ГИ ГУБИМЕ И НЕВРАБОТЕНИТЕ И ВРАБОТЕНИТЕ – од година во година се помалку луѓе работат и бараат работа во Македонија
Објавено во: Економија 20 Ноември, 2024
Пазарот на труд во Македонија покажува чудни тенденции. Од една страна имаме намалување на бројот на вработени, а паралелно со него паѓаат и бројките на невработени граѓани.
Во исто време имаме големо намалување и на бројот на активни граѓани, поточно граѓани кои се работоспособни и кои сакаат да работат.
Од некогашните скоро 950 илјади активни граѓани во 2016 година, бројот на лица кои сакаат и можат да работат се намалил под 800 илјади граѓани во текот на минатата 2023 година.
Ова го покажуваат податоците на државниот завод за статистика, каде може да се види, дека имаме пад и на бројот на вработени. Имено во 2016 година биле вработени над 723 илјади граѓани, во текот на минатата година се намалиле на 688 илјади.
Но, невообичаено е што најголемо намалување имаме толку кај бројот на невработени граѓани, кои од некогашните над 225 илјади спаднале на 103 илјади граѓани.
Дури и кај неактивното население имаме намалување. Па таму бројките од 730 илјади граѓани во 2016 година, се намалиле на 723 илјади.
Но, загрижува уште една споредба со бројките кои ги објавува Државниот завод за статистика. Имено, во текот на минатата 2023 година имало повеќе некативни отколку вработени граѓани. Бројот на неактивни граѓани достигнале 723.459 лица, додека бројот на вработени во земјава бил 688.296 лица.
Ова е уште еден сигнал за масовното иселување од земјава, но може да биде и знак дека се повеќе граѓани работат без да бидат пријавени, хонорарно, привремено, или пак се насочуваат кон сеознски работи, при што за дел и понатаму нема евиденција дека се во работен однос.
Ваквите тенденции се присутни и во текот на оваа 2024 година, кога се регистрира намалување на активните граѓани, паралелно со намалувањето на невработеноста.
Од Народна банка во последниот квартален извештај посочуваат оти „во вториот квартал од 2024 година, на пазарот на труд се забележуваат умерени позитивни придвижувања на годишна основа“
- Стапката на вработеност се зголеми на 45,6 проценти, што е повеќе за 0,1 п.п. во споредба со истиот квартал од претходната година, во услови на зголемување на бројот на вработени за 0,3 отсто. Гледано по одделни дејности, најголем придонес кон годишниот раст на бројот на вработени имаат дејностите „земјоделство, шумарство и рибарство“ и „здравствена и социјална заштита“, а поголем пораст има и во дејностите „стручни, научни и технички дејности“, „уметност, забава и рекреација“ и „преработувачка индустрија“. Во поглед на економскиот статус, годишно зголемување на бројот на вработени има кај сите категории, освен кај категоријата „работодавец“, а најголем пораст има кај категоријата „вработени за сопствена сметка“ – укажуваат банкарите.
Укажуваат оти има намалување на работната сила и во текот на оваа година. Од аспект на понудата на работна сила, во вториот квартал од 2024 година активното население забележа пад од 0,4 отсто на годишна основа, придружено со зголемување на неактивното население од 0,5 проценти, со што стапката на активност се намали за 0,2 п.п. на годишна основа и изнесува 52,1 отсто.
- Растот на побарувачката на работна сила, при намалена понуда на работна сила доведе до позначително намалување на невработеноста во вториот квартал од 2024 година. Така, бројот на невработени лица се намали за 5,3 проценти на годишна основа, што услови намалување и на стапката на невработеност, којашто се сведе на 12,5 отсто (13,1 процент во вториот квартал од 2023 година) – се нагласува во извештајот.
П.О.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.