ГИ ПОТПИША ДОГОВОРИТЕ ЗА АНЕКСИЈА И ОДРЖА ДОЛГ ГОВОР: Путин директно се обрати до Киев и Западот, а што им порача?
Објавено во: Свет 30 Септември, 2022
Рускиот претседател Владимир Путин официјално објави
анексија на четирите
украински региони каде што
изминативе денови се одржаа референдуми. Тој одржа долг говор во кој
рече дека одлуката на народот на референдумот е неотповиклива и повторно го
критикуваше Западот велејќи дека сака пад на Русија. По говорот, тој потпиша
договори со лидерите на четирите припоени региони - Запорожје, Херсон, Доњецк и Луганск.
- Резултатите се познати. Правото на самоопределување е неотуѓиво право на Доњецката и Луганската народна република, Запорожје иХерсонската област, што е потврдено и со член 1 од Повелбата на Обединетите нации - рече Путин на почетокот на својот говор.
Како што рече, Русија сега има четири нови региони.
- Денеска ќе ги потпишеме договорите за спојување. Ова е волја на милиони луѓе, Русија сега има четири нови региони - рече тој.
Претседателот на Русија рече дека се надева оти Федералното собрание ќе ги поддржи законите за обединување на новите територии со Руската Федерација.
За време на својот говор, Путин ги замоли присутните да одржат едноминутно молчење во чест на сите жртви во Донбас.
Обраќајќи им се на Киев и на Западот, Путин рече: Жителите на регионите ДНР, ЛНР, Запорожје и Херсон засекогаш ќе бидат граѓани на Русија.
Путин понатаму потенцираше дека жителите на Донбас се „жртви на нехумани терористички напади извршени од режимот во Киев“ и ја повика Украина веднаш да ги прекине сите воени акции и војна „што започна во 2014 година“.
- Киев мора да се врати на преговарачка маса. Отворени сме за ова и сме го изјавиле многу пати – рече Путин.
Но, тој исто така нагласува дека граѓаните на Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон го направиле „својот избор“ и вели дека анексија на украинска територија сега не може да се преговара.
Владејачките кругови на Западот ги отфрлија маските и покажаа каква е нивната вистинска природа, оцени Путин и продолжи да ја критикуваат Америка.
Тој исто така рече дека Русија нема да живее според правилата на Западот, кој е русофобичен и „веќе има тројни стандарди“.
- Не сакаат да бидеме слободни. Сакаат да не гледаат како робови – тврди тој.
Владимир Путин ги повторува претходните тврдења дека Западот се обидува да ја фрли Русија на колена од падот на Советскиот Сојуз.
Западот сака да ја преземе Русија со новите валути и технолошкиот развој, тврди тој, додавајќи дека Западот се обидува да ја укине руската култура.
- Тие се немирни што има толку богата земја - рече тој, посочувајќи на огромните руски и други ресурси на Русија.
Путин доцна синоќа потпиша указ за признавање на регионите Херсон и Запорожје како независни територии. Териториите на Доњецката и Луганската народна република беа, како што рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, анектирани во границите од 2014 година, односно во границите во кои Русија ја призна независноста на тие територии во февруари оваа година.
ФОТО: EPA