резултатите. Секојдневно по електронски пат ги анализираме тие брисеви, ги информираме граѓаните за резултатот дали се тие позитивни или негативни и врз база на тоа се анектираат, се внесува во евиденција и истите се проследуваат како до Државниот и санитарен инспекторат така и до Институтот за јавно здравје и до ФЗО “, додава Стаменковска.

Центарот за јавно здравје Куманово има 4 епидемиолози, од кои два ги покриваат Куманово, Липково и Старо Нагоричане, еден има во Кратово, и еден во Крива Паланка.

Директорот на Центарот за јавно здравје Куманово, Ариф Љатифи објаснува дека во изминатиот период состојбата налагала да се работи и за време на викенди, и празници. Тој вели дека простор за скептичност нема, и ги повика граѓаните да бидат многу внимателни, ако сакаме што побрзо да се извлечеме од оваа криза.

„Постои вирусот, може да им наштети на нивното здравје, може да ги убие. Да се носат маски задолжително. Физичка дистанца да има меѓу луѓето и да ги мијат што почесто рацете. Да бидеме посвесни, и со тоа ние ќе го чуваме нашето здравје и здравјето на нашите најмили. Јас мислам дека ако сите се чуваме, да сметаме дека ќе го совладаме овој невидлив непријател“, рече Љатифи.

Имуни на вирусот не останаа ниту дел од здравствените работници, но до средината на октомври, сите кои се заразиле, се избориле со вирусот и се вратиле на работа, велат нашите соговорници од двете здравствени установи.

Фарук Алили, директор на Здравствениот дом во Куманово објаснува дека пролетта беше најтешка за нив. Во тој период имаат најмногу транспортирани заразени пациенти во Скопје. Вкупно превезле 640 заразени пациенти, а најмногу или дури 192 од нив се транспортирани во главниот град во месец април. За споредба во март се превезени само 18 заразени пациенти.

„Почетокот беше тежок за сите нас, и како институција и како луѓе. Меѓутоа со тек на време почнавме да се навикнуваме на тоа и да ги преземаме сите потребни чекори. Значи најважно е прво медицинскиот кадар да биде опремен со маски, со ракавици, со скафандери и цела друга потребна опрема за не дојде до контакт со вирусот. Ако ни се инфицира голем број од медицинскиот кадар, тогаш ќе останеме и без да има кој да ги опслужи пациентите. Бевме одговорни и уште сме за транспорт на пациенти, за Куманово, цел град, Липково, Старо Нагоричане, имаше случаи и од Крива Паланка и од Кратово. Во врска со тоа дали сме опремени, Министерство за здравство ни помогна со ново комбе“, вели Алили.

Добиле 5.000 заштитни маски од Министерството за здравство, но имале донации од Црвен Крст, и приватни компании. Месечно персоналот има потреба од 2.000 маски.

На удар беше и економијата, посебно чевларскиот сектор, поради затворањето на Италија, која е важен пазар, но и поради наставата онлајн, со што се купуваат помалку обувки. Од 50 регистрирани фирми во Куманово од овој сектор, третина се во мирување. Многу работници останаа без работа. Оние кои имаат долги години работен стаж, ќе добиваат надомест од државата, но тоа е само една мала утеха во оваа ситуација, колку да преживеат.

„Државата има нов пакет на мерки, но меѓутоа овој четврт пакет на мерки за нашата индустрија има една клаузула којашто не одговара, да се задржи број на вработени 6 месеци после истек на државната помош е невозможно, бидејќи се најавува голема криза, декември, јануари. Ние, нашите договори за работа се сезона од сезона. Доколку оваа роба којашто е направена во летните периоди не се продаде во зимските периоди, ние значи следната година немаме работа. Доколку дојде до затварање на молови, продавници во декември, јануари како што се очекува, за нас следната година ќе биде катастрофа. Ние реагиравме, се надевам дека власта ќе има слух дека најпогодно, за да можат да опстанат оние компании коишто сега се соочуваат со проблеми, со намалена работа, меѓутоа сепак ги задржале вработени, да биде барем до 31 март. Доколку биде до 31 март, ние можеме да аплицираме и да ја добиеме таа помош“, изјави Лидија Милановска, претседател на Здружението на чевлари.

Повеќето граѓани на Куманово ги почитуваат мерките, но има и мал дел кои се скептични и мислат дека вирусот не постои.

Сања Атанасовска

Овие содржини се поддржани од Google News Initiative Journalism Emergency Relief Fund

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

За бугарскиот премиер прашањето за уставните измени е веќе затворена работа

За бугарскиот премиер прашањето за уставните измени е веќе затворена работа

Николоски: Диви плажи функционираат во Струга, до кога ќе се толерира Мерко?

Николоски: Диви плажи функционираат во Струга, до кога ќе се толерира Мерко?

Просториите на Адвокатска комора насилно запалени, се бара брзо пронаоѓање на сторителот

Просториите на Адвокатска комора насилно запалени, се бара брзо пронаоѓање на сторителот

Финансиска полиција го истражува поранешниот министер за култура Исмаили

Финансиска полиција го истражува поранешниот министер за култура Исмаили

Тепачка во Итна медицинска помош Гевгелија

Тепачка во Итна медицинска помош Гевгелија

Вицепремиерот Фетаи: Државата лани замрзнала сомнителен имот од само 1,8 милиони евра

Вицепремиерот Фетаи: Државата лани замрзнала сомнителен имот од само 1,8 милиони евра

По контроверзните помилувања, Силјановска Давкова објави нов комисиски состав

По контроверзните помилувања, Силјановска Давкова објави нов комисиски состав

Утре ќе бидат претставени шестте еколошки автобуси на ЈСП, донација од ЕУ

Утре ќе бидат претставени шестте еколошки автобуси на ЈСП, донација од ЕУ

„ЗА 176 ПРОЦЕНТИ Е ЗГОЛЕМЕНО НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ“: Мојсоска најави - Левица ќе поднесе измена на Кривичниот законик

„ЗА 176 ПРОЦЕНТИ Е ЗГОЛЕМЕНО НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ“: Мојсоска најави - Левица ќе поднесе измена на Кривичниот законик