Хотелскиот менаџер Никола Соколовски е назначен за нов директор на ГТЦ
Објавено во: Економија 20 Ноември, 2024
Угостителско-туристичкиот менаџер Никола Соколовски е назначен за нов извршен директор на АД Градски трговски центар. Тој доаѓа на местото на Ѓоко Трајчевски, кадар кој имаше поддршка од претходната власт.
Соколовски од Скопје по вокација е магистар на економски науки произведен на светиниколскиот Меѓународен славјански универзитет. Во последниве две години е оперативен директор на скопскиот „Интернешнл хотелс“ (поранешен „Континентал“ н.з.), а во претходните години ги поминал сите скалила во кариерно напредување во тој скопски хотел во кој почнал да работи во 2010 година.
Истовремено променет е комплетно целиот Управен одбор на шопинг центарот, а сега има седум наместо претходните шест членови. Покрај Соколовски, ќе членуваат уште и Ферик Белули, Јован Лукаров, Катица Грче, Виолета Блажевска, Васе Ангеловски и Александар Тасев.Овие предлози беа изгласани минатата недела од страна на акционерското друштво во државна сопственост. Составот е разнолик и на прво гледање тешко се наоѓа НЗС меѓу неговите нови членови.
ГТЦ е компанија која порано беше трговска гордост на Скопје. И сега е едно од најфреквентните места, но неговата репутација не е ниту сенка од тоа што била пред дваесетина и повеќе години. ГТЦ е компанија која најмногу приходува од одржување што го наплаќа од кираџиите и од корисниците на околу 560 деловни единици (н.з. дуќани, кафиќи, ресторани).
Најголема приходна ставка е паркингот пред приходите од издавање деловен простор. Камен околувратник на државната компанија е превработеноста. А тоа е потврдено и во извештајот на директорите. Но, заради мир во политичките коалиции на власт досега никој не посегаше да го решава најголемиот проблем. ГТЦ има дури 194 вработени, а главна дејност му е да одржува деловни простори во вкупна површина од 46.000 квадратни метри. Безмалку 50 отсто од целиот расход е за плати на вработените.
А.К.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.