Добивај вести на Viber
Германските компании ги предупредија шефовите на европските дипломатии, кои денеска се состанаа во потрага по нови мерки за излез од украинската криза по соборувањето на малезискиот авион, дека нови санкции кон Русија можат само да им донесат штета.
„Во една економска војна против Русија, би постоеле само губитници“, изјавил претседателот на Сојузот на германски средни претпријатија Марио Овен.
Тој нагласил дека ембарго или слични казнени мерки против Русија, пред се би ги погодиле германските извозно ориентирани средни компании. Повеќето од околу 6.300 германски фирми ангажирани на рускиот пазар припаѓаат токму на групата мали и средни претпријатија, прецизира Овен.
Инаку околу 98% од вкупно 350.000 германски фирми-извознички се компании од среден обем, а се проценува дека евентуални засилени економски санкции кон Русија би погодиле секоја четврта од нив.
Министрите за надворешни работи на ЕУ на денешниот состанок во Брисел се очекува да побараат темелна меѓународна истрага за падот на малезискиот авион во источна Украина, но во истовреме да го отворат и прашањето за воведување на дополнителни санкции кон Русија заради нејзината улога во украинскиот конфликт.
Сепак за ова второ прашање земјите-членки на Унијата не се сосема единствени, бидејќи неколку од нив се исклучително заинтересирани да си ги одржат трговските врски со Москва. Повеќето земји, сепак, бараат итно воведување на таканаречената трета фаза од санкциите кон Русија, која вклучува економски и финансиски мерки.
На ваков чекор Унијата ја поттикнува и британскиот премиер Дејвид Камерон, кој јавно се изјасни дека земјите-членки треба да воведат економски санкции и да престанат со продажба на оружје на Русија.
Една од прозваните земји која се соочува со притисок од европските сојузници е и Франција, која веќе има договорена испорака на два воени брода Мистрал за Русија во вредност од 1,2 милијарди евра, од кои првиот треба да биде испорачан веќе есенва.