ГОРИВО, ЦИГАРИ, ПИЈАЛОК: Во екот на туристичката сезона цените во Грција ќе скокнат
Објавено во: Балкан 13 Мај, 2016
Зголемување на цените на стоки и услуги се очекуваат во Грција, откако владата најави нови индиректни даноци и такси на горивата, пијалоците, цигарите, кафето и интернетот.
Тие биле договорени од кабинетот на Алексис Ципрас на вчерашната средба на Европската работна група и ќе бидат вклучени во изготвувањето на нов закон со дополнителни мерки за штедење во вредност од 3,6 милијарди евра. Веројатно тој закон ќе биде изгласан од парламентот до 22 мај.
Од јули Грците ќе плаќаат и повисоко ДДВ. Тоа ќе биде зголемено од 23% на 24%. Поскапувањето ќе ги чини на грчките даночни обврзници 1,8 милијарди евра, што ќе доведе до последователна контракција на нивните приходи и до пад на потрошувачката, пишува .
Повисоките цени ќе се одразат и на туристите, кои имаат намера да летуваат кај нашиот јужен сосед.
Грчката Влада ќе му даде дополнително време за воведување на новиот данок на туристичкиот бизнис. Новата такса за ноќевање во хотелите ќе влезе во сила од 2018 година.
Дополнителните мерки доаѓаат откако парламентот го усвои законот со кој се предвидува воведување на сериозни рестрикции за намалување на платите и пензиите во вредност од 5,4 милијарди евра.
Во врска со овие даночни мерки пазарот ја бие тревога, а туроператорите стравуваат од негативен развој на туристичката сезона и за очекуван пад во индустријата, во споредба со минатата година.