ЗАГИНАА 38 ЛУЃЕ: Зошто се урна азербејџанскиот авион?
Објавено во: Свет 25 Декември, 2024
Се смета дека судир со јато птици е причина за падот на азербејџанскиот авион кој полета од Баку и требаше да стигне во Грозни, при што загинаа 38 луѓе.
Федералната агенција за воздушен транспорт на Руската Федерација, Росавијација, издаде официјално соопштение во врска со падот на авионот во Актау, Казахстан.
„Денеска, околу 9:30 часот по московско време, авион Embraer 190’ на азербејџанската авиокомпанија AZAL се урна при слетување на казахстанскиот аеродром ‘Актау’, кој се наоѓа на источниот брег на Каспиското Море. Авионот летал од Баку за Грозни. Според прелиминарните информации, по судир со јато птици, поради вонредна ситуација во авионот, пилотот на авионот решил да се пренасочи на алтернативен аеродром избирајќи го Актау за дестинација. Операциите за пребарување и спасување ги вршат оперативните служби на Република Казахстан“, се вели во соопштението на Росавијација.
Росавијација ја одржува комуникацијата со превозникот AZAL, како и со воздухопловните власти на Азербејџан и Казахстан. Повредените завршија во болница.