Филипче се сретна со трите медицински сестри од Инфективно, ќе ги убедува да останат
Објавено во: Македонија 30 Септември, 2020
Венко Филипче, министерот за здравство, на Фејсбук објави фотографија со трите медицински сестри, меѓу кои и главната на Клиниката за инфективни болести, и објави дека ќе ги убедува да останат на работа. Тие побараа отказен рок откако се пожалија дека наишле на недостоинствен однос во центарот каде што се води најголемата борба со Ковид-19.
„Утрово се сретнав со колешките Зорица, Силвана и Дивна, медицински сестри од Инфективната Клиника. Тие изминативе седум месеци се на првата линија во борбата со пандемијата. За нивната посветеност и неуморна работа им изразив огромна благодарност. Кога се работи во такви тешки услови со многу стрес и замор, разбирливо е да дојде до потреба за промена за што целосно ги разбирам. Сепак, утрово ги поканив на разговор и разговаравме да останат на Клиниката каде нивната работа неизмерно се вреднува. Се договоривме после заслужениот одмор кој го земаа повторно да разговараме и да најдеме начин да продолжиме заедно во битката со Ковид на Инфективната Клиника. Секој човек во здравството е важен и ќе направам се за да ги мотивирам здравствените работници“, објави Филипче.
Главната медицинска сестра и уште две нејзини колешки си дадоа отказ од Клиниката за инфективни болести. Документите протекоа и на социјалните мрежи, а во своето барање поднесено на 21.септември, главната медицинска стестра наведува дека една од причините е деградирање на професијата.
-Барам да ми го прифатите отказот од работа, со претходна најава од месец дена, во кој период ќе го користам годишниот одмор од 2019 и 2020 година. Причините да ја напуштам клиниката по 28 години професионална работа се многубројни, но би навела само една: Непочитување и деградирање на профилот медицинска сестра, како една од најважната алка во медицинскиот тим – наведува главната медицинска сестра во нејзиното барање до раководството на Инфективната клиника.
Освен неа, отказ од работните места си дале уште две медицински сестри, едната е на Оддлението за Ургентна инфектологија, а другата од Одделението за неуроинфекции.