ГИ СОБИРААТ ВО ЕСЕН, ГИ ПРОДАВААТ ВО ЗИМСКИТЕ МЕСЕЦИ: За производителите на костени годинава беше солидна
Објавено во: Агробизнис 15 Јануари, 2024
Секогаш може подобро, но за производителите на костени, оваа сезона беше солидна. Велат дека родот не беше лош, а костените веќе ги продале. Некој ги продава на големо, некој на мало, а цените варираат.
Костените најчесто се застапени во западниот дел од државата и насадите се стари со децении. Семејствата си обезбедуваат дополнителни приходи за домашниот буџет од продажбата на костени.
„Годинава не беше одлична, но може да се каже дека беше добра. Костените веќе ги продадов. Ако велиме дека годината е добра, тоа значи плодовите да не се ситни и да не ги нападнале штетници, затоа што купувачите бараат квалитет. Најбарани се во ноември, декември, јануари. Јас поседувам 10 до 15 стебла костен. Некои се млади, некои се постари садници кои имаат и над 50 години, а некои се постари и од мене. Сите даваат различен род, но од тие стебла може да имам 150, 200 или 250 килограми костени, зависи од годината. Костените не бараат многу работа, а за собирање се ангажираме со семејството“, вели Драге Аврамовски од гостиварско Вруток.
Билјана Столеска поседува насади во Порече. Вели дека се останати од постарите генерации, а костените веќе ги продале.
„Некои дрвја костен се стари и по 100 години. Костените ги продаваме, се јавуваат заинтересирани од повеќе градови. Ги собираме по 11 октомври, а ги продаваме во зимските месеци. Нив не им одговараат високи температури затоа што се расипуваат, не можат да стојат. Од оваа дејност можеби живеат луѓето во селата во западна Македонија, но тие веројатно си собираат печурки, шумски плодови“, додава Столеска.
Само во дебарско, над 200 семејства одгледуваат костени. Костенот е неизбежен за празничната бадникова трпеза. Граѓаните месецов ги купуваа за 140 или 200 денари за килограм во маркетите или пазарите. Во октомври лани на дел од скопските пазари имало костени и по цена од 120 денари. Македонските костени завршуваат и на странските пазари, пред сè за кондиторската индустрија.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.