Гласањето почна: Стартуваа најнеизвесните избори во Македонија
Објавено во: Македонија 07 Декември, 2016
Од седум часот утрово почна
гласањето за деветтите парламентарни избори во земјава. Првите гласови партиите
ги добија од членовите на избирачките одбори, кои треба да заминат во
дијаспората за да го спроведат гласањето во дипломатско конзуларните претставништва.
Гласањето се врши во просториите на Државната изборна комисија од 7 до 19
часот, а вкупно гласачи на списокот се 325 лица.
Гласањето почна во чудна атмосфера, со многу нејаснотии и незадоволство меѓу граѓаните. Во очи на изборите, се уште стигаат пријави од граѓани за изборни нерегуларности и лажни гласачи во Избирачкиот список.
Најмалку 30 пријави стигнале до граѓанската акција „Ние одлучуваме“, каде граѓаните се јавуваат дека фантомските гласачи кои ги пријавиле се уште фигурираат на нивната адреса. „Ние одлучуваме” ги повикаа институциите да реагираат и да поднесат кривични пријави против ДИК, поради несовесно работење и непостапување по пријавите од граѓаните за бришење на непостоечките гласачи.
„Нашиот тим евидентираше пријави од вработени во државните органи кои пријавија големи притисоци до државната администрација и вработените во јавните институции од страна на политичките партии за присуство на митинзи. Од овие повици, она што можевме да го увидиме е дека постои голем страв од страна на јавувачите да се претставуваат со име и презиме, бидејќи тоа се најчесто вработени со договор на определено време и не сакаат да покренуваат постапки поради страв дека договорот нема да им биде продолжен или дека нивни блиски членови со таков договор ќе бидат избркани од работа“, велат од оваа граѓанска иницијатива.
Дојави за изборни нерегуларносит има и во невладината ЦИВИЛ, од каде алармираат дека гласачи кои биле пријавени пред затворањето на Избирачкиот список, сега без објаснување биле избришани од списокот.
Од ДИК, пак, тврдат дека имаат целосна контрола врз изборниот процес. Од Комисијата демантираат дека се отпечатени 80 илјади пробни гласачки ливчиња.
„Државната изборна комисија ги известува сите граѓани дека изводите од Избирачкиот список се испечатени, проверени, потврдени и потпишани од сите членови на Државната изборна комисија. Исто така, испечатени се и гласачките ливчиња и се пакуваат за достава до надлежните општински изборни комисии во наредните денови“, соопштија од ДИК.
Во петок наутро избирачкиот материјал ќе биде доставен до избирачките места низ целата територија. Од ДИК, на вчерашната средба со премиерот Емил Димитриев, побарале зајакнување на обезбедувањето на оние избирачки места каде нема соодветни услови за чување на избирачкиот материјал. Гласачките ливчиња се во фаза на подготовка за печатење и дека за првпат оваа година на нив ќе има и фотографии од гласачите за полесна идентификација и спречување на евентуални злоупотреби.
Ј.М