Филипче: Комисијата за заразни болести смета дека е огромен ризик aко училиштата целосно се отворат
Објавено во: Македонија, Корона Вирус 12 Август, 2020
„Комисијата за заразни болести смета дека е огромен ризик по здравјето и на учениците и за нивните родители и за вработените на училиштата, доколку училиштата целосно се отворат и да функционираат започнувајќи на почетокот на септември. Видовме многу примери во многу различни земји во светот кога после отворањето на училиштата, заради очигледно неминовното зголемување на бројот на заразени, делумно или целосно училиштата се повторно затворени. Очигледно дека такво сценарио е можно и кај нас, доколку целосно се отворат училиштата. Свесни сме дека ова е еден голем предизвик, дека нема идеално решение, ја следиме и дебатата во јавноста, секоја од групите има некои свои аргументи, меѓутоа ние како Министерство за здравство ставаме апсолутно приоритет на заштитата на здравјето на граѓаните, вклучително и на децата коишто треба да тргнат на училиште“, потенцираше министерот Филипче.
На прашањето дали се очекува овие денови да се најде компромис или ќе се чека да се формира Владата и да се има собрание за да се направат законски измени, министерот Филипче истакна дека според сознанијата, согледувањата и анализите коишто се правени од страна на МОН, и доставените протоколи врз основа на кои училиштата би требало да функционираат, станува збор за сложен процес.
„Сведоци сме дека и сега протоколи има за многу економски оператори и компании, меѓутоа тие не се почитуваат и едноставно таму каде што не се почитуваат протоколите може да биде потенцијален извор на зараза. Има многу сегменти во целокупниот образовен процес. Функционирањето во училиштата, заедничките простории, заедничките тоалети, одморите во коишто интеракцијата помеѓу децата и покрај тоа што би биле присутни во помал број според предложениот модел во училниците е своевиден ризик за трансмисија на вирусот“, рече Филипче.
Тој посочи дека добро се менаџира здравствениот систем во смисла на слободни болнички кревети, а бројот на пациенти континуирано постепено се намалува, кога се споредува со минатите недели. Континуирано паѓа и бројот на хоспитализирани пациенти.
„Децата имаат многу лесна форма на болеста. Имаме предвидени капацитети во болницата во Козле. Иако и сега таму се лечат и возрасни пациенти и по потреба има капациетети и на педијатриската клиника. Не се само децата во ризик, туку и нивните родители. Поради тоа што децата се практично најголеми трансмитери, меѓутоа може да заболат и нивните родители. Во таа смисла се нашите насоки сепак да се стави акцент на онлајн наставата, секако со исклучоци кои треба да се дефинираат во текот на утрешниот ден“, информираше Филипче.
Министерот Филипче истакна дека мора да се заштити јавното здравје, а во исто време мора да се обезбеди функционален едукативен процес многу важен за развојот на детето.
„Пред нас се есенски месеци. Есен која што не знаеме каква ќе биде. Ниту една земја во светот не знае што може да очекува. Епидемијата нема да трае вечно, затоа апелирам сите да бидат трпеливи. И ова ќе помине. Се може да се надокнади освен здравјето“, посочи Филипче.
Протоколите за работа на градинките се изготвени уште пред неколку месеци, меѓутоа сега се ажурира бројка на новозапишани деца во градинка или тие што треба да тргнат училиште. И врз основа на таа анализа, имајќи го во предвид дека протоколот предвидува дали има помал број на деца во групите во градинка ќе се направи и соодветна одлука. Согласно можноста како би се спровело функционирањето на градинките. Засега нема одлука за отворање на градинките и тоа е нешто што треба во детали да се разработи.
„Во ниту еден момент, ниту една одлука на Комисијата за заразни болести не била политичка. Имаше спроведен и изборен процес, други одлуки коишто се носеа. Меѓутоа, секогаш Комисијата носеше одлука врз основа на епидемиолошката ситуација, медицината како наука и епидемиологијата. Така ќе биде и сега“, рече Филипче.Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1.627 тестирања, а регистрирани се 139 нови случаи на ковид-19 во: Скопје-30, Куманово-20, Дебар-2, Штип-15, Прилеп-1, Тетово-6, Струга-8, Битола-2, Охрид-3, Кавадарци-8, Гостивар-19, Гевгелија-1, Струмица-2, Кочани-5, Демир Хисар-2, Македонски Брод-3, Берово-1, Делчево-1, Свети Николе-6, Кичево-4.
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 239 оздравени пациенти од: Скопје-132, Куманово-22, Дебар-8, Штип-14, Прилеп-4, Тетово-6, Велес-1, Битола-7, Кавадарци-3, Гостивар-2, Кочани-3, Демир Хисар-4, Делчево-3, Свети Николе-23, Кичево-6, Неготино-1.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.