ГОРИ НА ПОВЕЌЕ ЛОКАЦИИ: Дали луѓето го послушаа советот да направат заштитни појаси околу викендиците и куќите?
Објавено во: Македонија 28 Јули, 2025 07:44
Во Македонија пожари има на повеќе локации, со денови гори, а дел од луѓето ги заштитиле своите објекти со правење на заштитни појаси, но има и многу што не го сториле истото. Сѐ останува на индивидуалната одговорност и ажурност.
Во скоро сите села има викендички кои огнот може да ги „проголта“ ако пожарите земат замав. Во валандовско Грчиште претходно месецов изгореа штали, а во Орман и Волково огнот зафати куќи. Со денови гори и во Општина Василево.
„Да, има направено појаси овде околу викендиците. Не е голема бројката на викендици, неколку се и се лоцирани надвор од селото. Не постои ризик засега да им се доближи огнот. Со трактори луѓето ораат, ама суво е, се мачат. Би орал и јас, треба да се помогне. Далеку е од нас пожарот. Поблиску е до Висока Маала. Воздушно огнот е на 3 или 5 километри од нашето село“, вели Александар Георгиев од селото Нова Маала, во Општина Василево.
Гори и во други делови на источна Македонија. Во ризик беа доведени и штипските села.
„Има одорано. Кога изби пожар, отидов на лице место и помагав. Сега пожарот е далеку од нас. Огнот е далеку, на 3 до 4 километри од селото. Има викендици, ама заштитени се, далеку е. Прво има шума, па поле, па потоа се куќите. Не е проблем, се организираме со механизација ако треба помош“, вели Дејан Крстовски, претседател на месната заедница во селото Драгоево, во околината на Штип.
Проблем е што во многу села живеат стари луѓе кои не секогаш се во можност да се заштитат.
„Нема кој да изора, луѓето се пензионери. Има пожар во Локвица, Црешнево и во Крапа. Тие се на 10 километри од нашето село. Кога ќе дојде огнот близу, тогаш ќе преземат мерки“, вели Горан Ристески од селото Самков.
Некаде и самата местоположба не дозволува да се направи добар заштитен појас.
„Потекнувам од селото Скачковце, кое е доста испразнето, останати се стари луѓе и искрено ми е страв затоа што секоја година во државава има пожари. Многу лесно може нечија куќа или викендичка да бидат загрозени. Oлеснителна околност е ако во некое село има млада популација што ќе се вклучи во битката со огнот, ако тој се појави, но на многу места не е така, затоа што живеат постари луѓе, пензионери. Околу мојата викедница не направиме појас, едноставно од едната страна има пат, од другата е нерамен терен, удолница, и не е практично за правање на добар појас. Но, видов околу една викендичка дека газдите со трактор си направиле појас за да се заштитат од можни несакани последици“, додава кумановка.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување(ДЗС), Стојанче Ангелов, месецов апелираше до сопствениците на викендички и куќи надвор од градските средини да преземат мерки за заштита од пожари. Истото го повтори и вчера. Им советуваше на луѓето да ја исчистат вегерацијата и со трактори или мотокултиватори да направат заштитен појас околу објектите. Според него, заштитен појас од неколку метри изорана почва може да помогне во случај на пожар. Toa значи околу куќата да се исчисти или намали запаливата вегетација и материјали за да се создаде тампон зона што може да помогне во спречувањето или забавувањето на ширењето на пожарот. Оваа тампон зона, обично широка 30-100 стапки, може да се создаде со расчистување грмушки, косење трева, кастрење дрвја и користење незапаливи материјали. Во Македонија летово има пожари во повеќе региони. Катастрофални пожари имаше лани и во 2021 година.
Сања Атанасовскафото Дирекција за заштита и спасување
Можеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Полицијата го уапси Бујар Дардишта, поранешен директор на Управата за водење на матични книги
Тошковски објасни во кои случаи полицијата ќе одзема возило
Toшковски откри кога „Безбеден град“ ќе се спроведе на целата територија на Македонија
Орце Ѓорѓиевски: Со едногласна одлука, реизбран сум за претседател на ЗЕЛС
ИЈЗ: Кога квалитетот на воздухот е лош – заштитете го вашето здравје!
СДСМ ИЗГУБИ НА СУД ОД МИЦКОСКИ: Апелација пресуди дека изнесувале невистини и клевети против него
ПОВЕЌЕТО ОД ОСУДЕНИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ДОБИЛЕ УСЛОВЕН ОТПУСТ: Издржале повеќе од две третини од казните
Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот




